1919

Арсениј Јовков (1884-1924 година), борец за национално ослободување, новинар, писател, фотограф и филмски деец – напишал сценарио за игран филм „Илинден“.  Од сценаристичкиот запис се сочувани Прологот и Првиот дел. Текстот е поделен на слики, а дејствието наместа е дообјаснувано со телопи. Точното време на настанувањето сe уште не е утврдено, но определени индикации упатуваат дека тоа е најдоцна во 1919 година.

Прологот започнува со впечатлив опис на реалистички глетки за навлегувањето на Турците на Балканот. Во следната слика, низ еден пресврт, дејството преминува во експликација на надреални претстави инспирирани од митот за Крали Марко. Митскиот јунак Крали Марко носен од својот коњ скока од полиња на планини, од планини во градови (Пелистер-Прилеп)… Талка по својата унесреќена и разурната земја сe до средбата со Господ, кога сфаќа дека ја изгубил силата. Соочувајќи се со тоа, тој од Бога бара да го успие во петвековен сон. Потем Крали Марко го убива својот коњ и оди во пештерите на Бабуна да се препушти на сонот. Идентификувајќи го Крали Марко со судбината на народот, јасна е алузијата на турското ропство.

Првиот дел на сценариото временски е лоциран во средината на 19 век, а започнува со пребарувањето на двајца намерници по гробот на Крали Марко. Пребарувајќи по планината Стогово тие стигнуваат во селото Креснец, каде Чорбаџијата Ѓуро прави богата свадба. Тоа е, всушност, контрапункт на Прологот. Тајфите музичари, ората, насобраниот народ, живописната и весела атмосфера, свадбарските обичаи сугерираат оптимистичко расположение на будење и почеток на нов живот. Натаму, низ една дигресија, во наративна форма, сценаристот нe запознава со животниот пат на главниот протагонист Ѓуро, кој е претставен како успешен човек и со силно нагласено просветителско и ослободително чувство за својот народ. Тој освен што ги помага поединечно сиромашните, презема акции за општо добро: гради и организира училишта, купува и подарува камбани… Но, судбината не му е наклонета. Му умираат редум децата. Во следната фаза дејството пак се враќа во сегашноста, за низ динамичната смена на настани и сцени да ни ги прикаже перипетиите и драматичната борба со смртта на последното дете на Ѓуро, Војдан. Тие неизвесности среќно се завршуваат. Натаму Војдан го гледаме како одлетно момче, кое е препуштено на лицемерната грижа на негователките. Во таквиот амбиент тој брзо созрева. Во пресметка со немирните и пакосни момчиња врсници, станува заштитник на својата пријателка…

Сценариото на Арсениј Јовков е пишувано во манирот на битовата драма. Со него, а потоа и со сценариото за документарниот филм „Македонија“ (1923), Арсениј Јовков искуствено покажа не само дека има усет за филмскиот медиум, туку и дека ги познава и владее со законитостите на кинестетската форма и обликувањето на визуелната граѓа.

Во Велес, во кафеаната „Ада кафези“, Ѓока Михајловиќ и Јоца Димитриевиќ го отвориле постојаното кино „Биоскоп касина“.

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.