Видео презентација во времетраење од шест минути за проект инициран од театарот „Глада Худик“ од Шведска, а финансиран од Шведскиот институт на тема „Децата не се раѓаат со предрасуди“.
Презентацијата на проектот ја објаснува целта да се создаде инклузивно општество, во кое лицата со попреченост ќе бидат прифатени како еднакви со другите луѓе. Мисијата на овој проект е секој да добие шанса да го прави она во што е добар, преку зајакнување на вештините на лицата со попреченост.
Приказ на кратки изјави на ученици од основни училишта, изјави на нивни учители и на лица со попреченост, кои зборат за активностите во овој проект и за искуството кое го стекнале за времетраење на проектот.
Кратките кадри (воглавно во крупен и среден крупен план) ги истакнуваат слоганите: „Доживотно учење“, „Иницијатива“, „Вклученост“, „Слобода“, „Интеграција“, „Мултикултурализам“, „Пристапност“, „Инклузивност“, „Еднаквост“.
Во Македонија проектот е реализиран во соработка со здружението на граѓани за дисфункции, хендикеп, ретки болести и лица со посебни потреби „Дајте ни крилја“ и Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“. Станува збор за проект кој во Шведска се реализира од 2014 година и дава одлични резултати во борбата против предрасудите, а во Македонија се спроведувал три години, почнувајќи од 2020 година.
Овој проект се реализирал во 15 училишта ширум републиката и во него биле вклучени неколку стотици основци, заедно со своите наставници, но и психолози и педагози од нивните училишта.
Напишано од м-р Арсим Љесковица