Годинава Кинотеката на Северна Македонија по повод Светскиот ден на аудиовизуелно наследство ќе прикажува филмови од приватната збирка на режисерот Милчо Манчевски. Филмовите на 35мм лента и во ДЦП формат беа донесени од Њујорк во Скопје, и ќе останат на трајно чување во филмските депоа на Кинотеката.
Меѓу филмовите се наоѓаат и 35мм копии на сите играни филмови на Манчевски, а истите ќе бидат прикажани во текот на месец ноември во киносалата на Кинотеката. На 2 ноември ќе има проекција на копијата од БИКИНИ МУН (2017), на 3 ноември проекција на МАЈКИ (2010), на 12 ноември ќе може да се погледне СЕНКИ (2007), а на 15 ноември ПРАШИНА (2001).

Во Кинотеката по повод донацијата и по повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство во ноември Манчевски свечено ќе ги отстапи на чување и користење овие филмови на Кинотеката. Заради презафатеност овие денови, и премиерните прикажувања на неговиот најнов игран филм ВРБА на филмскиот фестивал во Рим и македонската премиера која предстои на почетокот на ноември, режисерот Манчевски сè уште не може да го прецизира точниот датум на неговото гостување во Кинотека, и останува за истото дополнително да ја известиме јавноста. Во секој случај, тоа ќе се случи околу 10 ноември.
Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а денес во негова реализација учествуваат Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви (CCAAA – Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations) и осум други сродни меѓунарони организации (меѓу кои и ФИАФ, кадешто членува Кинотеката на РСМ), а во чест на луѓето и институциите кои работат на зачувување на аудиовизуелните материјали, односно на аудиовизуелното наследство за идните генерации. Аудиовизуелни архиви (кинотеки, филмски архиви, музеи, библиотеки и тн.) од цел свет во периодот околу 27 октомври на различни начини го одбележуваат овој ден-паметник преку организација на различни настани, проекции, изложби, дискусии итн, со цел да ја подигнат јавната свест за ранливоста на овие материјали и нивното значење за колективната меморија.
Мотото на годинешното одбележување е „Вклучи го минатото преку слика и тон“, што во слободна интерпретација би значело сето она што во минатото е впишано, снимено, забележано на аудиовизуелен медиум, што се чува во архивите, збирките, музеите, да се употреби, примени, вклучи во сегашноста и секојдневното живеење
Оттаму и филмовите на Манчевски ќе бидат прикажани во чест на аудиовизуелното наследство, бидејќи со самото нивно депонирање во Кинотеката на РСМ, нивното значење за македонската кинематографија и успех во светот, за нашата култура и народ претставуваат аудиовизулно наследство.
