ДУНДО МАРОЕ И АЏИ ЈАНКУЛА ОДАТ ВО ЊУЈОРК

– за филмот АНОРА (2024) на Шон Бејкер –

 

АНОРА /Anora/, САД, 2024

режија и сценарио: Шoн Бејкер (Sean Baker)

Улоги: Мајки Медисон, Марк Еделштајн, Јура Борисов, Карен Карагулијан, Ваче Товмасијан, Алексеј Сребрјаков (Mikey Madison, Mark Eidelstein, Yura Borisov, Karren Karagulian, Vache Tovmasyan, Aleksei Serebryakov)

 

За време на примањето на Златната палма за неговиот филм АНОРА, л. г. 2024, – доделена од жири во кое претседателка беше барбиката Грета Гервик (Greta Gerwig), а од попознатите членови би ги спомнал Надин Лабаки (Nadine Labaki), Хироказу Корееда (Hirokazu Kore-eda) и Ебру Џејлан (Ebru Ceylan) – режисерот Шон Бејкер (Шон како Конери, не Шин како Мартин: https://www.youtube.com/watch?v=9AG83v6QIEY) призна дека не е сигурен што ќе работи следно откако ја достигнал целта што планирал да ја достигне во следните 30 години. И така Бејкер ќе признае дека Златната палма на Канскиот фестивал е светиот грал на независната продукција, а парите за Холивуд. Оскар е океј, ама она што се брои е Палмата, евентуално венецијанскиот Лав. А и во Кан, сепак, сè се врти околу парите. На 25 мај завршува Канскиот фестивал, а на 26-ти веќе почнува трката за гран-прито во формула 1 во Монако (кој е на еден час од Кан, па голем број посетители на трката го користат Кан и околните монденски места на Азурниот Брег како база за престој), во јуни доаѓаат газдите на јахтите закотвени преку зима на Азурниот Брег, на крајот на јули доаѓа Тур де Франс, потоа фудбал (Ница е во Прва лига), индустрија, мода, трговија… и така парите се тркалаат преку цела година и го тркалаат светот. А известувачите од Канскиот фестивал годинава известуваа дека и темите што ги обработуваа поголемиот дел од прикажаните филмови се вртат околу парите, па така и годинешниот палмоносец АНОРА.

АНОРА е лоциран и снимен во Њујорк, во еден секс клуб, поточно Хедквотерс клубот во Мидтаун Њујорк – клуб за џентлмени како што сопствениците и вработените милуваат да биде нарекуван (доколку користиме еуфемизам колоквијалниот назив е стриптиз клуб, а доколку пак го избегнеме еуфемизмот, клубот можеме да го викаме и куплерај; дополнително, на читателите што преферираат жени им го препорачувам инстаграм профилот на клубот), во една раскошна вила и во Брајтон Бич – Њујорк, местото каде што се наоѓа најголемата руска емигрантска комуна во Њујорк. Оваа заедница е толку голема што (голем) дел од оваа заедница не го знае англискиот јазик од едноставна причина затоа што не им треба, а не им треба затоа што натписите таму се на руски: алиштата, храната (секако), па дури и упатствата за употреба на машините за перење алишта во оние нивни, американски, перални-сушарници за алишта се на руски. Забавен факт – што би рекол Шелдон.

Анора е сексуална работничка со руски корени, трета генерација. Знае малку руски, баба ѝ ја научила. „Клубот“ за господа во којшто работи, т.е. „танцува за пари“, ѝ обезбедува дополнителни приходи со работа после работното време и така ќе се запознае со еден шармантен, симпатичен, млад и (најпресудното за заплетот) богат дечко од Русија. Тој се претставува себеси како мафијаш, а очигледно е дека е мамино синче на татко олигарх. Така се потенцираат различните причини за емиграција. Она што порано, на крајот на 19 и почеток на 20 век била економска и/или политичка емиграција и чиј претставник е Анора, сега е извитоперено во Иван, расипикуќа којшто безидејно живее од којзнае како (авторот не имплицира никаква политика во филмот) стекнати пари на неговите родители. Времињата се промениле. Сексуалната работничка не се стигматизира, тоа е чесен занает и занаетот носи замки на кои некогаш не може да им се одолее, особено кога си млад, на пр. да се вљубиш. Двата ликови се прикажани со огромна доза на емпатија. Емпатија кон Анора и нејзината желба да го живее својот живот што подобро може и истото го имаме и кај Иван, но со сосема поинакви мотиви. Анора работи, се дружи со колешките (не се сите добронамерни, тоа се подразбира, како во секој работен колектив)… Иван игра видео игри, организира забави, се дрогира, пие, се расфрла со пари и ги плаќа своите задоволства, вклучувајќи ја и Анора. Треба ли да се каже дека ќе се вљубат? Или мислат така? И сè ќе биде во ред додека за врската не дознае руското семејство коешто веднаш го пали приватниот млазен авион и доаѓа во Њујорк. Во меѓувреме, американските гавази на руското семејството, руско-грузиски емигранти, се обидуваат да ја поправат работата, односно да ја прекинат врската, ама тие не се толку страшни како што обично се типизирани Русите во американските филмови.

