15. ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ
ПРОВОКАТИВЕН. ПОЛЕМИЧЕН. ПОЕТИЧЕН.
22-28 МАЈ 2025 | КИНОТЕКА НА С. МАКЕДОНИЈА
pff.mk
22 мај (четврток)
20:30
Кинотекa
Свечено oтворање на 15. Филозофски филмски фестивал
ЕВАНГЕЛИЕ СПОРЕД МАТЕЈ (1964)
реж.: Пјер Паоло Пазолини, IT, 137’
Библиската драма режирана од Пиер Паоло Пазолини го следи животот на Исус Христос како што е претставен во Евангелието според Матеј од Новиот Завет. Дијалозите во италијанскиот филм го следат автентичниот текст на евангелието, кое се фокусира на учењата на Исус, вклучително и неговите алегории. Снимен e на локации во Јужна Италија, во манирот на италијанскиот неореализам, со впечатлива документаристичка црно-бела фотографија, и со непрофесионални актери, вклучително и мајката на режисерот, Сузана Пазолини, во улогата на постарата Марија, мајката на Христос. Исус е толкуван од Енрике Иразоквај, шпански студент со марксистички убедувања кој бил во посета на Рим токму во времето кога Пазолини долго време барал човек кој ќе го толкува главниот лик во наредниот негов филм. Неговиот Исус го има токму духот на 1960-те – личност која протестира против војните, дебатира против материјализмот и привилегиите на богатите.
Самиот Пазолини изјавил дека сакал да го сними овој филм затоа што бил инспириран од поетските врвови на текстот, а себе се сметал повеќе за поет, отколку режисер.
Долгоочекуваната премиера на ЕВАНГЕЛИЕ СПОРЕД МАТЕЈ се случила на Филмскиот фестивал во Венеција, каде ја освоил Наградата на жирото, втора по важност награда на овој фестивал, по Златниот лав. Иако Пазолини имал контроверзни ставови кон религиите, како и животен стил кој не бил прифатлив за црковните претставници, сепак со ова дело создал импресивен библиски филм, за кој и официјалните католички авторитети се согласуваат дека е во духот на христијанството.
23 мај (петок)
18:00
Кинотекa
ОФИЦИЈАЛНА СЕЛЕКЦИЈА НА КРАТКОМЕТРАЖНИ ФИЛМОВИ – Ден 1, 128’
- СЕКОЈ ДЕН ЗОРА (Dawn Every Day) by Amir Youssef (20’), 2024, ЕG

- НОВО (New) by Zhenia Kazankina (20’), 2024, RU/IT
- ЧОВЕКОТ КОЈ НЕ МОЖЕШЕ ДА МОЛЧИ (The Man Who Could Not Remain Silent) by Nebojsa Slijepcevic (14’), 2024, HR/BG
- БРОДОЛОМЦИ (Castaways) by Andrea Saavedra de la Teja (14’), 2024, МX
- ЛОШО НА МОМЕНТ (Bad for a Moment) by Daniel Soares (15’), 2024, PT
- СВЕНАТИ ЦУТОВИ (Withered Blossoms) by Lionel Seah (14’), 2024, AU
- УСЛУГИ (Favours) by Agnes Skonare (11’), 2024, SE
- НАШАТА СЕНКА (Our Own Shadow) by Agustina Sánchez Gavier (20’), 2024, AR/DE
21:00
Кинотекa
ПОСЛЕДЕН ЗДИВ
(The Last Breath/Le dernier souffle, 2024)
реж.: Коста-Гаврас/Costa-Gavras, FR, 99’
Преку спонтан филозофски дијалог докторот Augustin Masset и писателот Fabrice Toussaint водат расправа за животот и смртта, при која доаѓа до соочување со сопствените стравови и егзистенцијални тегоби.
Fabrice Toussaint е етаблиран писател кој живее во Париз. При лекарски преглед му пронаоѓаат многу мал тумор во неговиот абдомен. Не е сосема јасно дали туморот е малиген, но Fabrice одлучува наместо биопсија да прави шестмесечни контролни прегледи. Fabrice го замолува својот пријател, докторот Augustin, да му се придружи на селскиот имот. Тоа тој не го разбира само како можност за инспирација, туку и како терапија за своите животни тегобни проблеми.
Ова е филм за искреноста и ранливоста. Палијативната грижа повеќе е фокусирана на смртта, отколку на оздравувањето. Доктор Augustin тоа одлично го знае, па на своите пациенти им нуди грижа наместо лек, достоинство наместо надеж, сегашност наместо иднина, хуманост наместо инвазивни медицински процедури.
