Документарна програма во 5 продолженија, за нашинците во Албанија.
I ДЕЛ
За животот на македонците во: Мала Преспа, Голобрдо, Долни Дебар и Гора. Македонското малцинство е признато само во Мала Преспа, каде се изучува македонскиот јазик во училиштата. Што не е случај со другите градови во Албанија каде живее македонско население. Во Албанија постојат четири македонски друштва и Заедница. Членовите на овие друштва се борат за своите права што им се потребни како малцинство и проблемите со кои се соочуваат. На оваа тема зборуваат: Левко Радески, Цветан Мазнику, Крсте Попа и Поп Тодор Пљаушкоски.
II ДЕЛ
Вториот дел е репортажа за селата: Гинеец, Клење, Макеларе, Крчишта и др. Селото Гинеец е сместено во областа Голо Брдо. Прикажана е народна носија од овој крај. Во селото има црква „Св. Илија“ и на 2 август доаѓаат голем број гости. Жителите се особено горди на посетата на министерката за надворешни работи Илинка Митрева. Селото Клење, денес е напуштено село. Некогаш во селото имало основно и две средни училишта, болница и голем број на жители. Селото е познато по тоа што за време на Енвер Хоџа, сите селани биле образовани, повеќето со високо образование. Во село Макеларе, денес нема ниту една македонско семејство, а некогаш селото било чисто македонско.
III ДЕЛ
Бројни сведоштва за тешкиот живот на Македонците во Албанија, по Инфорбирото 1948 година. Зборуваат жители од Албанија и доселеници од Албанија во Македонија. Нада Богдановска од с. Горно Крчишта, раскажува како Енвер Хоџа им забранил да ги празнуваат православните празници. Јонче Камбуровски, зборува за затварањето на сите цркви со декрет на државата во 1969 година. Васил Стерио, Иљо Богдановски, Голабка Дукоска и др. ги кажуваат своите животни приказни.
IV ДЕЛ
Прикажано е село Глобочани, родното место на познатиот писател Стерјо Спасе. За неговиот живот и дело зборуваат: д-р Марко Китевски и д-р Владо Ивановски. Потоа, ТВ екипа заминува во посета на с. Пустец. Во тамошните училишта има настава на македонски и албански јазик. Разговор со директорите на основното и на средното училиште во с. Пустец.
V ДЕЛ
За црквата во изградба „Св.Архангел Михаил“, во селото Пустец, зборуваат жители на селото, како и Едмон Темелко, за финансиските проблеми со кои се соочуваат за завршување на започнатата црква и други потреби што ги има населението. За црквата „Пресвета Богородица“, која е под заштита на државата. Црквата е скриена во карпа на островот во Мала Преспа.
Нарација: Љупчо Котески