БОЛОЊА: ФИЛМСКИ ПАТОПИС (5), пишува Атанас Чупоски

Болоња! Најпознатиот поет на Болоња, првиот италијански нобеловец за литература, човекот кој предавал италијанска книжевност на Универзитетот во Болоња и поетот кој е симбол на италијанската нација затоа што пишувал во времето на обединувањето на Италија и бил голем приврзаник на Гарибалди, Џозуе Кардучи, во една своја песна од крајот на 19 век, Болоња ја нарекува „тмурна“.

Денес, на почетокот на 21 век, овој епитет нималку не му одговара на градот. Напротив, денес на Болоња многу повеќе би ù прилегале епитетите, „светла“, „радосна“,„весела“, „топла“… Една од причините за тоа веројатно лежи и во фактот што во Болоња се одржува филмскиот фестивал на новореставрирани филмови „Ил чинема ритровато“, а според тоа што терминот „фестивал“ етимолошки потекнува од латинските термини „фестум“, „феста“ и „фестивус“ и средновековниот латински термин „фестивалис“, со значење на „период на славење“, „гозба“ и “свеченост“, оттаму, може да се заклучи дека во Болоња, во месецот јуни се слави филмот и тоа со проекции на штотуку реставрираните филмови на најголемите мајстори на филмската уметност низ историјата.

Пјаца Маџоре

Така, повторно на централниот плоштад Пјаца Маџоре, во вечерните термини беа проектирани два филма на големите уметници од ерата на немиот филм: Бастер Китон и Чарлс Чаплин, кај нас попознат како Чарли или Шарло.

Филмот на Бастер Китон, „Камерман“, рестарвриран годинава од Критерион Колекшн и Ворнер Брос, во соработка со Кинотеката на Болоња, а реализиран во соработка со режисерот Едвард Седвик, во 1928 г., беше придружен со музика во живо во изведба на Оркестарот на општинскиот театар во Болоња, под диригенство на Тимоти Брок, кој е и автор на партитурата и специјалист за музиката од ерата на немиот филм. Ова несекојдневно доживување беше проследено од илјадници посетители на фестивалот, уредно седнати на плоштадот и загледани во големото платно од кое Бастер Китон, се разбира, без никаква фацијална гримаса што е негов заштитен знак, упорно ги засмејуваше со неговите гегови во улогата на несмасен, но безнадежно вљубен човек зад камерата, но истовремено софистицирано и критички преиспитувајќи го и односот меѓу уметникот и реалноста. Така, кулминативната сцена која го означува пресвртот во филмската нарација и која потоа ќе послужи како основа за расплетот на филмската приказна, според сценариото на Китон, е снимена не од снимателот, туку од неговото милениче – мајмун.

„Камерман“

Интересно е што пред проекцијата на филмот, публиката можеше да види шестминутни инсерти од приватната колекција на Камило Москати, снимени во 1928 г. од млад италијански брачен пар од Милано, кој за време на медениот месец во Њујорк, снимил неколку кадри во времето кога Бастер Китон глуми и го режира „Камерман“ во Њујорк. Покрај „Камерман“, во киносалите во Болоња, во рамките на програмата насловена „Бастер Китон“, под кураторство на Чечилија Ченчјарели, беа прикажани уште три негови нешто постари остварувања, филмовите „Опседнатата куќа“ од 1921 г., „Роднините на жена ми“, од 1922 г. и „Колеџ“ од 1927 г., филм за кој Луис Буњуел, нескриено воспевајќи го Китон, реторички ќе напише дека „малкумина се оние што разбираат како да ја достигнат нивната мисија во ритмичната, архитектонска работа на филмот. Тоа е монтажата – филмскиот златен клуч – што ги комбинира, коментира и поврзува сите тие елементи. Дали поголема кинематографска доблест може да се постигне?“.

Филмот на Чарли Чаплин, едно од неговите ремек-дела од ерата на немиот филм, „Циркус“, од 1928 г., беше повторно придружен со музика во живо во изведба на Оркестарот на општинскиот театар во Болоња, под диригенство на Тимоти Брок, но овој пат автор на партитурата за филмот е самиот Чаплин, кој воедно е и сценарист, режисер, монтажер и главен актер во филмот. Во „Циркус“, Чаплин повторно си поигрува со замената на идентитетите. Имено, скитникот (Чарли) случајно станува главна ѕвезда во циркусот и публиката го смета за кловн, а тој самиот воопшто не е свесен за новостекнатиот статус на ѕвезда и работи како физички работник во циркусот. За време на снимањето на овој филм, на Чаплин му се случуваат безброј непредвидени лични и технички проблеми (се разведува, дел од снимките горат во пожар), но тој на крајот успева да реализира уште едно ремек-дело. Филмот е познат особено по впечатливата сцена во која скитникот Чарли оди по јаже, претставувајќи се како акробат, при што е нападнат од неколку мајмуни кои буквално се обесуваат по него додека тој чекори по јажето на голема висина. За да се сними оваа сцена биле потребни повеќе од триста обиди (т.н. „тејкови“).

„Циркус“

Интересно е што токму оваа сцена од „Циркус“ подоцна ќе послужи како инспирација за името на култната „новоталасна“ белградска група од осумдесеттите години на минатиот век – „Шарло акробата“, од која подоцна ќе настанат исто така култните „Катарина II/Екатарина Велика“ и „Дисциплина кичме“.

За „Циркус“ на Чаплин, големиот Фелини, чии филмови не можат да се замислат без циркуски сцени, ќе напише: „Има само едно место каде што чудото, ексцесот и екстремот постојат без никаква вулгарност, во циркусот. Во тој прекрасен свет на бои, движења и емоции, ние го реоткриваме вечниот скитник чиј лик Чаплин го позајмил. Половина ангел, половина ѓавол, скитникот има мудрост на филозоф, виталност на мачка и неблаговремена грациозност на месечар“.

(продолжува)