На 5 април (вторник) на пладне во кино-салата на Кинотеката се одржа македонската премиера на краткиот игран филм ЕКО-СКОП на еминентниот македонски сликар и филмски автор Коле Манев.

Петнаесетминутната сторија по сценариото на Манев, со актерот Александар Шехтански како протагонист, нé воведува во светот на собирачот на картонски отпад. Секојдневието, дневниот ритам на овој собирач, авторот на филмот го доживува како мултиуметничко дело, како колаж од слики раздвижени од звуците на окарината на Драган Даутовски, кој е автор на музиката. Камерата во ЕКО-СКОП е исто на Манев, а монтажата на Горан Цветковиќ.
Промоцијата на филмот започна со музичкиот перформанс на Даутовски на древниот инструмент окарина (во овој случај изработена од стакло) и традиционална тамбура, а потоа гледачите имаа можност да го проследат филмот.

Следеше воведниот говор на д-р Атанас Чупоски, филмолог-советник во Кинотеката, кој ги запозна присутните со био-филмографијата на Манев.

Професорката по македонски јазик и литература Татјана Алексиќ во нејзиниот инспиративен говор се осврна на поетичноста и „сизифовската“ димензија на еколошката свесност во филмот на Манев, а на крајот авторот им се заблагодари на гледачите и гостите за присуството.
Коле Манев (1941) поголемиот свој работен век го има поминато како слободен уметник и спаѓа меѓу најеминентните македонски сликари, но е и долгогодишен телевизиски и филмски автор на проекти во Радиотелевизија Скопје и „Вардар филм“, како режисер, сценарист и автор на документарните БАСКАРСКИТЕ ИЗВОРИ (1972), ТУЛГЕШ (1977) и ЦРНО ВО ЦРНО (1986), на телевизискиот долгометражен филм МОСТ (2006), и други. Студирал на ликовната академија во Белград, усовршувал сликарски техники во Париз и анимиран филм во Прага. Во 2006 година беше претседател на ДЛУМ и е автор на голем број текстови и колумни поврзани со културните политики и општествени случувања.

Минатата 2021 на Манев му беше врачено признанието „Златен објектив“ кое Кинотеката го доделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
