Болоња! Болоња е претопла во јуни, така што продавниците за сладолед работат со полна пареа, а граѓаните на Болоња, покрај традиционалните скутери кои беа заштитен знак на Италија во изминативе децении, сѐ повеќе се вртат и кон помалку бучните велосипеди.
Друг заштитен знак на Италија, покрај неизбежната пица која навистина може да се купи на секој чекор, секако е нејзината кинематографија: Роселини, Висконти, Де Сика, Пазолини, Антониони, Фелини, Бертолучи, Леоне, Торнаторе, браќата Тавијани, Арџенто, Сорентино… да споменеме неколкумина од најзначајните автори. Оттаму, воопшто не зачудува што земја со таква кинематографска традиција има толку квалитетен фестивал – фестивалот во Болоња „Ил чинема ритровато“ (Il cinema ritrovato), на кој, како што веќе споменавме во претходните дописи, можат да се видат реставрирани филмови од сите етапи на досегашната филмска историја.

Така, во рамките на циклусот посветен на еден од првите трагични бунтовници во историјата на филмот – Жан Габен, многу години пред холивудската индустрија да го исфабрикува митот за Џемс Дин, можеа да се видат девет филмови, меѓу кои „Пепе ле Моко“ на Жулијан Дививие, од 1936 г., многу интересно реализирана реалистична мелодрама во која Габен ја толкува насловната ролја на груб, но истовремено и романтичен шеф на подземјето во Алжир, во време на француската колонизација на земјата, филм кој една година по реализацијата ќе доживее и своја холивудска верзија; потоа „Срцето на Лила“, од 1931 г., во режија на Анатол Литвак, режисер со многу интересна биографија кој снимал во Франција, но и во Германија, СССР и САД. Во овој криминалистички филм, комбинација на трилер и мелодрама, работен според драмата на Тристан Бернар и Шарл-Анри Хирш, Габен оствари епизодна, но импресивна ролја на ситен криминалец. Во француско-италијанската копродукција, некој вид комбинација на неореалистична мелодрама, „Ѕидовите на Малапага“ од 1948 г., во режија на Рене Клеман, чие дејство се случува во Џенова, Габен навистина импресивно ја толкува ролјата на Пјер, бегалец од законот кој наоѓа засолниште кај сочувствителната Италијанка Марта и нејзината ќерка Чекина.

Во филмот „Мари од пристаништето“, од 1949 г., во режија на прочуениот Марсел Карне, работен според романот на Жорж Сименон, Габен исто оствари импресивна улога, која ја повтори во уште еден филм работен според новела на Сименон, филм за неговиот популарен лик инспекторот Мегре – „Мегре поставува стапица“, од 1957 г., во режија на Жан Деланоа, филм кој на публиката во Болоња ѝ го претстави францускиот режисер Бертран Таверние, психолошки трилер во кој инспекторот Мегре, по долга и напната потрага успева да го разоткрие серискиот убиец, но, истовремено и психолошките причини за неговата незавидна состојба.

На главниот плоштад Пјаца Маџоре, на отворено, на големо платно, под ѕвезденото небо на Болоња, пред повеќе илјади гледачи, во исклучително спарните вечерни термини, беше проектирано нетипичното ремек-дело на италијанскиот неореализам со надреалистичниелементи „Чудото во Милано“, од 1951 г., во режија на Виторио Де Сика. За филмот, реставриран во Кинотеката во Болоња, воведен збор имаше ќерката на Де Сика – Еми, симпатична старица која се потсети на младоста покрај нејзиниот славен татко. Особениот хумор на гротескните протагонисти на Де Сика во „Чудото во Милано“, филм работен според романот на Чезаре Цаватини, предизвика делириум од смеење кај публиката која не можеше доволно да се изнарадува на суптилната иронија на Де Сика, во која на бајковит начин сосема сиромашните граѓани на Милано им се спротивставуваат на богатите капиталисти во ерата на власта на Мусолини.
(продолжува)
