НАЗАД ВО ФИЛМСКОТО УЧИЛИШТЕ

 

 

Кога пред неколку дена беше објавена веста за смртта на Гордан Михиќ – еден од најкреативните и најпознатите филмски сценаристи на тлотото на бивша Југославија – меѓу останатите сеќавања за човекот кој на некој начин го етаблирал занаетот на филмскиот сценарист како професија беше споменат и периодот кога Михиќ, како млад вљубеник во филмот, буквално живеел во киносалата на Југословенската кинотека во Белград. Почетокот на 1960-те години  бил обележан со неверојатната „зараза“ со филмот не само како уметност и(ли) забава, туку и како своевиден начин на живот. А Михиќ, како и повеќето филмофили од тој период, ја имале Кинотеката како вистинско светилиште на духот, каде што учеле за филмот. Неговата подоцнешна кариера покажа дека самоукиот писател навистина го научил занаетот на „сценарист од општа пракса“, испишувајќи стотина сценарија за филмови и ТВ серии: некои од нив и ден денес се лектира за идните сценаристи од класичните филмски школи.

Кинотеката ја обележува неговата смрт со три македонски филмови во кои Михиќ е сценарист или косценарист: СРЕЌНА НОВА ’49 на Столе Попов, КОНТАКТ на Сергеј Станојковски и ДЕЦА НА СОНЦЕТО на Антонио Митриќески. Реализирани во период од две децении и со тројца автори сосем различни според нивниот естетски сензибилитет, овие три наслови сепак ги обединуваат главните линии на сценаристичкото творештво на Михиќ: социјалната нишка, семејството и судбините на малите луѓе во општествениот контекст.

Нашата Кинотека, пак, летово го изгуби нејзиниот „добар дух“, професорот Стефан Сидовски-Сидо. Човекот кој од „здодевниот“ предмет марксизам во скопската гимназија „Раде Јовчевски Коргачин“ правеше фестивал на љубопитниот и критички дух, последнава деценија ги учеше студентите на Универзитетот ЕФТА, предавајќи им историја и теорија на филмот. Но, многу поважна е неговата улога на децениски неформален учител на десетици и десетици млади филмофили: како што имаше страст до последен момент да ги снима неговите аматерски и експериментални филмови, така имаше трпеливост да ги сослуша сите идеи, колку и да биле наивни, бидејќи знаеше дека од тој материјал – наивноста – е сочинет почетокот на секој млад филмаџија. Посетителите на Кинотеката добро знаат дека Сидо беше, на многу начини, нејзин заштитен знак, редовен посетител и собеседник на многу филмски теми. Во негова чест ќе проследиме неколку кратки филмови од богатиот опус.

Почетокот на септемвриската сесија во киносалата на Кинотеката е резервиран за фестивалот на документарни музички филмови СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ. Следуваат и наградуваните македонски филмови ИСЦЕЛИТЕЛ на Ѓорче Ставрески и ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ Е ПЕТРУНИЈА на Теона Митевска, како и ВТОРА ШАНСА на Марија Џиџева.

Септемвриската програма ги содржи и остварувањата на неколку успешни светски автори кои внесоа свежина во филмската естетика: Хармони Корин со СКИТНИКОТ ОД ПЛАЖАТА, Али Абаси со ГРАНИЦА, Лин Ремзисо ВСУШНОСТ, НИКОГАШ НЕ БЕШЕ ТУКА…

Овој септември ќе можете да проследите и два интересни циклуси од националните кинематографии на Бразил и Русија. Десетината интересни филмски остварувања од различни периоди се убав повод и да ја пречекаме есента во Кинотеката.

Стојан Синадинов