1903

Најстариот филм за Македонија, за којшто досега се знае, е „Колежите во Македонија“ („Massacres de Macedoine“), снимен во продукција на компанијата „Браќа Пате“ (Pathe freres) од Франција. Филмот бил долг 35 метри, а неговото прикажување траело околу 2 минути. „Колежите во Македонија“ е снимен во студијата на компанијата „Браќа Пате“ во Венсан, близу Париз. Значи не станува збор за документирање на автентични настани и личности, туку за снимки на исценирани и режирани дејствија кои ги толкувале актери. Од фотографијата која е објавена во Каталогот на компанијата се стекнува впечаток дека настанот содржински, сценографски и костимографски е уверливо реконструиран. И најверојатно кај гледачите филмот оставил впечаток дека набљудуваат автентични филмски снимки. Освен во Франција „Колежите во Македонија“ е прикажуван и во Велика Британија, но под наслов „Турски суровости“ („Atrocites turques“). Ова атрактивно остварување стигнало и на Балканот. Во 1904 година филмот бил прикажан во Љубљана, а потоа и во Белград. Немаме сретнато податок дали е прикажан кај нас. Но, заради компромитирачките сцени за Отоманската империја, во чиј состав сe уште била Македонија, тешко е да се претпостави дека некој прикажувач би се изложил на толкав ризик пред овдешната публика да прикаже таков филм. 

Првите автентични документарни филмови во Македонија ги снимил Чарлс Рајдер Нобл (Charles Rider Noble), кого продуцентот „Чарлс Урбан Трејдинг Компани“ („Charles Urban Trading Company“) од Лондон го пратил во Македонија да ги документира настаните предизвикани со Илинденското востание. На оваа турнеја британскиот снимател престојувал од есента 1903 до крајот на зимата 1904 година. За тоа време реализирал 8 филмови во Пиринска и Југоисточна Македонија.

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.