Во филмскиот материјал е забележана атмосферата на шеснаесеттиот филмски фестивал во Пула, одржан во 1969 година. Во материјалот се прикажуваат говори и дискусии на филмски теми, меѓу кои се издвојува присуството на Марко Бабац, истакнат филмски теоретичар, критичар и истражувач. Следуваат сегменти од фестивалската програма, со јасно истакнати наслови на прикажаните филмови. Посебно се нагласува македонскиот филм „Републиката во пламен“ (1969), во режија на Љубиша Георгиевски.
Материјалот вклучува и кадри со истакнати личности од југословенската филмска уметност, меѓу кои Александар Петровиќ, автор на филмот „Биће скоро пропаст света“, кој исто така е дел од фестивалската селекција. Во материјалот се појавува и македонскиот режисер Димитрие Османли, кој е и член на официјалното жири на ова издание. Дополнително, присутни се и неформални секвенци од заеднички дружења, славење и фестивалска атмосфера, кои го документираат социјалниот и културниот контекст на настанот.
Напишано од м-р Арсим Љесковица
Филмска документација од фондот на Виктор Аќимовиќ