Бугарско дело – Кино преглед бр. 107/43

Бугарија 1943 1,17 мин Звук репортажа Журнал

Прилог 6 – ИЛИНДЕНСКИ СВЕЧЕНОСТИ ВО ГОРНА ЏУМАЈА
Репортажа со нарација во оф-тон, реализирана на Илинден, 2 август 1943 година, во Горна Џумаја (Пиринска Македонија, денес Благоевград во Република Бугарија), по повод четириесетгодишнината од Илинденското востание.
Репортажата почнува со широк тотал на плоштадот во Горна Џумаја, на кој е собрано мноштво народ и построена војска, додека нараторор соопштува дека „како и во сите градови на Царството Б’лгарија и во Горна Џумаја торжествено се отпразнува годишнината од Илинденското востание“. Додека спикерот соопштува дека „од мноштво народ се почитува споменот на хероите загинати за слобода и независност“, следуваат повеќе статични кадри во средно-крупен и крупен план, на кои се претставени присутните на свеченоста: построени бугарски војници и официри со знамиња во рацете; германски војници во став мирно со венци во рацете во предниот план и мноштво граѓани на Горна Џумаја во задниот план на кадарот; дотерани жени, свечено облечени во народни носии со венци во рацете; повозрасни граѓани облечени во градска облека; група млади жени облечени во униформи кои со рацете поздравуваат со нацистички поздрав; неидентификуван владика на Бугарската егзархија, кој во рацете држи кутија накитена со цветови – симболичен знак на благодарност на оние што ги дале своите животи во Илинденското востание; крупен план од кутиите украсени со цветови што неколку жени ги држат в раце; свечено принесување на кутијата пред споменикот од страна на владиката; гардисти во униформи во став мирно; членови на Илинденската организација (организацијата „Илинден“) со знамиња во рацете; млада девојка во народна носија; претседателот на Илинденската организација како држи говор пред микрофон пред споменикот, додека нараторот соопштува дека „претседателот на Илинденската организација им оддава чест на оние што ја создадоа Илинденската епопеја. Илинден 1903 година ќе остане незаборавна дата во историјата на вековните борби за обединување на б’лгарскиот народ“. Следуваат уште неколку кадри во средно-крупен и крупен план, во кои се претставени говорникот – претседателот на Илинденската организација како нагласено гестикулира со рацете и присутните што го слушаат – мноштвото народ, меѓу кои и девојчиња на училишна возраст облечени во народни носии.
Репортажата завршува со неколку кадри во средно-крупен план од положувањето венци пред споменикот и последниот кадар – лифт надолу по целата должина на споменикот на комита – Илинденец и венците во неговото подножје.
Репортажата е целосно реализирана на Илинден, 2 август 1943 година, во Горна Џумаја. Покрај гласот на нараторот, во оф-тон, како илустрација, се слуша и класична музика инспирирана од црковна литургиска музика и соодветна класична музика. На едно место недостасува сосема мал дел од тонската шпалта.

Напишано од д-р Атанас Чупоски

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.