Само што заврши Втората балканска војна, Македонија ја зафати виорот на Првата светска војна, посебно со отворањето на Македонскиот фронт. Оваа војна ја снимале воени филмски сниматели од земјите и на двете спротивставени страни, на Антантата и на Централните сили.
Покрај воените операции на македонскиот фронт, снимени се и голем број секвенци од животот на цивилното население во заднината.
И следните години филмските сниматели биле доста активни, во зависност од активноста на фронтот.
Со оглед на фактот дека оваа војна била фронтовска, животот во населените места кои не биле во близина на фронтот се одвивал релативно нормално, така што прикажувањето филмови, како и работата на кината во Македонија, продолжило и за време на војната. Така, во 1916 година германската војска со своите подвижни кина одржувала филмски проекции во Прилеп (во долгиот двор на семејството Шесколеновци), во Велес (во училиштето „Св.Кирил и Методиј“), како и во селата Лисолај (Битолско) и Рајца (Ресенско). Истата година, во Скопје, во бараката на резбарот Нестор Алексиев, проработило киното „Балкан“ на скопскиот фотограф Сиљан Караѓиновиќ. Ова кино работело само неколку месеци. Во Прилеп, во октомври 1917 година започнало со работа киното „Прогрес“ на семејството Напевци, сместено во нивната стара семејна куќа. На првата проекција бил прикажан филмот „Дамата со камелии“ и еден журнал од германско производство под наслов „Изгледот на Прилеп“. Кон крајот на 1918 година во Скопје се наоѓало седиштето на Филмската секција на српската војска која, располагајќи со повеќе проектори, организирала филмски проекции, како за војската, така и за граѓанството. Истата година се одржани и првите филмски проекции во Струмица, а во Штип повремени проекции одржувал Лазо Казанџиев во бавчата на кафеаната „Пролет“. Во Битола – две нови кина. Повратникот од Америка, Лазо од с. Цапари отворил постојано кино во својот хотел „Америка“, а Коста и Димитар Чому отвориле кино во хотелот „Солун“ кое работело до 1921 година. Во еден од тенекиџиските дуќани на Тумбата е одржана првата филмска проекција во Куманово.