Онлајн Филозофски филмски фестивал од 21 до 31 мај

Под мотото „Идеи, светови“, Филозофскиот Филмски Фестивал пролетва ќе го започне своето 10. роденденско издание.

Фестивалот ќе се одржи од 21 до 31 мај, понудувајќи ѝ ги на културната јавност „ФФФ Пролетните онлајн миграции“, односно онлајн издание по примерот на бројни фестивали низ целиот свет.  Фестивалската програма на Cinesquare ќе биде достапна бесплатно, а за првпат, предвидена е парична награда за победникот во Селекцијата на краткометражни филмови.

Во оваа селекција ќе бидат претставени дваесеттина краткометражмни остварувања од целиот свет по избор на селекторот д-р Дејан Здравков и според двата клучни критериуми за овој единствен фестивал во светот од ваков вид: уметничкиот квалитет и филозофската податливост/релевантност. Победникот од страна на трочленото стручно жири ќе ја добие наградата „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм и соодветна парична награда. Освен тоа, жирито на еден од филмовите ќе му додели плакета за новооснованата награда „Стефан Сидовски – Сидо“, во чест на нашиот професор, филозоф и филмофил, и соработник на Фестивалот од самите почетоци.

Остатокот од програмата, односно Официјалната селекција на долгометражни филмови, Ревијалната програма „Филм-философија“, Меѓународната конференција „Филозофија и филм“, Едукативната програма и ФФФ Караванот, во кои се предвидени бројни филмски остварувања и многу домашни и странски гости и учесници, ќе биде пренасочен наесен, а точните датуми наскоро ќе бидат јавно објавени.

Во рамките на онлајн изданието ревијално ќе бидат прикажани и неколку краткометражни, среднометражни и долгометражни документарни филмови, и електронски ќе биде достапен еден темат „Филозофија и филм“ на националното списание Филозофска трибина (како мал дел од издавачката дејност на Друштвото и Фестивалот). Покрај филмовите, за задржување на специфичната фестивалска магија и фестивалското искуство, преку различни социјални платформи, ќе бидат организирани повеќе модерирани активности: интервјуа, Q&A со режисери, видео излагања, Zoom-трибина за ковид-19 кризата и состојбата на филмскиот сектор кај нас, а секако и неколку изненадувања. Накратко, десетина дена дестилиран културен воздух полн со „обични и необични идеи“ и мноштво „храбри нови светови“.

„ФФФ Пролетните онјан миграции“ се плод на солидарно партнерство меѓу Филозофскиот Филмски Фестивал (организиран од страна на Филозофското друштво на Македонија), Кинотеката на С. Македонија и македонската VoD платформа Cinesquare, со институционална поддршка на Град Скопје, како и неколку други поддржувачи, соработници, пријатели и вљубеници во филмот и филозофијата.