Шестото издание на „Киненова“ беше свечено отворено синоќа (27 октомври) во киното „Милениум“ со доделување на наградите за oсобен придонес во филмската уметност и проекција на филмот БАНОВИЌ СТРАХИЊА во режија на Стефан Арсенијевиќ, кој го прогласи фестивалот за отворен. Фестивалот ќе трае 31 октомври. Покрај филмовите кои се дел од натпреварувачката програма, годинава во фокус се филмови од Ирска, Франција и Австрија, а ќе бидат прикажани и филмови од „Лукс програмата“. Филмовите ќе се прикажуваат во кино „Милениум“ и во Кинотеката на Северна Македонија.
Како Интернационален филмски фестивал на дебитантски остварувања „Киненова“ ги промовира вредностите на раните први и втори филмски остварувања на режисерите и сценаристите. Во изминативе пет изданија биле промовирани повеќе од 50 филмски режисери и сценаристи, а нивните филмови, наградувани на „Киненова“ ја освоија и европската филмска сцена.
„Киненова“ годинаваим отстапува простор на осум моќни, нови гласови чии филмови ќе се борат за престижните фестивалски награди.
-Среќен сум што по периодот на пандемија повторно се враќаме во кино салите. Во овие времиња успеавме да го направиме реалност ова издание на Фестивалот, кое е особено значајно и лично за мене бидејќи оваа година востановивме награда која ќе го носи името на Љупчо Тодоровски-Упа, без кого овој фестивал веројатно немаше да се роди, рече директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ.

-Голема чест е за мене што сум овде вечерва, особено во овој контекст на не само македонски, туку и европски филмски имиња. Исто така особено се радувам што повторно сме заедно, физички присутни овде, во кино салите. Тоа е многу важно и сакам да и заблагодарам на „Киненова“ што успеа да организира фестивал со физичко присуство. Ова e шесто издание на фестивалот, но веќе стана звучно име во рамките на филмските фестивали во регионот. Во овие тешки времиња полни со предизвици имаме можнот да погледнеме длабоко во себе и да се преиспитаме, а филмот го овозможува токму тоа, рече Арсенијевиќ прогласувајќи го фестивалот за отворен.
Мето Јовановски е годинешниот добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност, а наградата му ја врачи директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ. Актерот е оној кој ни ги носи, ни ги предава сите емоции. На актерите или им веруваме или не. А лауреатот на „Киненова“ е актер на кој беспоговорно му се верува: актер, уметник, режисер, професор, непоколеблив во намисленото. По неговите улоги ги паметиме и СРЕЌНА НОВА ‘49, ТЕТОВИРАЊЕ, НАЈДОЛГИОТ ПАТ, ЦРВЕНИОТ КОЊ, МАКЕДОНСКА САГА…

-Благодарност до сите мои колеги: актери, режисери, автори и бројни филмски дејци со кои имав чест да соработувам во изминатиот период и заедно со верба и љубов кон филмот да создадеме филмски дела кои во минатото беа достоен репрезент на македонскиот креативен дух. Да бидеме дел од големиот филмски мозаик и да се вградиме во тие т.н. подвижни магични слики. Да се вградиме во колективната меморија во балканскиот и европскиот духовен простор како траен белег на филмското творештво и придонес во филмкото Европско наследство. Затоа за мене филмот и филмската уметност и фестивалите се мост кој духовно не поврзува и се достоен репрезент на бројни драмски творби преточени во креативен филмски живот, рече меѓу другото Јовановски.
„Киненова“ годинава на Сабина Ајрула Тозија постхумно и ја додели наградата за ссобен придонес во филмската уметност. Наградата ја прими нејзиниот син, филмскиот режисер Вардан Тозија, а му ја додели актерот Диме Илиев.

