ЕДНА БИТКА ПО ДРУГА (One Battle After Another) е одличен филм – да ви го олеснам (не)читањето со директна естетска квалификација. Вообичаено е тоа да биде на крајот од текстот/рецензијата, демек за да се прочита текстот до крај, но оние што го смислиле ова правило – заборавиле на копчето за скролање. Уште полесно е тоа да се направи на хартија. Па кој сака да чита, нека повели…
После нешто подолго од месец и пол, во комерцијалните киносали во Скопје, го фатив последниот воз да го ѕирнам последниот филм на Пол Томас Андерсон (Paul Thomas Anderson). И како што реков, не зажалив. Веќе ги имав чуено гласините дека ЕДНА БИТКА… е најголемиот финансиски кино-бунар (ајде нека биде и „флоп“) за годинава и дека ќе пафта околу сто милиони долари за да биде фитка, т.е. да си ги покрие трошоците. Сепак не им се секирам на „Ворнер брос“.
А од другата страна, пак, беа добрите критики за филмот. Во клацкалица „да се гледа или не“, решавачки да го гледам – беше багажот на Пол Томас Андерсон. Андерсон не се занимава со МАРВЕЛ/ДиСи универзуми, со франшизи, серијали, втори, трети и стоти делови и слични добитнички комбинации на благајните. Тој си создава свој свет со секој филм што го снима, во еве веќе 10 играни филмови (меѓу кои и неколку оскаровски, закитени со палми, мечки и слично), во време од 20 години. Продукцискиот просек лесно се пресметува…
И, киносалата (во петок) беше исполнета до последно место, никој не излезе од филмот и никој не зјапаше во мобилниот додека траеше оваа двоиполчасовна блага пародија и жестока критика на современото општество. Американското, но и ние можеме да се препознаеме. Глобализација, нели.
Андерсон не го лоцира времето во кое се случува дејствието, но тоа е секако нашето современие, иако дејствието опфаќа 15 години, односно има скок од 15 години. Во експозицијата се запознаваме со една радикална терористичка група либерали (наречена „Френч 75“) што објавува војна на естаблишментот, и првата акција (што ја гледаме) е ослободување на емигранти (Латиноамериканци) од некој емигрантски центар. Тука се запознаваме со трите ликови кои се основа на приказната: Перфидија Беверли Хилс (Teyana Taylor), Гето Пат Калхун подоцна Боб Фергусон (Leonardo DiCaprio) и полковникот Стивен Локџо (Sean Penn).
Е сега, не се сите либерали толку големи идеалисти како што се прикажуваат. Перфидија, на пример, сексуално се возбудува при овие акции против власта, и при првата акција ја гледаме како сексуално го дразни полковникот Локџо. Овој е толку возбуден од Перфидија, што единствен порив да се фати оваа либерална банда, е неговата сексуална возбуда по Перфидија. Перфидија пак, е во врска со Гето Пат, кој од друга страна е многу рационален, хипик, фамилијарен и приземен тип, очигледно врбуван во бандата, исто така, поради неговите задни намери – секс со Перфидија. Отприлика, сѐ се врти околу тоа. Важни се и споредните работи како борбата против капитализмот, борбата за човековите права и слично, но она што ги мотивира постапките на ликовите, е возбудата од акцијата и сексот…
Секако дека групата ќе биде разбиена. Владата е немилосрдна. Перфидија е фатена, некои од групата се подмолно убиени, а Пат успева да избега со нивната новородена ќерка која ја обожава. Андерсон овие три ликови ги гради така што ги симболизираат политичките ставови во светот: леви, десни и незаинтересирани.
Филмот продолжува 15 години по растурањето на терористичката група. Пат кој сега е Боб и неговата 16-годишна ќерка Вила (Chase Infiniti) живеат во американската провинција. Вила е класична тинејџерка, а татко ѝ е „стоунер“, постојано надуван и незаинтересиран за сѐ освен за ќерката. Откако Боб и Вила ќе бидат откриени, односно поткажани од еден фатен член на „Френч 75“, почнува брканицата во која ќе се вмешаат: учителот по карате (Benicio del Toro) кој е активист што крие илегални емигранти, едно манастирско сестринство што е исто така на страна на либералите, и една паравоена, но полувладина тајна организација на бели супрематисти (ариевци) – „Клубот на божиќни авантуристи“ (Божиќ е, нели, бел)…
Андерсон издржано ја води приказната до крај, не попуштајќи со иронијата – како тоа да е тема на филмот. При крајот има една брканица со коли, каде што колите одат по патот горе-долу како на ролеркостер – и морав да гледам во таванот од киното за да не повратам. Е, можам да кажам дека и остатокот од филмот е исто толку сугестибилен. А актерите? Збор-два за актерите, односно за одличната актерска екипа: секој од актерите си го гради ликот како карикатура. Но, не некоја гротескна карикатура. Ди Каприо е карикатура на „Дуд“ на Џеф Бриџис од ГОЛЕМИОТ ЛЕБОВСКИ, Шон Пен е карикатура на неговата улога од ЈАС СУМ СЕМ, т.е. на лице со низок коефициент на интелигенција, Тијана Тејлор секако е карикатура на попалена жен(к)а, а дали имала модел во нејзината кариера или во некој друг филм – не би можел да кажам, има многу улоги во историјата што би можела да ги искористи за нејзината карикатура. На почетокот, оваа карикатуралност ми пречеше, особено Шон Пен, ама после сфатив дека сето тоа е важно за градење на атмосферата. Малку надреална. А и музиката на Џони Гринвуд од „Рејдиохед“ (Jonny Greenwood, Radiohead) е во функција на таа надреална атмосфера во филмот. И да, ова е филм, како и секој, додуша, што се гледа во кино. Важен е континуитетот на гледање.
Затоа, во кино.
Автор: Владимир Љ. Ангелов

