Смената на вековите е време на претпоставки и индивидуални контакти со филмот. За овие неколку години сe уште немаме наидено на траги од прикажувачка или снимателска дејност. Но, тоа не ја исклучува сосем можноста за присуство на филмот на нашите простори. Македонија отсекогаш била крстосница на многу патишта и патници. Во овој период е изградена и железничка пруга. Таа ја зголемила фрекфенцијата на сообраќајот и го олеснила патувањето. Оттука значителни се можностите некој снимател, но, пред сe, патувачки киноприкажувачи, кога веќе тоа го сториле во 1897 година, и во овој период да се упатиле во Македонија.
Втората, уште поизгледна можност, е да се имаат реализирано индивидуални контакти со филмот. Нашата земја кон крајот на 19 и почетокот на 20 век ја зафати силен бран на економска емиграција. Реки луѓе заминаа во САД, Романија, Франција и други земји. Голема е можноста таму нашите иселеници да ги виделе чудата на живите слики. Филмот уште од почетокот бил евтина забава, која се приредувала по кафеаните, под шатори и на други пристапни места.