ПОЧИНА ЉУПКА ЏУНДЕВА (1934-2018)

Почина доајенот на македонското актерство Љупка Арсова Џундева (1934-2018). Џундева, таа тивка дама на македонското актерство, секогаш со гордост истакнуваше дека припаѓа на втората генерација актери на некогашната Висока театарска школа, а со тоа е дел од создавањето на поновата историја на театарската уметност во Македонија.  Љупка Џундева играше и во првите македонски играни филмови.

Љупка Џундева и Слободан Перовиќ во „Мирно лето“

Во ансамблот на Драмата при Македонскиот народен театар (МНТ) Љупка Џундева се вработува во 1951 година. Припаѓа на генерацијата актери кои ја завршија Државната театарска школа во Скопје. Во МНТ работи до пензионирањето во 1990 година. Добитник е на Наградата на градот Скопје „13 Ноември“, потоа на Наградата за артистичко остварување доделена од Југословенската радио-телевизија, Орден на трудот со златен венец и Орден на трудот со сребрен венец, а беше и прв лауреат на јубилејното 10. издание на „Астерфест“.

Дарко Дамевски, Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Илија Милчин и Мери Бошкова во „Мирно лето“

Нејзиниот ентузијазам и копнеж по театарската сцена, но и нежниот и милозвучен карактер, безвременска убавина, романтична појава и жесток став во негувањето на звучниот мајчин јазик ја направиле миленичка на театарските режисери, но и на широката театарска, филмска и телевизиска публика.

Љупка Џундева и Кирил Ќортошев во „Трето доба“

Последните филмски улоги ги оствари во долгометражниот игран филм ЗЛАТНАТА ПЕТОРКА на Горан Тренчовски и краткиот игран филм БАРДО на Марија Апчевска.

Последната улога на Буба, како што ја викаа колегите и пријателите, на сцената на МНТ се случи во 2015 година, како Марина во претставата „Вујко Вања“ од Чехов во режија на Зоја Бузалковска.

Љупка знаеше да каже дека треба да се најде мирот и љубовта кон луѓето, и колку што е можно човек треба да му се радува на животот. „Ние сме многу малку гости на овој свет“, знаеше нашата Буба. „Човек треба да се научи прво да си ги прости своите грешки самиот на себе, а потоа да ги прости и на другите. Кога ќе простиш, ќе го најдеш својот мир и ќе се ослободиш“.

Филмографија:

1952: Фросина (Споредна улога)

1961Мирно лето ( Главна улога, )
1967Македонска крвава свадба ( Споредна улога, )
1980Оловна бригада ( Споредна улога, )
1997Џипси меџик ( Споредна улога, )
1999Време, живот ( Главна улога, )

2012: Бардо (Главна улога)

2016: Златната петорка (Главна улога)