ФИЛМОВИ НА МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ВО ЗАГРЕБ

Во загрепското кино „Тушканац“, биоскопскиот дом на Хрватската кинотека, синоќа започна чествувањето на македонскиот филмски автор Милчо Манчевски.

По повод 25те години од појавата и успехот на ПРЕД ДОЖДОТ, во кино „Тушканац“ вчера и денес се прикажува мини-филмски циклус со наслов „Портрети: Филмскиот триптих на Милчо Манчевски“. Загрепската публика има можност да се потсети на ПРЕД ДОЖДОТ (1994), ПРАШИНА (2001) и МАЈКИ (2010).

Воведен збор пред присутните одржа филмската критичарка Дијана Ненадиќ, која го истакна значењето на филмскиот опус на Манчевски во регионалниот контекст, но и пошироко.

Милчо Манчевски е доследен на својот филмски кубизам, потенцираше Ненадиќ.

Директорот на Кинотеката на Северна Македонија Владимир Ангелов истакна дека во 1994 година ПРЕД ДОЖДОТ и дал крилја на новата независна држава.

И по 25 години ПРЕД ДОЖДОТ сè уште зрачи со енергија и времето му дава додадена вредност, истакна Ангелов.