Актерот Благој Веселинов, кој со „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески веќе две години ја освојува фестивалската и кино-публиката во Европа и светот, беше дел и од престижната програма „Shooting stars“ (Ѕвезди во подем“) на 69то Берлинале (7-17 февруари).

На синоќешната промоција на новите европски актерски ѕвезди, Веселинов и 9 други актерски надежи од Европа беа топло пречекани на фестивалската гала вечер, чија домаќинка беше познатата американска продуцентка Марта де Лаурентис. Добредојде во светот на европските ѕвезди им посакаа и Дитер Кослик, долгогодишниот директор на Берлинале, и Моника Гритерс, министерка за култура и медиуми на федералната германска влада.

Наградите им ги врачија членовите на жирито за годинешната програма, македонската режисерка Теона Стругар-Митевска и исландскиот актер Ингвар Сигурдсон. Жирито го сочинуваа американскиот кастинг-директор Ејви Кофман, филмската критичарка Тара Карајица од Србија, Теона Стругар-Митевска, ирскиот продуцент Мекдара Келехер и Ингвар Сигурдсон, кој беше избран за европска ѕвезда во 1999.
Благој Веселинов, освен на берлинската церемонија, имаше одличен публицитет и во медиумите како VARIETY и SCREEN INTERNATIONAL.

Програмата за европските таленти EUROPEAN SHOOTING STARS 2019, која го имаше 22то издание, е помогната од КРЕАТИВНА ЕВРОПА-МЕДИА, програма на Европската Унија, и од ЕФП (EFP – Europian film promotion). EUROPEAN SHOOTING STARS 2019 се помогнати од членките на ЕФП: Данскиот филмски институт, Естонскиот филмски институт, Германскиот филмски институт, Исландскиот филмски центар, Ирскиот филмски фонд, Македонската агенција за филм, Норвешкиот филмски институт, Полскиот филмски институт, Филмскиот центар на Србија и Шведскиот филмски институт.
Претходно, оваа награда ја имаат добиено и Лабина Митевска (2009) и Наташа Петровиќ (2011).
