Балканските војни, со кои трагично беше распарчен единствениот етнички организам на Македонија, влегоа во филмскиот кадар. Воените настани и премрежијата на цивилното население на филмската лента ги забележале снимателите на компаниите: „Пате“ (Pathe) „Гомон“ (Gaumont), „Сине“ (Cines), „Еклер“ (Eclair) и други. За снимање на балканските операции биле ангажирани над 20 филмски репортери, а за водечката компанија „Пате“ работеле дури 8 сниматели. Новост во однос на дотогашната практика е вклучувањето на новоформираните компании, специјализирани за филмски новости, како што се: „Pathe Journal“ и „Tropical Budeget“.
На снимателите големи пречки во работата им задавала цензурата на завојуваните страни. Покрај засилената контрола и постојаното следење, не им дозволувале да се доближуваат до воените дејствија. Затоа на нивните снимки нема многу борбени операции, а најзастапени се страдањата на цивилното население и бегалците, кои ја прикажуваат „човечката страна на војната“.
Со цел поуверливо да се снимат борбените дејствија, снимателите на „Пате“ употребувале телефото леќи. Истражувачите наведуваат дека данскиот снимател Fric Magnusen, како и други сниматели и компании, не можејќи да снимат вистински борби, симулирале такви сцени. Таквите лажни филмови биле снимани скришум и во студија. Меѓутоа, биле откриени и јавноста, преку печатот била предупредена за нивниот карактер.
Балканските војни биле повод и инспирација за снимање и на уметнички филмови. Во следните две години биле реализирани 20 такви остварувања.
Прикажувањето на документарните филмски записи за Балканските војни било проследено со голем публицитет и реклама во печатот. Честопати проекциите биле придружувани со предавања, а неколку компании изработиле специјални плакати за рекламирање на своите филмови.
Кон крајот на годината во Скопје проработило првото постојано кино „Вардар“ сместено во барака. Ова кино работело до 1927 година, кога изгорело во еден голем пожар.