Се претпоставува дека овој филм е реализиран помеѓу двете светски војни, односно во периодот маѓу 1927 и 1931 година. Филмот нема звук, музика и наратор.
Во овој филм го следиме петешествието на странскиот филмски снимател и репортер за Балканот, чие име е Фред фон Болен. Тој со својот автомобил поминува низ овие места: Мостар, Скопје, Солун, Атина и Калабака, иако во текот на филмот, со приказ на мапа во крупен план, се прикажани местата: Атина, Калабака, Солун-Скопје, Мостар, Јаизе, Белград, Будимпешта и Виена. Во овие места, почнувајќи од Мостар до Калабака, се илустрира културата, традицијата, верувањата, сакралните објекти, чаршискиот свет и воопшто, шереноликиот живот во Балканскиот регион.
Според начинот како се одвиваат настаните во филмот, може да се каже дека станува збор за патеписен филм, како посебна димензија и во документарниот филм кој прикажува некој крај или патување, што е важна компонента на структурата на ваквиот филм. Според текот на нарацијата и често прикажаните телопи, може да се категоризира и како етнографски и историски уметнички филм.
Прикажаните објекти и луѓе во овој филм се во некоја функција на мозаична изградба на фабулата.
И историски е познато дека првите снимки направени во поранешна Југославија имаат патеписно значење, затоа што природните убавини и богатиот фолклор често пати предизвикувале интерес кај странските сниматели.
Кинотеката на Македонија го прибра (една од основните дејности на Кинотеката е и прибирањето на филмови и филмски материјали кои се однесуваат на Македонија) овој филм во соработка со реномираниот Филмски музеј „Ај“ (EYE Filmmuseum) од Амстердам, Холандија.
Напишано од м-р Арсим Љесковица
Режисер: Фред фон Болен Набавен од EYE Filmmuseum, Амстердам, Холандија Реставрацијата на овој филм беше кофинансирана од Проектот ЛИМИЕР-МЕДИА, програма на Европската унија.