Болоња! Болоња во јуни е филмски град, се разбира, благодарение на „Ил чинема ритровато“, фестивалот на новореставрирани филмови.
Годинава, на фестивалот се проектираа филмови на следниве режисери и актери, или документарни филмови за нивното творештво, или се одржаа предавања за нивната уметност: Музидора, Жан Габен, Серџо Леоне, Дививие, Менцел, Маноел де Оливеира, Хенри Кинг, Софија Лорен, Жан Реноар, Таверние, Хјустон, Де Сика, Фајст, Мамулијан, Јусеф Шахин, Анатол Литвак, Елија Казан, Рене Клер, Фелини, Мастројани, Џулиета Мазина, Џон Форд, Марко Ферери, Џорџ Маршал, Едуардо Де Филипо, Денис Хопер, Мориц Стилер, Хичкок, Пабст, Вилијам Вајлер, Рајмон Бернар, Бад Бетикер, Роџер Корман, Буњуел, Винсент Минели, Рене Клеман, Гидеон Бакман, Клаудија Кардинале, Ходоровски, Китон, Жак Турнер, Деланоа, Бертолучи, Марко Белокио, Дејвид Линч, Џани Амелио, Стенли Донен, Јиржи Трнка, Роми Шнајдер, Џозеф Котен, Вилијам Холден, Џејмс Стјуарт, Марлен Дитрих, Ф.Ф. Копола, Дарио Арџенто, Чаплин, Теренс Јанг, Стерлинг Хејден, Клод Отан-Лара, Жан Епштајн, Николај Достал, Жорж Франжу, Андре де Тот, Агњес Варда, Сем Пекимпо, Франк Борзаџ, Џон Касаветис, Џејн Кемпион, Бајрон Хескин, Макс Офлис и многу, многу други.

Честа на балканската кинематографија ја одбрани Александар Петровиќ со новореставрираната верзија на неговото најпознато остварување „Собирачи на перја“ (Скупљачи перја), легендарен филм од 1967 г., со Беким Фехмиу во главната ролја.
Покрај тоа, за наградата што ја доделува Кинотеката на Болоња, за најдобро ДВД или блуреј издание, во конкуренција беше и ДВД-изданието на Кинотека на С. Македонија со филмовите на режисерот Кирил Ценевски: „Црно семе“, „Јад“, „Оловна бригада“ и „Јазол“. Признанието за најдобро издание го доби блуреј изданието на Критерион колекшн, „Киното на Ингмар Бергман (Шведска, 1946-2003)“, составено од триесет блуреј дискови, на кои, покрај севкупното филмско творештво на шведскиот режисерски маг, се наоѓаат и многу интервјуа и документарни филмови, како и придружен буклет на 248 страници.

Покрај програмите „Жан Габен, со сините очи“, „Новооткриени и реставрирани“, „Вилијам Фокс ви претставува: Нови откритија од Фокс филм корпорацијата“, „Душа и занает: Портрет на Хенри Кинг“, „Брутален, насилен и лош: Ноарот на Феликс И. Фајст“, „Неаполитанецот во Чинечита: Едуардо де Филипо како синеаст“, „Јусеф Шахин – последниот арапски оптимист“, „Бастер Китон!“, „Документи и документарци“, „Врати ни се Музидора“, „Пред сто години: 1919“, „1899: Година четврта на кинематографијата“, „Жорж Франжу: Документаризмот над реалноста“, „16 мм – Големиот мал чекор“, „Слободно кино, ФЕСПАКО 1969-2019“, „Родени сме во Тризониа: Откривајќи ја кинематографијата на Западна Германија, 1945-49“, „Под небата на Сеул: Златното доба на јужнокорејската кинематографија“, „Реткриено кино: Деца и млади“, „Сто прашања за Фелини“ итн., на фестивалот „Ил чинема ритровато“, особен интерес предизвика програмата „Во потрага по бојата на филмот“, која се проектираше исклучиво на стари копии од 35 мм филмска лента и во која беа прикажани изданија во „техниколор“, „истманколор“, „хронохром“ итн. Меѓу другите, во оваа програма грижливо одбрани стручни лица од Филмскиот архив на академијата од Лос Анџелес пред публиката во Болоња ги презентираа холивудските класици: „Беки Шарп“, од 1935 г. во режија на Роберт Мамулијан, првиот долгометражен филм снимен во техниколор според романот „Панаѓур на суетета“ на Вилијам Такереј; потоа „Под знакот на јарецот“ (Under Capricorn), од 1949 г., според истоимениот роман на Хелен Симпсон, сага на Алфред Хичкок за австралиското општество во 19 век, еден нетипичен хичкоковски филм што предизвика толкаво внимание кај публиката што кино салата „Арлекино“, каде што беше проектиран, беше претесна за да ги прими сите заинтересирани; вестернот „Осамениот јавач“ (Ride lonsome), на Бад Бетикер, од 1959 г., со Рендолф Скот, Џејмс Кобурн и Ли Ван Клиф во главните ролји; „Маската на црвената смрт“, хорор ремек-делото на Роџер Корман, од 1964 г., снимен според расказот на Едгар Алан По; „Патот на гаучото“, според истоимениот роман на Херберт Чајлдс, еден „аргентински“ вестерн од 1952 г., во режија на Жак Турнер; романтичниот мјузикл „Жижи“, од 1958 г., во режија на Винсент Минели, според истоимениот роман на Де Колет, филм чие дејство се случува во Париз и кој своевремено го држел рекордот со дванаесет освоени оскари, со Лесли Керон и Морис Шевалие во главните ролји; „Недискретен“, од 1953 г., уште еден извонреден мјузикл на Стенли Донен, проектиран во негова чест по повод смртта неколку месеци порано, со Ингрид Бергман и Кери Грант во главните ролји; „Доктор Но“, филм на Теренс Јанг од 1962 г., со Шон Конери и Урсула Андерс во главните улоги, се разбира, за тајниот агент Џемс Бонд; „Мулен руж“ на Џон Хјустон од 1952 г.; „Дивата орда“ на Сем Пекимпо од 1969 г., „Ел топо“ и „Светата планина“ на Алехандро Ходоровски и многу други.