Ова остварување на Коста-Гаврас деклинира од вообичаениот негов тематско–мотивски курс и многу помалку претставува стандарден филмски наратив, а многу повеќе е филозофско–интелектуална медитација за животот и смртта. Смртта не е концепт кој треба да се реши, туку е искуство кое треба да се доживее (или да се издржи) на единствен личен начин.
Авторот го структурира филмот како збир од повеќе фрагментирани вињети во кои се изнесени разни индивидуални аспекти и рецепции на смртта, од кои може да се создаде една панорамска перспектива на нашиот заеднички крај, кој сепак треба да биде достоинствен. Преку „Последен здив“ Коста- Гаврас оркестрира своевидна филозофска симфонија за смртта во која и тишината и паузите се доволно артикулирани и резонантни како што се и самите зборови.
Филмот е учесник на филмскиот фестивал во Сан Себастијан 2024 година.
24 мај (сабота)
18:00
Кинотекa
ИЗГУБЕНИОТ АВТОПАТ (Тhe Lost Highway, 1997)
реж.: Дејвид Линч/David Linch, US/FR, 134’
излагање: д-р Озер Озкантар (TR)
Филмот ИЗГУБЕН АВТОПАТ прикажува две приказни кои меѓусебно се испреплетени. Едната е за џез музичар кој почнува да прима мистериозни видео касети во кои се снимени тој и неговата сопруга во нивниот дом, по што почнува да се сомнева дека сопругата има љубовник. Откако ќе биде обвинет за нејзиното убиство, тој необјаснето исчезнува. Втората приказна е за млад механичар кој е вовлечен во мрежа на илузии од страна на една фам фатал заводничка која го измамува својот брутален љубовник. Жените во двете приказни ги глуми иста актерка (Патриша Аркет).
ИЗГУБЕН АВТОПАТ е надреалистички нео-ноар во кој режисерот Дејвид Линч води метафизичко патешествие кон непоимливата природа на идентитетот со чести морничави визуелни композиции. Како и во неколку други негови филмови, и овде Линч вешто ја одржува мистериозноста и интригантноста на дејствието, кое со сета чудна и фантастична суштина, тешко се анализира, но успева да навлезе длабоко во психата на гледачот.
Во 1997 година, кога премиерно беше прикажуван низ кината во светот, овој филм не забележа многу позитивни реакции. Но со текот на времето, филмот доби многу позитивни препрочитувања и следбеници кои му создадоа култен статус и на ова дело на Линч.
21:00
Кинотекa
УНИВЕРЗАЛЕН ЈАЗИК (Universal Language, 2024)
реж.: Метју Ранкин / Matthew Rankin, CA, 89’
Филмот „Универзален јазик“ ги надминува границите што нè разделуваат и ги поврзува различните култури, потсетувајќи нè дека дури и кога зборовите недостасуваат човечкиот дух наоѓа начин да воспостави врска. Користејќи уникатен визуелен стил и препознатлив хумор, режисерот Метју Ренкин создава филм полн со надеж, кој длабоко одекнува во нашиот студен и поделен свет. Оваа комедија која ја слави убавината на човечката поврзаност е за секој еден кој верува во моќта на емпатијата.
Во мистериозна и надреална интерзона некаде меѓу Техеран и Винипег, животите на повеќе ликовите се преплетуваат едни со други нa изненадувачки и таинствени начини. Просторот, времето и личните идентитети се вкрстуваат и одекнуваат во надреалистичната комедија со необична или погрешна насока.
Режисерот Метју Ренкин нè води на едно разиграно патување низ чудни и неочекувани врски во еден помалку или повеќе ухроничен свет или една изменета реалност, во која има извесни географско–културни поместувања. Местото или просторот на настаните во филмот е една алтернативна Канада во којашто фарси и францускиот се главните јазици.
Со зачудувачка имагинација „Универзален јазик“ нè поканува да погледнеме подалеку од секојдневните поделби. Ја истакнува нашата различност наоѓајки невидливи нишки кои нè поврзуваат сите нас. Културните традиции се спојуваат со чувството за заедницата како општа карактеристика. И се појавува чувство дека, колку и да се очигледни разликите, заедничките искуства нè обединуваат на едно многу подлабоко ниво.
Влијанието на иранската филмска школа и присуството на „духот“ на иранскиот филм во ова синеастичко остварување е евидентно на прв поглед. Во едно свое авто-интервју режисерот ќе рече дека ги охрабрува луѓето да размислуваат за „Универзален јазик“ како за филмски Венов дијаграм помеѓу Винипег, Техеран и Монтреал.
„Универзален јазик“ е филм кој се закитува со награди од повеќе филмски фестивали како: Кан, Торонто, Нешвил, Мелбурн и други.
