ДЕНОВИ НА ЕВРОПСКОТО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ВО „МАРУБИ“

Во организација на  „Маруби“, Националниот музеј за фотографија од Скадар, Албанија, од 12 до 16 септември се одржаа „Деновите на европското културно наследство ’23“.

Тема на годинешната манифестација беше „Живо наследство“, а програмата се одвиваше низ организирани работилници, отворени јавни разговори со експерти од областа на заштитата на културното наследство и филмски проекции, а со цел да се подигне значењето на зачувување и промоција на културното наследството. Во рамките на манифестацијата беше поставена изложба на фотографии снимени од браќата Јанаки и Милтон Манаки, од фондот на Државниот архив на Република Северна Македонија, подрачно одделение Битола.

Во петте дена за време на одржувањето на манифестацијата беа организирани следните настани:

– Работилница „Љубителите на Манаки“ (“Manaki Fanzine”), водена од Теа Чуни, поврзана со изложбата на браќата Јанаки и Милтон Манаки. На работилницата беа вклучени студенти и млади уметници со цел да се направи фотокнига (фанзин);

– Работилница „Низ пикселите на сликата“, водена од Есмерилда Херови, исто така поврзана со изложбата на браќата Јанаки и Милтон Манаки. На работилницата учествуваа ученици од уметничкото училиште „Пренке Јакова“ од Скадар;

– Разговор со филмологот и филмски истражувач, м-р Игор Старделов – раководител на филмскиот архив на Кинотека на Северна Македонија. Предавањето беше на тема „Браќата Манаки – Балкански сликари со светлината“;

– Разговор со музикологот Микаела Минга – раководител на Одделот за фолклор при Институтот за културна антропологија и уметнички студии од Тирана. Предавањето беше на тема „Влашката музика: когнитивни патишта“; и

– Проекција на документарен филм „Браќата Манаки: Дневник на долг поглед наназад“, на романската режисерка Елиза Здру.