Болоња! Болоња го добила името според воинственото келтско племе Бои, што уште во старата ера ги истерало Етрурците од градот Фелсина. Кога Римјаните, сè уште пред нашата ера, го зазеле градот, според Боите, го нарекле Бононија.

И, во таа некогашна Бононија, денес Болоња, во која голем дел од средновековните градби се адаптирани во хотели или пренаменети за други потреби, а неколкувековните засводени пасажи ги штитат минувачите и од силниот летен дожд што знае да изненади во ова време од годината, но истовремено и од немилосрдното сонце, токму во таа Болоња, во тек е 33-тото издание на филмскиот фестивал на новреставрирани филмови – „Ил чинема ритровато“ (Il Cinema Ritrovato).
И, како и на секој добар фестивал, човек не знае што попрво да види од понудената програма. Во киното „Арлекино“ игра „Беки Шарп“ на Рубен Мамулијан, а во истото време, во киното „Џоли“ на програмата е вестернот „Тројца лоши луѓе“ на Џон Форд. Додека во салата „Мастројани“ во Кинотеката може да се гледа филм-ноар на Феликс Фајст – „Човекот што се излажа себеси“, во салата „Скорсиз“ игра „Мулен руж“ на Џон Хјустон, а во салата „Дамслаб“ има предавање насловено „Шах-мат: Во потрага по Јиржи Менцел“. На Пјаца Маџоре во вечерниот термин игра некој класик што не смее да се пропушти, додека истовремено, на малиот плоштад „Пазолини“ има проекција на нем филм, на стар проектор од епохата, придружена со соодветна музика што претставува своевидна филмска временска машина, итн., итн.

Идејниот творец на фестивалот и негов директор – Џан Лука Фаринели, во избалансираната програма што ја нуди, особено внимава на фестивалот, покрај реставрираните западноевропски и американски филмови, да бидат застапени и филмови од Источна Европа, годинава претставена преку неколку дела на веќе непостоечката источногерманска кинематографија, но и на Русија и Полска, потоа филмови од Азија – годинава фокусот е на јужнокорејската кинематографија, и на Африка – која е претставена со неколку значајни реставрирани филмски остварувања од Египет и Мавританија.
И, според вообичаената практика за фестивали од овој калибар, фестивалот почна со неколку проекции уште пред официјалното отворање кое нема ништо од помпезноста на комерцијалните фестивали. Така, на Пјаца Маџоре, на отворено, на големо платно беше прикажан сосема нов филм – „Рома“ на Алфонсо Куарон, а веќе следниот ден публиката можеше да бира меѓу класичниот шпагети-вестерн на Серџо Леоне „За долар повеќе“ во киното „Арлекино“ или „Возење“ на американскиот режисер Николас Виндинг Рефн, кој на Пјаца Маџоре, во најавата на филмот се појави облечен во куси панталони и сако.

Од неколкуте предавања и средби со публиката што се одржаа деновиве, вреди да се спомене она на големиот француски режисер Бертран Таверние, насловено како „Филмот според Таверние“, во кое авторот на „Капетанот Конан“ и „Сѐ почна денеска“ критички се осврна на состојбите во современата кинематографија. Исто така, долгогодишниот филмски новинар на РАИ, Винченцо Молика – кому, што не е честа практика, му беше врачена и фестивалска награда, како долгогодишен близок пријател на Федерико Фелини – во особено емотивното предавање што предизвика овации на публиката и солзи на раскажувачот, под наслов „Пред да заборавам сѐ“, се потсети на многу интересни мигови од дружбата со Фелини, нагласувајќи дека неговите филмови се, пред сѐ, спој на сликарството и поезијата. Зборуваше Молика и за тоа дека сакал Фелини да ги вклучи и Битлси во неговиот „Сатирикон“, дека подоцна имал и готов спот за Пол Мекартни, дека Нино Рота постојано заспивал на проекциите на филмовите на Фелини за кои потоа пишувал извонредна музика, за карактерот на Фелини кој бил вљубен во циркусот, но во циркусот не како забава туку како уметност, итн., итн.

Од многубројните документарни филмови што деновиве беа прикажани на фестивалот, ги издвојуваме „Моето име е Елија Казан“, на француските автори Лабарт и Анезен, како и двата оособено духовито реализирани документарни филмови на Гидеон Бакман за Фелини: „Фелиникон“ и „Чао Федерико“, направен за време на снимањето на „Сатирикон“, што го прикажува мајсторот на дело, за време на неговата работа со актерите и многубројната екипа.
(продолжува)








