МЕТО ЈОВАНОВСКИ: Треба да ги славиме филмот и уметноста како зрак светлина против мрачните стереотипи

Со врачувањето на Повелбата за исклучителен придонес во уметноста на филмот, синоќа во Кинотеката започна Омажот на Мето Јовановски, во рамки на 22. издание на Скопје филм фестивал.

Заблагодарувајќи му за неговите легендарни улоги, Повелбата му ја врачи директорот на Кинотеката Владимир Ангелов.

Има актери кои умеат така лесно да ве убедат во невозможното, има актери кои умеат на сè да дадат свој печат, има актери кои умеат секоја ролја да ја направат незаборавна, има актери чија умешност едноставно ве остава без здив, има актери кои така неверојатно ги минуваат границите. Има актери за кои не сте сигурни дали го одбележале македонскиот филм или се претвориле во симбол по кој македонскиот филм го препознаваме. И не само филмот. Мето Јовановски е еден од оние актери што го одбележаа македонското глумиште, бидејќи без оглед дали се работи за филм или за театар, неговите ролји, мали или големи, секогаш остануваат во паметење. Неговата харизма, неговиот талент, неговата особеност, без нималку претерување, се нешто кое умее на секоја улога да ѝ даде не само живот, туку боја, сила, карактер, умее да ѝ даде таков печат, што не може никого да го остави рамнодушен, се вели во образложението на Скопје филм фестивал.

 

Кинотеката и Скопје филм фестивал во овој омаж на Мето Јовановски се одлучија за неколку негови улоги кои ги играше во регионот, бидејќи Јовановски го одбележа македонското глумиште, но и југословенското и многу пошироко, докажувајќи дека не е безвремена играта, туку луѓето во неа. Докажувајќи и потсетувајќи нè дека имаме актери за кои можеби понекогаш и не сме свесни какво и колку е значајно она наследство кое го оставиле и кое со секоја следна ролја умеат да го остават.

Заблагодарувајќи се на почеста, Јовановски рече дека е чест и привилегија да се биде дел од создавањето на една филмска сторија покрај бројни филмски великани, мајстори кои здружено умеат животот, секојдневието, историското минато, бројните настани и случувања да ги преточат во мисловен, возвишен и магичен креативен филмски свет, во филмска сторија како општочовечка вредност.

Ако сум јас еден од оние кои ја заслужуваат оваа почест за мојот придонес и креативната филмска работа, јас сум благодарен и на Севишниот Господ Бог и на сите Вас, драги почитувани пријатели, рече Мето Јовановски.

Заблагодарувајќи им се уште еднаш на Кинотеката и на присутните во име на креативноста, убавината и во сè она што ја храни и возвишува човековата душа, Јовановски истакна дека треба да ги славиме филмот и уметноста како зрак светлина против мрачните стереотипи и сè она што ја убива душата човекова.

Нека овој храм на уметноста и понатаму биде духовен светилник, волшебно огледало и достоен репрезент на филмското творештво на градот Скопје и воопшто на духовната убавина на нашата татковина. Нека и натаму зрачи со силата на убавото и духовното за радост на сите нас!