– Спомените од тоа што се случуваше изминатава година сеуште ми се свежи, не најдов начин за да го сумирам тоа што го чувствувам. Тоа што ми е останато од мојата мајка Сабина. Голема благодарност за „Киненова“ за оваа награда, голема чест ми е и се надевам дека таму некаде меѓу ѕвездите тоа го знае и мајка ми. Покрај тоа што беше неуморен, посветен филмски, театарски работник, таа беше пред се мајка и едноставен човек полн со љубов, разбирање и поддршка низ целиот мој живот, рече Вардан Тозија.
„Киненова“ постхумно додели уште една награда за особен придонес во филмската уметност на Љупчо Тодоровски-Упа, која ја прими неговата сопруга. Актер, уметник и алтруист. Неуморен во сите полемики и разговори. Поет во душата, вљубеник на македонската поетска реч, која често ја говореше дури и во дружби, не само на јавни настапи. Со тој актер и поет во душата, „Киненова“ пред шест години го започна своето фестивалско патување.
На свеченоста беше претставен и проектот „Инклузивна анимација“ која се одржа во рамките на „Киненова“, а во соработка со продукцијата „Фокус Покус“ и Кинотека на Северна Македонија, поддржан од делегацијата ЕУ, на која работеа деца со попреченост и типичните деца. Материјалот сработен од сите учесници на сесиите, менторите го измонтираа во една целина и крајниот производ е видео врз музичка подлога на песната „РамПаРам“ од „Суперхикс“. Видеото ќе се отстапи на бендот за користење како нивен официјален спот.
Валчанов, Балчус и Ангелов во жирито за најдобар филм
Жирито кое годинава ќе одлучува за филмовите во главната селекција на ММФ „Киненова“ го сочинуваат: Петар Валчанов, Зане Балчук и Владимир Ангелов.
Петар Валчанов е син на познатиот бугарски сликар Валчан Петров и актерката Иванка Братоева. Валчанов заедно со Кристина Грозева е косценарист, корежиер и копродуцент на филмовите СКОК, ЛЕКЦИЈА, СЛАВА и ТАТКОТО. Нивните филмови освоија награди во Сан Себастијан, Карлови Вари, Токио, Локарно, Варшава, Гетеборг, Единбург, Киненова Скопје и други фестивали.
Зане Балчус е истражувач, кустос, филмски критичар и од 2019 година шеф на Балтичкиот форум за документарни филмови во Рига, Латвија. Балчус има особено големо искуство во програмирање, како кустос и во управување со различни организации во областа на филмската уметност. Таа била директорка на Филмскиот музеј во Рига од 2014-2019 година, кустос во истиот музеј од 2010-2014 година, а има работено и како селектор на Меѓународниот филмски фестивал „Arsenals“ во Рига од 2000-2005 година. Коавтор е на неколку книги за латвиската кинематографија, придонесува за разни публикации за филмската уметност (вкучувајќи Film New Europe, Kino Raksti). Балчус била дел од жирито на „FIPRESCI“ во „IDFA“ (2019), „ZagrebDox“ (2020), на меѓународниот филмски фестивал „goEast“ (2020), како и во жирито за најдобар нордиски филм на „Nordisk Panorama“ и во многу други.
Владимир Ангелов продуцент, филмолог и актуелен директор на Кинотеката на Р.С. Македонија. Ангелов по дипломирањето на ФДУ во Скопје во 1992 г. кратко време работи како продуцент во „Вардар филм“. Од 1995 г. до денес работи во Кинотеката. Во 2017 е назначен за вршител на должноста директор на Кинотека, а од 2018 г. е именуван за директор, функција која во моментов ја извршува. Во текот на својата професионална кариера, Ангелов соработува со различни партнери на повеќе проекти, како „Фотографијата и филмот на почвата на Македонија“, дел од проектот „Историја на макро културата во Македонија“, во издание на МАНУ, и „Трајче Попов“, во издание на Кинотеката. По соработката со ИФФК „Браќа Манаки“ и Скопскиот филмски фестивал, Ангелов беше поканет како член на жирито и на Watch Out Film Festival во 2016 година, како и на првиот филмски проект. Од 1995 година Ангелов објавува и пишува за „Кинопис“. Бидејќи е одговорен за филмската програма во киното на Кинотеката, Ангелов пишува едиторијали за месечната брошура на кинотеката.
Мехмет Бахадир, Петар Станојловиќ и Никола Поповски во жирито за краток филм
Мехмет Бахадир дипломирал на Универзитетот за ликовни уметности Мимар Синан, на одделот за филм и ТВ. Неговите филмови постигнаа значителен успех на националните и меѓународните фестивали. Член е на Европската филмска академија од 2017 година. Работи како продуцент и режисер во неговите проекти, меѓународни копродукции, ТВ серии и реклами…
Петар Станојловиќ (1979) е српски филмски и телевизиски режисер. Дипломирал филмска режија, а завршил и магистерски студии од областа на филмската и медиумската продукција. Од 1999 година работи како режисер во РТС, каде има режирано бројни концерти, фестивали, манифестации и останати видови на телевизиски преноси и проекти од игран карактер. Во 2018 година избран е за вонреден професор на Факултетот за современи уметности во Белград, каде раководи со отсекот за креативни комуникации. Добитник е на националната награда „Вукова награда за култура“ за серијата „Заборавени умови на Србија“, каде се јавува како режисер и ко-сценарист…
Никола Поповски е филмски и телевизиски режисер којшто досега работел на повеќе филмски и телевизиски проекти., меѓу кои и играната ТВ серија ЦРВЕНИОТ ПОЕТ. Неговиот краток филм ПОСЛЕДНИТЕ КАМБАНИ својата светска премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Монтреал, Канада, каде ја освои првата награда за најдобар краток филм. Во моментов работи на развојот на неговиот прв долгометражен игран филм со работен наслов ПАТУВАЊА.
