
Филмска рецензија:
МЕГАЛОПОЛИС (2024)
режија и сценарио: Френсис Форд Копола
улоги: Адам Драјвер, Џанкарло Еспозито, Натали Емануел, Обри Плаза, Шија Лебуф, Џон Војт, Лоренс Фишбурн, Кетрин Хантер, Дастин Хофман
Френсис Форд Копола се враќа после подолго време. Секако дека таа информација беше една од главните филмски вести што доаѓаа отаде барата во изминативе речиси две, а можеби и три години. Информациите што пристигаа, велеа дека Копола имал тетратка во која ја скицирал својата лебедова песна, последниот голем филм што ќе го сними. Не се работи за сценарио старо 50 години, туку за идеи што ги носел во себе, ги запишувал уште од крајот на семдесетите и чекал момент кога би ги реализирал во филм. Се пишуваше дека филмот ќе биде голем и богат, со одлична актерска, односно креативна, екипа. Кон крајот на осумдесеттите веќе бил на прагот да го сними овој филм, но како и секогаш, не наишол на разбирање кај продуцентите. И потоа, неколку пати, Копола е во подготовки да го снима филмот, но студијата немаат разбирање за неговата мегаидеја, односно опсесија. Во 2024 година починува Еленор Копола, шеесет години негова верна содружничка и мајка на неговите две деца, синеастите Роман и Софија Копола. На Еленор ѝ бил дијагностициран рак во 2010 година. Еленор одбива да прима хемотерапија и мирно и свесно се соочува со крајот. Можеби тоа и таа влијаела Копола да ги продаде своите лозја во Калифорнија и да го самофинансира својот последен филм (сега-засега) со сто и дваесет милиони долари. Сета животна заштеда, Ф.Ф. Копола ја имал вложено во таа животна инвестиција – неговата втора љубов, но разумот вели поинаку. Синот Роман е успешен синеаст – продуцент и сценарист – и снима филмови со Вес Андерсон – тој е незаменлив дел од авторскиот тим на Вес Андерсон – и заедно ги пишуваат сценаријата на неговите филмови; дополнително, тој е директор и на семејната фирма „Зутропа“. Софија, пак, е добитничка на „Оскар“ за ИЗГУБЕНИ ВО ПРЕВОДОТ и „Златна палма“ за НЕКАДЕ. Имајќи го сето тоа предвид, логиката е на страна на постапката на Ф.Ф. Копола: да се продаде имотот и да се тргне во авантурата наречена филм. Па, нели еднаш се живее.
И бидна, МЕГАЛОПОЛИС беше прикажан на последното издание на Канскиот фестивал. Непосредно пред да биде прикажан, до синефилите допираа гласовите дека филмот не ги поминал пробните прикажувања, дека не може да најде продуцент, дека не може да најде дистрибутер, дека нема пари за маркетинг кампања, дека новинарите се со поделени мислења за филмот и дека тие мислења одат од тотално негирање до тотално славење на неговото достигнување… Воглавно негативни работи. Но, како што викаше Џони, „нека се пишува, па макар и добро“ или „и лошата реклама е добра реклама“. И по Канскиот фестивал, контроверзниот филм сепак заживеа во кината, во странство, а и кај нас. Пред да го гледам, разговарав со некои луѓе што го гледале во Синеплекс и нивните мислења беа поделени. Од една страна им се допаднал филмот, а од друга страна велеа дека филмот изгледа недоработен како сценарио и дека има некои нелогични работи во континуитетот на приказната.
Хм? Ф. Ф. Копола да направи таква грешка? После толку изедени километри филмска лента? Не би рекол! Немав дилема дека ќе го гледам, но непосредно пред да отидам на МЕГАЛОПОЛИС, се соочив со уште една дилема: Кинотека или Синеплекс? И двете сали ми одговараат со близината, Синеплекс повеќе со комоцијата, а Кинотека со атмосферата во киното, пред и после проекцијата. И се решив за Кинотека. За Синеплекс веќе ми рекоа дека имало по неколкумина на проекциите, а крајот на филмот не го дочекувале ни тие малкумина заробени во фантазијата на Ф. Ф. К.
