Огромната заинтересираност за играниот филм СЛАТКАРОТ (Haofeh mi Berlin / The Cakemaker) во режија на Офир Раул Грејзер (Ofir Raul Graizer) и со Сара Адлер (Sarah Adler), Зохар Штраус (Zohar Shtrauss), Тим Калхоф (Tim Kalkhof), Сандра Саде (Sandra Sade), Рој Милер (Roy Miller) во главните улоги, ја преполни салата на Кинотеката на четвртата вечер на Неделата на израелскиот филм.

Приказната на СЛАТКАРОТ е за Томас, млад германски пекар, кој има афера со Орен, женет Израелец, кој често патува во Берлин поради бизнис. Кога Орен ќе загине во сообраќајна несреќа во Израел, Томас патува во Ерусалим за да најде одговори за неговата смрт. Под измислен идентитет, Томас се инфилтрира во животот на Анат, вдовицата на неговиот љубовник, која е сопственик на едно кафуле во Ерусалим. Тој почнува да работи за неа – прави германски торти и колачи, кои ќе го вратат во живот нејзиното кафуле. Томас се вклучува во животот на Анат на начин на којшто воопшто не очекувал и за да ја скрие вистината, ја проширува лагата до граници од каде што нема враќање…

СЛАТКАРОТ во неговата сторија ја загатнува и ЛГБТ темата, на која по проекцијата на филмот дебатираа македонските филмски автори Игор Иванов-Изи, Вардан Тозија, Ана Јакимска и Даријан Пејовски, и ЛГБТ активистот шалом Константино. Тие под модераторство на васко Маглешов говореа за третирањето на мотивите од ЛГБТ заедница во нивните филмови и ТВ серии.
