ЗАДОВОЛСТВОТО НА ФИЛМОТ: ПРЕД ДОЖДОТ

– по повод Јубилејот „30 години од ПРЕД ДОЖДОТ“ на Милчо Манчевски –

Прво, би сакала искрено да им ја честитам 30. годишнина на ПРЕД ДОЖДОТ на Милчо Манчевски и неговите соработници, кои му го донесоа ПРЕД ДОЖДОТ на светот.

Игуменот во манастирот на Кирил го спомнува дождот кога зборува за пукањето во далечина. Сите три епизоди на филмот го покажуваат крвопролевањето – првата и третата се особено трагични, бидејќи во првата Замира е убиена од членови на нејзиното семејство, а во третата Алекс е убиен од братучедот. Филмот ни покажува дека луѓето може да ги мразат своите луѓе. Нивната омраза станува интензивна, се чувствуваат предадено, кога ќе видат како членови на нивното семејство и роднини ги кршат правилата за да им помогнат на непријателите. Штом општеството ќе се подели, луѓето сакаат да ја продолжат ваквата поделба. Откако филмот беше снимен пред триесет години, колку многу вакви примери го преплавија светот?

Втората епизода прикажува како сопругот на Ен, Ник, е жртва на случајно убиство во ресторан во Лондон. Оваа ситуација го отвора прашањето за мотивот на убиецот – странец којшто зборува на туѓ јазик. Дали ова убиство е предизвикано затоа што сторителот чувствува отуѓеност, го одбира масовното убиство како одмазда, надвор од неговата лична расправија со келнерот? Филмот не ни дава јасен одговор, но покажува дека случајни убиства може да се случат било каде, во секое време, со што се дел од современиот човеков живот. Во претходната епизода, желките се жртви на детската игра со оган. Убиствата се гледаат насекаде, а сето ова почнува со случајни постапки уште на млада возраст.

ПРЕД ДОЖДОТ ги поттикнува гледачите да дојдат до повеќе толкувања, што го прави филмот подлабок и подопадлив. Има и загадочни сцени. Што сака да долови момчето на ридот со неговиот фото апарат? Претпоставуваме дека ги фотографирал Замира и Кирил, како и униформираните лица што веројатно го истражуваат случајот. Но како овие слики се најдоа на бирото во фото студиото на Ен? Гледаме и жена што стои на ридот и го набљудува погребот, а подоцна дознаваме дека тоа е Ен, која најверојатно долетала во Македонија по Алекс. Но не сум сигурна затоа што приказните и временските текови се испреплетуваат. На тоа нè потсетува изјавата на монахот од манастирот, која што потоа повторно ја гледаме на ѕид во Лондон: „Времето никогаш не умира. Кругот не е тркалезен.“ Филмот не дава лесни одговори и ги поттикнува гледачите на размислување.

Одредени преклопувања на сликите се интригантни, нè водат од една во друга епизода. Желката во аквариумот во ресторанот во Лондон нè потсетува на желките што се жртви на децата во близина на манастирот. Украсеното бонсаи дрво во истиот ресторан нè поврзува со впечатливите слики на дрвото зад телото на Замира, и на едно друго дрво со карактеристичен облик што се гледа од вратата на трлото и во близина на телото на Алекс.

Бев навистина импресионирана од филмската техника на Милчо – флуидниот кадар што ги следи двајцата љубовници во таксито, направен од другата страна на прозорците, се сече со извонредната слика на нив двајца како седат, и постојано оди напред-назад меѓу овие слики. Урбаниот пејсаж што брзо се одразува на прозорското стакло, што се преклопува со сликата на Ен и Алекс, е евокативен, а во истовреме и несигурен. Уште една впечатлива сцена е снимена внатре во манастирот кога упаѓа група на вооружени селани – сликите на селаните во крупен кадар се испреплетени со прастарите слики на светците на ѕидот. Оваа секвенца потенцира дека дури и едно мирно светилиште може да би нарушено од неразумно насилство, што се повторува низ историјата.

Филмот почнува со цитат од книжевното дело на Меша Селимовиќ: „Со крик птиците бегаат преку црното небо, луѓето молчат, крвта ме боли од чекање“. Бидејќи не сум стручна за балканската историја и литература, не можам да ја доловам длабоката конотација во врска со филмот. Но чувствувам дека овие зборови го одредуваат тонот на филмот – очекување, вознемиреност и немир. Тешко е овие апстрактни концепти и емоции да се визуелизираат со филмски слики, но Милчо ова го прави одлично низ целиот филм.

Верувам дека филмовите треба да ги инспирираат гледачите да гледаат и слушаат пошироко од она што го претставуваат визуелните и аудитивните слики на екранот. ПРЕД ДОЖДОТ го прави ова толку елоквентно и нè потсетува на бескрајните можности на филмот.

Дури и некои детали се индикативни. Спомнувањето на „Алстер“ во разговорот меѓу Ник и главниот келнер во ресторанот веднаш ни ги доловува сликите на превирањата во Северна Ирска, со што нè потсетува на постојаните насилни битки што се случуваат низ светот. Кога го слушнав Алекс како на велосипедот си ја потсвирнува мелодијата на „Raindrops Falling on My Head“ од филмот „Буч Кесиди и Санденс Кид“ од 1969 година, мислите веднаш ми одлетаа кон задоволството што го предизвикува дождот, а потоа кон дискретната љубов на Алекс кон Хана, што е паралела на скриените чувства на Буч кон Ета. Гледаме и друг велосипедист, човекот што ги доставува писмата во селото, кој си ја потсвирнува мелодијата на Интернационала, револуционерна песна што повикува на меѓународна солидарност на работниците. Овој пат ќе се потсетиме дека солидарноста на луѓето не е лесна задача во војна. Милчо ни нуди повеќе извори што ќе ги прошират нашите размисли, а во исто време го прави ПРЕД ДОЖДОТ безвременско сведоштво за човечките состојби.

 

(Забелешка): Авторката сака да им се заблагодари на Јоичиро Такахаши и Ајако Оку за стимулативната дискусија за „Пред дождот“.

 

Кјоко Хирано