„ПЕТРУНИЈА“ НА МИТЕВСКА Е ФАВОРИТ НА КРИТИКАТА НА БЕРЛИНАЛЕ

Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска по прес-проекцијата во саботата и свечената премиера во неделата на 69-тото Берлинале (7-17 февруари) добива многу позитивни критики во германскиот и интернационалниот печат.

Зорица Нушева

Дел од критичарите го сметаат за фаворит за освојување на некоја од наградите на престижниот фестивал, а главната актерка, Зорица Нушева, насекаде собира симпатии.

https://www.facebook.com/GodExistsHerNameIsPetrunya/videos/651300898618213/?t=24

 

Филмскиот магазин „Скрин интернешенл“ во неговото специјално дневно издание за време на Берлинале организира критичарски пул, во кој седум критичари од други медиуми и критичарот на „Скрин“ ги оценуваат филмовите во официјалната натпреварувачка конкуренција. Засега „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ е на врвот на листата според просечната оценка.

Филмот бележи позитивни оценки и во „Синеуропа“. На средина на одржување на Берлиналето, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ има најдобра просечна оценка и во критичарскиот пул на ФИПРЕСЦИ.

РББ, јавниот сервис на федералната држава Берлин-Бранденбург, во своето онлајн издание објавува критика под наслов „Модерна крстоноска“ во која оценува дека „еден од најубавите моменти на фестивал како Берлиналето е кога ќе настапи некоја сосема непозната уметница, која веднаш ви го освојува срцето“, пренесе „Дојче веле“ на македонски јазик.

„Лице кое веднаш ви станува симпатично и му посакувате сѐ најдобро. Зорица Нушева има таков лик“, пишува филмскиот критичар на РББ, Патрик Велински. Самиот филм, пак, за Велински е експеримент на кој му недостасува „поконсеквентен формален концепт“.

Теона, Вук и Лабина Митевски на снимањето на филмот

„Општествената критика останува премногу површна. Обидот во приказната да се вклучат што повеќе општествени состојби и актери доведува до тоа на филмот да му недостига концентрација“. Авторот наведува дека се работи за „типичен Берлинале филм“, а Зорица Нушева треба да биде сериозен кандидат за Златна мечка за својата улога“, заклучува филмскиот критичар на РББ.

Лабина Митевска, актерка и продуцентка, Теона Митевска, режисерка, Зорица Нушева, главна актерка, и Алма Татарагиќ, косценаристка

Весникот „Тагесшпигел“ филмот на Стругар Митевска го претставува како битка на „една Македонка против картелот на моќта на мажите“ во критиката насловена „Стоп за понижувањето“.

„Конечно! Беше крајно да се појави филм со ваква покренувачка моќ. Потоа чудно опуштени лица полни со тивка радост. И тоа во едно дождливо неделно утро“, пишува весникот алудирајќи на фактот дека премиерата на филмот се одржа рано утрото во Берлин.

Жените се доминантен дел од филмската екипа на „Господ постои, името и е Петрунија“

„(…) Не, ова не е филм за полова рамноправност, ова не е #MeToo филм, зад камерата не стојат сурогати на новиот светоглед. Иако мажите веројатно ќе се прашуваат: ‘Навистина ли сме толку одвратни?’ Овој филм одговара: ‘Да, во најмала рака таму каде што мажите настапуваат како толпа, како владејачка толпа во едно традиционално општество’“.

„(…) Можеби Петрунија скокна во студената вода само за да провери дали сѐ уште постои. Ако некоја слика од филмот треба да се врами, тогаш интервјуто за работа на Петрунија го заслужува тоа. Каква високо прецизна духовна вежба во понижување. Беше восхитувачки да се гледа како убавите јасни очи конечно тонат и ја губат својата сила“, пишува „Тагесшпигел“.

И медиумите од регионот, присутни на годинешното Берлинале, со позитивни оценки за „Господ постои, името ѝ е Петрунија“. Белградска „Политика“ од перото на критичарката Дубравка Лакиќ со пофалби за новиот филм на Теона Митевска.