ФИЛМОТ „КАБИРИЈА“ ЗА СВЕЧЕН ПОЧЕТОК НА НЕДЕЛАТА НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ЈАЗИК ВО СВЕТОТ

Понеделничката вечер во киносалата на Кинотеката беше во знак на Неделата на италијанскиот јазик во светот. Претставници од Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје, соработници на Амбасадата на Италија во Македонија и останати љубители на италијанската култура и филм, имаа можност да присуствуваат на уникатната проекција на филмот КАБИРИЈА од 1914 година на Џовани Пастроне (познат и под псевдонимот Пјеро Фоско), по сценариото на славниот поет и „необичен“ револуционер Габриеле Д’Анунцио, а музиката ја компонирале Илдебрандо Пицети и Манлио Маца.

Присутните ги поздравија Владимир Ангелов, директор на Кинотеката, и Н.Е. Карло Ромео, амбасадор на Италија во Македонија.

Владимир Ангелов

Ангелов посочи дека одлуката да се прикаже нем филм на Неделата на италијанскиот јазик во светот е само навидум необична, бидејќи гледачите имаа можност да уживаат во поетскиот јазик на Д’Анунцио преку дидаскалиите кои ги објаснуваат содржините на сцените во речиси тричасовниот еп од римско доба.

Карло Ромео и Марио Маријани

Амбасадорот Ромео ги претстави содржините на традиционалната манифестација, која се одржува во исто време во целиот свет, преку која Италија ја истакнува италијанската култура низ различните форми на италијанскиот јазик во филмот, театарот, поезијата…

Марко Пешетели, филмски експерт, културно аташе во Амбасадата и лектор по италијански јазик на Филолошкиот факултет во Скопје, го претстави фимот КАБИРИЈА, кој бил вистински блокбастер во времето кога бил снимен, се прикажувал во сите поголеми оперски куќи во Европа и Њујорк, САД. КАБИРИЈА бил првиот филм што воопшто бил прикажан во Белата куќа во Вашингтон, а Пешетели ја имал среќата да учествува во двегодишното реставрирање на филмот.

Марко Пешетели

КАБИРИЈА бил револуционерен филм на своето време и според техничката реализација, со неколку изуми кои се користат до ден денес, како количката за снимање „доли“ и „фиксите“, стабилизатор на сликата при проекција на екранот.

Марио Маријани

Сепак, најголемите аплаузи ги собра маестралното музицирање на пијанистот и композитор на филмска музика Марио Маријани, кој свиреше 2 часа и 45 минути, делумно според партитурите на Пицети и Маца, но поголемиот дел од музичката придружба беше неговата брилијантна импровизација.

Неделата на италијански реставрирани филмови започна со филмот ТЕРАСАТА на Еторе Скола, а продолжи со дебитантскиот филм на Бернардо Бертолучи, МРАЧНИОТ ЖЕТВАР од 1962 година, но и неговиот можеби најконтроверзен филм, ПОСЛЕДНО ТАНГО ВО ПАРИЗ, реализиран една деценија подоцна. Во Неделата на италијански реставрирани филмови ќе можеме да го видиме и новиот живот на класичните дела на големите мајстори на филмот како ТОЛКУ СЕ САКАВМЕ и ТЕРАСАТА на Еторе Скола (Ettore Scola), ИТАЛИЈАНЦИ ДОБРИ ЛУЃЕ на Џузепе де Сантис (Giuseppe De Santis), ЦРВЕНАТА ПАРАБОЛА на Нани Морети (Nanni Moretti), како и првиот американски филм на браќата Паоло Тавијани и Виторио Тавијани (Paolo Taviani, Vittorio Taviani), ДОБРО УТРО, ВАВИЛОН.