За време на престојот во Македонија есента 1903 и зимата 1904 година Чарлс Рајдер Нобл на 20 јануари 1904 година го снимил филмот „Празникот на Свети Јован во Рилскиот манастир“ („The Feast of St. John at Rilo Monastery“). Во филмот, кој е долг 150 стопи или 45,5 метри и чие прикажување траело без малку 3 минути, се прикажувал манастирот и процесите во кои покрај локалното население учествувале и бегалците од Македонија. Во тој наврат можеби ги снимил и „Бегалците во Рилскиот манастир“ („Refugees at Rilo Monastery“) во кој се прикажани бегалци од Македонија кои таму се засолниле пред турските зулуми. Но, бидејќи Чарлс Рајдер Нобл во Македонија дошол по претходниот престој во Бугарија возможно е тој филм да е снимен есента 1903, како и „Бегалците во Самоков“ („Refugees at Samokove“).
Филмовите на Чарлс Рајдер Нобл, снимени во Македонија во 1903 и 1904 година, а во продукција на „Чарлс Урбан Трејдинг Компани“, биле прикажувани 1904 година во Лондон во угледната и престижна сала „Алхамбра“. Нивното прикажување предизвикало голем интерес и публицитет. Информации и осврти за нивната содржина објавиле водечките британски неделни и дневни весници. „Black and White“ информира за „една извонредна нова серија на биоскопски слики, која ја прикажува дејноста на востаниците во Македонија… Еден од филмовите прикажува вистинска борба, додека другите – иако помалку крволочни – исто така се многу интересни…“ „Morning Post“, пак, не одминувајќи го филмот „Македонски востаници се борат со Турците“, посебно ја истакнува храброста на снимателот Нобл, кој со „значителен личен ризик (ги снимил) сцените на борбите“ и особено што се „заколнал на верност кон водачот на востаниците, па со тоа се декларирал како непријател на Турците“. Потем дека, „сликите се многу различни по вредност, но сите се интересни, а еден предавач со својот коментар уште повеќе придонесува за таа интересност“. За овој циклус на филмови пишуваат уште „The Standard“ и „Financial News“, а „The Pelican“ информира дека „…Спектакл како што е сцената кога гледаме човек кој навистина гине пред очите на другите на бојното поле, никогаш пред тоа не била прикажана и тоа е навистина истовремено и ужасно и фасцинантно“. Освен во Велика Британија, немаме податоци дали филмовите за Македонија на Чарлс Рајдер Нобл биле прикажувани и на други места.