Не го очекував визуелниот стил на МЕГАЛОПОЛИС. Не го претпоставив концептот. Знаев дека „приказната“ се врти околу споредбата на современото општество со Римската Империја, нешто во смисла дека „историјата се повторува“ и толку. Затоа немав предрасуди кон стилот на филмот. И влегов во салата неоптоварен и без никакви очекувања. Но од самиот почеток филмот ме закова за седиштето. Она што го гледав на платното не беше ништо што досега сум го видел. Велат дека било претенциозно, и да речеме дека е така, но мене ми беше прекрасно претенциозно. Приказна како приказна, паралелите со римското општество океј, глумци ко глумци, но целиот концепт на синеастичко доживување што го нуди МЕГАЛОПОЛИС е нешто што не може да се доживее преку друг филм. Ова е сосема друго, поинакво ниво на филм. Веројатно ќе треба време да се докаже неговата вредност. Секој кадар, секој план од филмот беше најпрецизно осмислен. Оттука мислам дека приказните за тоа дека актерите импровизирале и сами си ги пишувале репликите за време на снимањето е само уште една од легендите што се раскажуваат и ќе се раскажуваат за овој филм. Свесен сум дека младите тешко ќе го прифатат филмот. Генерацијата што е навикната на „стрејт-форвард“ филмови и на кои дури и ЕВТИНИ ПРИКАЗНИ на Тарантино им е комплициран, тешко дека ќе прифатат еден мисловен, критички и симболички филм кој што е претежно визуелен. Јасно дека оваа концепција ќе им биде претенциозна, но така е ако се гледа само современата холивудска филмска естетика. Вес Андеросн не е помалку претенциозен. Ако се вратиме наназад и ги видиме филмовите на Фелини (КАЗАНОВА или САТИРИКОН) или кој било филм на Бергман, Годар или Буњуел, ќе видиме дека филмот не е претенциозен туку се надоврзува на една востановена филмска естетика. Сето тоа Ф. Ф. Копола го докажува и со изборот на режисерски постапки каде што на места користи „ирис“, односно го намалува екранот држејќи го предметот/објектот во тркалезен фокус, постапка користена во немите филмови или со користењето на „сплит-скрин“ кон крајот на филмот, постапка каде што гледаме различни дејствија на платното во рамките на еден кадар, и платното е поделено на повеќе мали платна – техника користена најчесто во седумдесеттите. Прецизно и испланирано до секоја нота. И филмот заврши со „Осамена планета“ на Д Д (Lonely Planet by The The). „If you can’t change the world, change yourself,“ вели Мат Џонсон алијас Д Д, и тоа совршено се вклопува со идејата на Ф. Ф. Копола.
Кинотека не е Кинотека ако после филмот не промуабетиш со некого за филмот. Иако излегов молчалив и незабележливо шмугнав во темнината, сепак на неизбежните семафори пред повторно да влезам во сенките на моите мисли бев начекан и прашан „А тебе ти се допадна филмот“? Го испукав мојот рафал пофалби и одговорив афективно на секоја забелешка што соговорниците ја имаа, нешто што не можам да го повторам на оваа бела празнина. Соговорниците останаа без збор. Можеби и ги пишманев во нивните дилеми. Мојата одбрана на филмот ќе ја носам во себе до следното гледање на МЕГАЛОПОЛИС, се надевам повторно во кино, а потоа и „натенане“ во домашна атмосфера каде што ќе можам да ги ловам и барам цитатите што Ф. Ф. К. ги користи во МЕГАЛОПОЛИС. А ако јас не ве пишманев можеби повеќе ќе му верувате на Спајк Ли: „Брат ми продолжува да ме воодушевува и воодушевува неговата бестрашност, да го направи она што треба да го направи. Толку.“ Или пак на Спајк Џонс: „Уште се смеам. Радикално. Никогаш не сум видел ништо слично. Слушав за ова, но не можев да замислам што ќе биде. Толку многу работи ми се допаѓаат, но работата е што тоа ми се вовлече под кожа. Беше смешно и забавно и живо и електрично и го оживеа светот на идеите…“ Или на Гиљермо Дел Торо кој ќе рече „Френсис е сè уште истиот храбар, бестрашен, инвентивен филмаџија како во неговите 20-ти. МЕГАЛОПОЛИС ме однесе!“ А ако не ми верувате мене и на овие тројца, можеби ќе му поверувате на Стивен Содерберг: „ЛЕЛЕ! Ова е можеби најлудото нешто снимено на американска почва. Секако, едно од најголемите дела на чистата имагинација што сум го видел!”
Владимир Љ. Ангелов
Виш филмолог при Кинотеката на Македонија
Член на ФИПРЕСЦИ/Member of FIPRESCI