25 мај (недела)
18:00
Кинотекa
ТУРСКИ КРАТКОМЕТРАЖНИ ФИЛМОВИ*
воведно излагање: д-р Сердар Озтурк (TR), селектор на програмата за турски краткометражни филмови

-
Традиција (Tradition / Teamül) by Ali Riza Bayazit (15’)
-
Данк (Dank / Dank) by Tuvana Simin Günay (16’)
-
И јас (I Have Just / Benim de) by Ece Akalın Alagöz (14’)
21:00
Кинотекa
НОВАТА ГОДИНА ШТО НЕ ДОЈДЕ НИКОГАШ (The New Year That Never Came / Anul nou care n-a fost, 2024)
реж.: Богдан Мурешану / Bogdan Muresanu, RO/RS, 138’
Таман кога ќе помислиме или констатираме дека романската кинематографија кажа сè што имаше да ни каже за познатата диктатура од крајот на XX век, дебитантскиот долгометражен филм на Богдан Муресану нè разубедува во тоа. „Новата година што не дојде никогаш“ е филм настанат на база на краткометражниот авторов филм „The Christmas Gift“ снимен во 2018 година и претставува потресна и духовита анализа на општеството и психолошката состојба на шестмината главни јунаци чии животи се испреплетуваат непосредно пред падот на режимот на Николае Чаушеску.
Вестите од Темишвар во Букурешт пристигнуваат со цензура, а промените што се очекуваат постепено почнуваат и да се остваруваат. Сатирична трагикомична сложувалка се создава еден декемвриски ден во 1989 година во Романија. Сплетот од повеќе лични приказни ни открива како обичните луѓе, без оглед на нивната животна позиција стануваат параноични, осамени и изолирани во ситуација кога општеството се распаѓа.
„Новата година што не дојде никогаш“ е трогателна медитација за угнетувањето и стравот, со атмосфера на напнатост и неизвесност и претставува портрет на романското општество кое трепери пред здивот на револуцијата. Некои стоички го поднесуваат системот, други се прилагодуваат, трети провоцираат, но сите чувствуваат неодолива потреба за промена.
Со естетика која автентично ни го пренесува времето од филмската приказна, суптилно прикажувајки ни ја заедничката врска на неколкумина секојдневни и обични херои втопени во трауматичноста што режимот ја генерира, оваа социјално–политичка драма зборува за индивидуалната истрајност и интенција на романскиот народ да се ослободи од темните коридори на репресивниот систем.
„Новата година што не дојде никогаш“ е добитник на награди од фестивалите во Венеција, Каиро, Луксембург итн.
26 мај (понеделник)
18.00
Кинотекa
ОФИЦИЈАЛНА СЕЛЕКЦИЈА НА КРАТКОМЕТРАЖНИ ФИЛМОВИ – Ден 2, 127’

- ЦРНА ДУПКА КАЈ ОКРУГОТ КЕНТ (A Black Hole Near Kent County) by Hannah Schierbeek (15’), 2023, US
- ВОЗВИШЕНИ ВРВОВИ (Under The Mountains’ Shadow) by Diogo Salgado (20’), 2025, PT/FR/BE
- БАРАЈЌИ РЕЧЕ ЗАБОРАВИВ (Looking She Said I Forget) by Naomi Pacifique (24’), 2024, NL/CH
- ЏЕЈМС (James) by Andrés Rodríguez (20’), 2024, GT/MX
- РЕЧИСИ СИГУРНО ПОГРЕШНО (Almost CНЕОГРАНИЧЕНИОТ СВЕТ (The Unlimited World)ertainly False) by Cansu Baydar (20’), 2024, TR
- ГОРЧЛИВА ТРПЕЗА (Pasta Negra) by Jorge Thielen Armand (15’), 2025, VE/CA
- ХИМНА НА ЧУМАТА (Hymn of the Plague) by Ataka51 (13’), 2024, RU/DE
21:00
Кинотекa
ШАМБАЛА (Shambhala / शम्भल , 2024)
реж.: Мин Бахадур Бхам / Min Bahadur Bham, NP/FR/NO/TR/HK, 150’
Во хималајското полиандриско село во Непал, тукушто мажената и бремена Пема се обидува да го извлече најдоброто од својот нов живот. Но наскоро нејзиниот сопруг Таши ќе исчезне на трговскиот пат за Ласа. Во придружба на монахот Карма (брат на нејзиниот исчезнат сопруг), таа тргнува на патување низ суровата дивина за да го пронајде својот маж, а тоа се развива во трагање по слободата и себеоткривање.
Мајсторски мешајќи ја традицијата и модерноста, филмот ни отсликува една непозната и ретка култура, шетајки нè низ маѓепсувачките пејзажи на Хималаите. Исполнет со неверојатна визуелна раскошност „Шамбала“ допира до безвремените и универзални теми поврзани со љубовта, доблеста, потрагата по среќата во животот и слично. Филмот нè води на едно ретко интимно визуелно и мистично филмско патување во егзотиката на непалската култура и традиција.
