Оваа година е најзначајна за филмскиот опус на браќата Манаки и претставува врв на нивната снимателска дејност. Имено, тогаш браќата создале три репортажи со кои непосредно се приближиле до документаристичкиот филмски приказ. Тоа се филмовите за посетата на претпоследниот турски султан Мехмед V Решад на Солун и Битола, потоа за посетата на романската делегација на Битола, Гопеш и Ресен, како и закопот на гревенскиот митрополит Емилијанос. Интересен е податокот што се однесува на овој редоследно последен именуван материјал. Имено, материјалот за погребот на Емилијанос е единствен, од сите сочувани материјали снимени од браќата Манаки, што тие сами го развиле и измонтирале, заедно со телопи (натписи) напишани на рака и го подготвиле за јавно прикажување.
Во текот на месеците мај и јуни во театарската зграда во Скопје гостувало патувачкото кино „Ексцелзиор“, кое објавувало реклами за својот репертоар во дневниот печат. Меѓу повеќето филмови што скопјани ги виделе во оваа пригода биле и „Катарина Ховардова“, „Венецијанскиот трговец“, „Трка со балон Париз-Мадрид“ итн. Впрочем, филмската програма на ова кино го претставувала стандардниот светски кинорепертоар од времето пред Првата светска војна. Но, постои еден мошне интересен податок. Во киното „Ексцелзиор“ бил прикажан и филм за султанот Решад V, но не е наведено од каде потекнува и каде е снимен овој филм.