Сепак, кулминативна точка на фестивалот, без сомнение, беше мастеркласот на американскиот режисер Френсис Форд Копола, човек од итало-американско потекло чие крстено име е Франческо. Повод за неговото гостување во Болоња беше реставрацијата на неговото ремек-дело, филмот „Апокалипса денес“, кој беше проектиран на отворено, на Пјаца маџоре. Самиот Копола ја раскажа приказната за овој филм кој ја прикажува војната во Виетнам од друг агол. Имено, кога го снимил, заради мноштвото снимен материјал, му требало многу време за да го измонтира, заради што, под притисок на јавноста, т.е. новинарите, и продуцентите, не сосема довршен го пуштил на фестивалот во Кан каде што тричасовната верзија на филмот ја добива главната награда – „Златната палма“. Повторно под притисок на продуцентите, но и под закана дека ќе загуби сè што има затоа што сè што имал спечалено вложил во филмот, во 1979 г., Копола монтира скусена верзија на филмот од која отстранил многу снимени сцени – тоа е онаа верзија што сите ја знаеме. Во 2001 г., Копола монтира нова верзија на филмот, во која ги вклучува сите претходно исклучени сцени и уште неколку нови и оваа верзија е подолга за педесет минути од претходната. Годинава, Копола ја прави конечната верзија на филмот (Final cut), во која не влегуваат сите претходно исфрлени сцени и која трае точно три часа. Токму оваа, финална верзија на „Апокалипса денес“ беше прикажана на плоштадот во Болоња пред неколку илјадна публика.

Копола, некогашниот ученик на Роџер Корман, се потсети и дека режијата на „Кум“ ја добил исклучиво заради неговото италијанско потекло и дека филмот, кој подоцна ќе се развие во култната трилогија за гангстерското семејство Корлеоне, воопшто не бил планиран како голем филм.
Копола, зборувајќи за неговата фасцинираност од филмската уметност, нагласи дека отсекогаш му било незамисливо да направи листа на десет најомилени филмови, затоа што неговата листа би содржела илјада или две илјади наслови. Зборуваше Копола и за филмските влијанија, нагласувајќи дека и денес, на осумдесетгодишна возраст, се чувствува како ученик. „Роден сум во 1939 г. и мојата генерација се најде во средина на две особено силни тенденции во филмот. Прво, холивудскиот филм, во времето кога американскиот филм се пресели во Јужна Калифорнија. Јас одев во кино со брат ми, со сето семејство, и сите бевме одушевени од начинот на реализацијата на филмовите. Имаше големи режисери како Вилијам Вајлер, Кинг Видор, Били Вајлдер, Џон Хјустон, Џорџ Стивенс – сите тие востановија една голема традиција на холивудскиот филм, реализирајќи многу прекрасни филмови. Истовремено, се запознавав и со еден друг вид на филмови, оние што доаѓаа од Европа и од Јапонија. Се работеше за филмови многу поразлични од американските, беа многу повеќе лични, најчесто посветени на општествените прашања, особено оние италијанските. Немам доволно прсти на рацете и нозете за да ги набројам сите големи италијански режисери: Фелини, Роселини, Антониони, Моничели, Герми, Бертолучи, Белокио, ги има сигурно четириесетина! Чувствувам дека мојот однос кон италијанската кинематографија почна кога разбрав дека филмовите можат да бидат инспирирани не само од американската традиција, но и од една традиција различна и нова“.

Големиот режисер, кај кого нема никаква трага од вообразеност, на неговиот мастерклас им овозможи на сите студенти по филм да му постават по едно директно и кусо прашање во врска со филмскиот занает/уметност, и сите ги удостои со одговор. Меѓу најинтересните одговори секако спаѓа оној во кој на еден студент, кој го праша каква порака треба да носи филмот, му одговори дека пораките се испраќаат по пошта, а не на филм. На сите останати студенти им порача дека за да направат филм, со можностите што денес ги нудат новите технологии, потребена им е само екипа составена од пријатели, луѓе на кои им веруваат, луѓе од нивното окружување, и – храброст!
Со големиот Копола завршува и овој серијал од шест патеписни белешки од 33-тото издание на филмскиот фестивал „Ил чинема ритровато“ во убавата Болоња. Arrivederci Bologna!
(крај)
