Прилог 2 – ФУДБАЛСКИ НАТПРЕВАР МЕЃУ СК „ЛЕВСКИ“ И СК „МАКЕДОНИЈА“ ВО СОФИЈА
Репортажа со нарација во оф-тон, реализирана во 1943 година, во Софија, за фудбалски натпревар од бугарското државно првенство, меѓу СК „Левски“ од Софија и СК „Македонија“ од Скопје.
Додека течат повеќе кадри во општ и средно-крупен план, кои ги покажуваат случувањата на теренот од натпреварот меѓу двата клуба, но и публиката на преполните трибини на стадионот во Софија, меѓу кои има и војници, нараторот соопштува дека „во Софија, при рекордна посета, се одигра решавачкиот меч за првенството… меѓу државниот првак ‘Левски’ и скопскиот ‘Македонија’“. Следуваат уште неколку општи кадри од случувањата на теренот, во кои фудбалерите на „Левски“ се облечени во дресови со пруги и црни гаќи, а фудбалерите на „Македонија“ во бели дресови и црни гаќи. Нараторот соопштува дека и двата тима се обидуваат да победат, „Левски“ за да ја зачува титулата, а „Македонија“ за подобар пласман на табелата. Следуваат уште неколку тотали од мечот и од трибините, а нараторот соопштува дека „Левски“ е подобар и во двете полувремиња и дека победува со 2:0. Репортажата завршува со општ план од трибините, каде воодушевената публика со аплауз ги поздравува победниците.
Репортажа е целосно реализирана на стадионот на ФК „Левски“ во Софија, каде што, во 1943 година, на фудбалски натпревар од бугарското државно првенство се сретнаа СК „Левски“ од Софија и СК „Македонија“ од Скопје. Покрај гласот на нараторот, во оф-тон, како илустрација, се слуша и соодветна класична музика и аплауз од публиката во последниот кадар.
Напишано од д-р Атанас Чупоски