Режисерот Min Bahadur Bham сугерира дека духовната слобода можеби не доаѓа од слепото прифаќање на надворешните верувања, туку од гледањето навнатре и одредувањето на сопствениот пат. Оваа занесна и мирно сосредоточена непалска одисеја е филм со лежерно темпо, кој бара трпение за да го отклучи својот визуелен поетски сјај и ризницата на мистичните и неистражени сфери.
„Шамбала“ е првиот непалски филм што е прикажан во главната конкуренција на Берлинале во 2024 година.
27 мај (вторник)
18:00
Кинотекa
СВЕТИТЕ НЕВИНИ (The Holy Innocents/Los santos inocentes, 1984)
реж.: Марио Камус/Mario Camus, ЕЅ, 107’
излагање: д-р Мартин Ередеро Кампо (ES)
Дејствието на овој филм се случува во рурална Шпанија во 1960-те и прикажува семејство на шпански селани кои слугуваат на имот на моќни земјопоседници. Членовите на семејството се обидуваат да ја победат сиромаштијата со описменување, но навикнати на постојаната послушност, се обесхрабруваат да ја сменат судбината која се пренесува од колено на колено. Сѐ додека еден сосема неочекуван насилен чин не го смени нивниот тажен живот.
Со бруталниот приказ на огромните социјалните разлики помеѓу бесчувствителната аристократија и потчинетата работничка класа, филмот на Марио Камус создал автентична студија за Шпанија во времето на режимот на Франко, во која и покрај катарзичниот расплет, останува неподносливото сведоштво не само за страдањето на членовите на едно семејство, туку на цели општества и епохи жртвувани за сметка на моќта на привилегираните.
Филмот НЕВИНИ СВЕТЦИ постигна голем успех во Шпанија и на меѓународната сцена, освои награда за најдобри актери на Филмскиот фестивал во Кан во 1984 година, и во тоа време забележа најголема заработка меѓу шпанските филмови.
21:00
Кинотекa
ПАНОПТИКОН (Panopticon/Panoptikoni, 2024),
реж.: Џорџ Сихарулидзе/ George Sikharulidze, GE/FR, 95′
Кога таткото на Сандро ќе одлучи да замине во манастир и да се посвети на Бога, интровертниот тинејџер ќе се најде затечен пред темелните животни искушенија. Препуштен сам на себе, обременет со будењето на сексуалноста исполнета со воајеризам и егзибиционизам, и предизвиците од истражувањето на истата, младиот човек тргнува на пат кон самопознание. Самиот наслов на филмот е преземен од концептот на Мишел Фуко наречен паноптицизам, кој ја претставува меѓу другото и постојаната можност за посматрање. Главниот протагонист не е само во улога на воајер, туку истовремено се чувствува и како да е постојано посматран од страна на Бога и општеството.
Филмот е втопен во локалната социокултурна текстура и претставува комплексно портретирање на еден млад човек кој е во борба со самиот себеси и со конзервативното општество, кое во голема мера и го формирало како личност. Истовремено е и паноптички осврт на кризата и истоштеноста на денешното грузиско општество. Во филмот, секако, може да се препознае и извесно дискретно и ненаметливо реферирање кон „400 удари“ од Франсоа Трифо.
Овој долгометражен првенец на грузискиот режисер Sikharulidze суптилно се сосредоточува на тенката линија помеѓу посматрачот и посматраното и го поставува прашањето каде оди турбулентното постсоветско грузиско општество, додека се лулее помеѓу верскиот конзервативизам и националниот идентитет, од една страна, и прогресивизмот и желбата за независност и модернизација, од друга страна.
„Паноптикон“ е учесник на неколку реномирани фестивали, а во Карлови Вари 2024 година е меѓу наградените филмови.
28 мај (среда)
18:00
Кинотекa
СЕЛЕКЦИЈА НА ВИДЕО ЕСЕИ

-
ПОСЛЕДНИТЕ НЕШТА (Last Things) by Deborah Stratman (50’), 2023, US/FR
-
СЛУЧАЈНИ ЖИВОТНИ (Accidental Animals) by Leila Fatima Keita (10’), 2024, DE
-
ДНЕВНИКОТ НА ЕДНО НЕБО (The Diary of a Sky) by Lawrence Abu Hamdan, (44’), 2024, LB
-
НЕОГРАНИЧЕНИОТ СВЕТ by Lukas Berger (15’), 2025, АТ
20:30
Доделување на награди и затворање на Фестивалот
Кинотекa
21:00
ВИТГЕНШТАЈН (Wittgenstein, 1993)
реж.: Дерек Џарман / Derek Jarman, GB/JP, 72’