Мајки Медисон во улогата на Анора е одлична. Ја познавам од ПОДОБРИ НЕШТА (серија на Луис Си Кеј што иде/ше на ХБО), но оваа улога е сосема поинаква од таа што ја игра/ше во оваа серија. Ќе изјави дека Анора е сосема поинаква и од она што таа е и дека ликот е изграден од корен. Не се сомневам. За да ја подготви улогата висела (за првпат во живот) по секс клубови, ги „демнела“ стриптизетите и разговарала со професионалките. Нејзиниот (посветен) татко лично ѝ поставил шипка во нејзината соба за да може да вежба и да изгледа природна во „чепењето нашипка“. И Марк Еделштајн (млад руски тинејџ-ѕвезда актер) се наоѓа себеси во улогата на разгалениот Иван. Внесува ведрина во филмот, ведрина којашто во втората половина на филмот ќе стане горчлива. И така, филмот може условно да се подели на два делови. Првиот е оној за сексот, а вториот е оној за бракот и неговиот распад. Мајки Медисон ќе каже дека во сценариото за филмот сцените си биле разработени, но кога доаѓало до секс сцените, во сценариото т.е. во книгата на снимање, стоело ВОДАТ ЉУБОВ. Овие сцени биле целосно импровизирани. Сè зависело од хемијата на двата актери. „Мизансценот“ го пробувале облечени, а потоа снимале. Поради првиот дел и изобилието на еротски сцени, не жалам што не отидов во кино филмот да го гледам со мојот возрасен син. Вториот дел е оној во руската заедница и иако филмот преку целото негово течение ги хуманизира Русите, токму вториот дел тоа го потенцира. Русите во овој филм не се роботи што убиваат луѓе или бездушни војници. Сепак тие се луѓе со сите свои мани и доблести. Робови се на своите убедувања и општества од кои потекнуваат, но не се дехуманизирани, напротив. Во филмот не гледаме лик ала Раде Шербеџија, иако тој би можел да го игра и Иван и таткото на Иван, ако не и Анора одеднаш.

Иако многумина го поистоветуваат со УБАВА ЖЕНА (Pretty Woman, 1990, Garry Marshall), а истото жена ми го кажа наглас уште за време на проекцијата, мене пак АНОРА ме потсети, колку и да звучи банално, на „Дундо Марое“ од Марин Држиќ, односно „Солунски патрдии“ од Миле Поповски (македонизираната верзија на „Дундо Марое“). Богат чорбаџиски син оди во Рим/Солун (Њујорк како новиот Рим, што би рекол Копола) каде што се вљубува во белосветска ченгија и го троши азното на татка си наместо да печали. Сепак да не ве залажувам, аналогијата држи ама се работи за сосема поинакво дело и стил иако коренот на приказната е тој (има ли нова приказна?) и не би можел повеќе да се согласам со Николас Раполд (Nicolas Rapold) од „Сајт енд саунд“ (Sight & Sound) кој ќе напише дека „оваа победа (мисли на победата на Кан) е апотеоза на современиот американски инди филм, за генерација филмаџии дојдени по ловориките за СЛОН (Elephant, 2003) на Гас Ван Сант (Gus Van Sant), но уште поспецифична е апотеозата на посветеноста на Бејкер да ја портретира, со вистински синеастички ентузијазам, американската борба да се преживее.“ И да, и јас мислам дека е дојдено времето на новата генерација американски инди синеасти. И добро е што Кан им дава ветер во грбот, а и „Сајт енд саунд“ го прави истото со тоа што АНОРА го прогласи за второрангиран на листата од 50 најдобри филмови за оваа година.

АНОРА ќе биде прикажан во Кинотека на 18 декември 2024 година со почеток во 20 часот.

 

Владимир Љ. Ангелов