Со проекцијата на оскаровскиот филм НИЧИЈА ЗЕМЈА (Ničija zemlja/No Man’s Land) на Данис Тановиќ, во петокот во Кинотеката на Македонија започна Неделата на босанскохерцеговскиот филм.
Освен НИЧИЈА ЗЕМЈА, тука е и првенецот на Емир Кустурица СЕ СЕЌАВАШ ЛИ НА ДОЛИ БЕЛ (Sjećaš li se Dolly Bell), кој доби „Златен лав“ во Венеција за дебитантски филм, како и филмовите кои ги одбележаа шеесеттите, седумдесеттите и осумдесеттите години во босанскохерцеговската и југословенска кинематографија. БИТКА НА НЕРЕТВА (Bitka na Neretvi) на Вељко Булаиќ (Veljko Bulajić), ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ (Žena s krajolikom) на Ивица Матиќ (Ivica Matić) и ГЛУВ БАРУТ (Gluvi barut) на Бахрудин Бато Ченгиќ (Bahrudin Bato Čengić).
За репрезентативниот избор на насловите за Неделата на босанскохерцеговски филм во Кинотеката на Македонија говори нашата гостинка Девлета Филиповиќ, директорка на Кинотеката на Босна и Херцеговина.

- Филмот НИЧИЈА ЗЕМЈА ја доби важната светска награда Оскар. Иако БиХ не го финансираше овој филм, авторот Тановиќ, темата за војната 1991-1995 година, актерите и други параметри го сместуваат во БиХ кинематографијата. Дебитантскиот филм на Кустурица СЕ СЕЌАВАШ ЛИ НА ДОЛИ БЕЛ е филм за Сараево од социјалистичкиот период. Приказната толку убаво го опишува милјето на една заедница на маргините на животот. Филмот го покажува сјајот и бедата на животот на таа сараевска периферија. ГЛУВ БАРУТ на Бато Ченгиќ иако ја доби наградата за најдобар филм на најважниот фестивал во екс Југославија (Пулскиот фестивал), тогаш помина некако незабележано, бидејќи веќе беа започнати политичките превирања и распадот на СФРЈ. А тематика на филмот, за жал, е актуелна до ден денес: судирот на две идеологии во БиХ. Што да се каже за БИТКА НА НЕРЕТВА на Вељко Булаиќ, а што не е веќе кажано? Што се однесува до ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ на Ивица Матиќ, тоа е еден толку добар филм што апсолутно заслужува да биде во овој избор. ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ е единствениот игран филм на преранопочинатиот Матиќ, а Здружението на филмските работници на БиХ ја наслови нивната награда „Ивица Матиќ“, кој првенствено беше кинематографер.
Ако овој избор за некои е увид во „подоброто минато“, каква е сегашната ситуација во БиХ кинематографија?
- Мислам дека има одлични современи филмови кои добија награди на светските фестивали. Сепак, го направивме овој избор филмови затоа што сметавме дека треба да потсетиме на нашето заедничко минато, кое силно нè поврзува. Секогаш кога доаѓам во Скопје, никогаш немам чувство дека сум во странска држава.
