СЕНТИМЕНТ НА РОДИТЕЛСКА АЛИЕНАЦИЈА

Иако првенствено требаше да бидат само неколку дена, тие неколку денови преминаа речиси во две недели – откако се бараше билет повеќе за филмот ТАТКО МАЈКА СЕСТРА БРАТ во режија на филмскиот маг Џим Џармуш, миленикот на скопската публика, кој длабоко го препорачувам да се одгледа. Иако оваа констатација е субјективна, можеби, а до вчера најдобриот филм по кино-салите кај нас, во последниот период, беше филмот КУЧЕ ДУХ – веќе не е така, бидејќи ТАТКО МАЈКА СЕСТРА БРАТ, изгледа, го засенува довчерашниот претендент.

Џармуш веќе го има проучено антологискиот филмски формат, но постојат структурни сличности меѓу овој и неговите претходни дела. Секој од трите сегменти на филмот ТАТКО МАЈКА СЕСТРА БРАТ се одвива при патување со автомобил, потсетувајќи нè на неговиот „такси-портманто“ филм – антологискиот и неповторлив ЕДНА НОЌ НА ЗЕМЈАТА за кој му беа потребни само осум дена да го напише сценариото.
Луцидната режија и на овој филм – патува низ трите дела во специфичниот визуелен пристап на Џармуш – како што е птичјата перспектива кон чашите (вода, чај и млеко), асоцирајќи нè на неговото, исто така култно дело КАФЕ И ЦИГАРИ, каде значаен придонес имаат и музичките легенди Том Вејтс и Иги Поп.

Во првата приказна, Џеф (Адам Драјвер) и Емили (Мајам Биалик) одат во посета кај својот татко (Том Вејтс). Во текот на разговорот меѓу братот и сестрата разоткриваме дека нивната отуѓеноста помеѓу нив е видно поголема отколку онаа помеу нив и нивниот татко.

Сцената кога цела публика „заоѓа од смеа“ – е онаа кога таткото ги нуди со вода своите деца, додавајќи дека подобро ќе беше доколку има и лимун, разоткривајќи ни ја својата латентно-ласцивна природа. По неколку минути истиот „скржав“ тип со луксузен автомобил, стокмен во смокинг, заминува кај својата љубовница.

Втората приказна е тематски слична: Мајката (Шарлот Ремплинг) спокојно разговара со својата терапевтка во прекрасно уредениот викторијански дом во Даблин, чекајќи ги своите ќерки Тимотеа (Кејт Бланшет), која веќе е стандардна актерка во филмовите на Џармуш, и Лилит (Вики Крипс) која, иако не е толку позната актерка засега, покажува исклучителен потенцијал. Тимотеа е конзервативна менаџерка која скоро не излегува никаде или барем остава впечаток на зачмаеност, а Лилит, иако е убавица, во суштина е разгалена инфлуесерка која се препушта на фантазмите и е нурната во светот на менаџерските води на Епл. Во една доблест се разликуваат, а тоа е – ако кај Тимотеа е развиен емпатскиот импулс, тогаш кај Лилит е истакнат нервот на саможивост. Секако, тоа влече подлабоки фрустрациски корени на ретката меѓусебна призврзаност, каде сè е сведено на сентиментот на алиенацијата помеѓу родителите и децата.

И конечно – во третата приказна – форматот се менува, кога њујоршките близнаци Били (Лука Сабат) и Скај (Индија Мур) одат за последен пат во Париз, во станот на своите неодамна починати родители… Индија Мур (Скај) нема само небесна убавина, туку гледајќи ја, имате впечаток дека пред вас го имате резултатот од фамозното „Раѓање на Венера“на Але(сандро) Ботичели. Били пак, како да е своевиден потомок на Еди Грант или Боб Марли со својата растафаријанска фризура; карактер кој веќе ги празни работите на родителите oд нивниот стан, и за среќа, оставајќи ги малите спомени во срцето. Во разговорот со сестра му носталгично „пловат“низ детско-тинејџерските лавиринти на своето минато. Овој дел се разликува од претходните и има компактна целина, а фокусот е насочен кон сплотеноста помеѓу братот и сестрата –како контраст и наспроти отуѓените односи помеѓу ликовите во претходните два дела од филмот. Сцената, која сама по себе има елегична магија – е сцената кога Скај се втурнува кај брата си сакајќи да го прегрне, чувствувајќи заштита како од ангел чувар.

Но, низ дел од филмско-фотографскиот компас на Џармуш – разоткриваме дека всушност, и тие не се баш толку блиски како што отпочеток наликува, односно – дека како и во претходните два дела – и тие двајцата, сепак, ја делат сличната судбина на недоволна блискост и на една, веќе зацементирана (поголема или помала) отуѓеност меѓу нив.

Не е лесно да се создаде визуелна разноличност и впечатливост во филмско дејствие каде навидум не се случува ништо, а во суштина, постои видна ерупциска тензија. Секој сегмент е заводливо импресивен уште од првиот кадар; видно се насетува монтажната умешност на бразилскиот „вундеркинд“ Афонсо Гонсалес – кој веќе беше номиниран за Оскар за филмот СÈ УШТЕ СУМ ТУКА, па може да се надеваме дека овој пат, со овој филм годинава – и ќе го освои.

Во филмот, како на тишината да се додава едно комично темпо – кое ги потенцира разговорите полни со досетки; во сцената каде се појавуваат зраци во темниот склад, филмот ни наговестува дека… Но, секако дека нема да го разоткриваме епилогот на филмот овде во овој кус осврт – за да не им го расипуваме доживувањето на оние кои сè уште не го гледале филмот, нели?

Џармуш скромно ја посетувал Кинотеката во Париз, каде дневно гледал и по три филма, а годинава сосема заслужено го доби ЗЛАТНИОТ ЛАВ во Венеција – докажувајќи зошто тој, како автор, е во самиот врв на светската кинематографија…

Автор: Александар Василевски