Снимање на филмот „Македонски дел од пеколот“

Р. Македонија 1970/71 7,17 мин документација Аматерски филм

Филмскиот запис содржи вредните моменти и значајни содржини, кои носат неповторлива историска и културна вредност за македонската кинематографија. Во записот се прикажани сцени од снимањето на филмот „Македонски дел од пеколот“, каде главните улоги ги толкуваат доајените на македонската и југословенската филмска сцена, меѓу другите и Илија Милчин, Фабијан Шоваговиќ, Вукан Диневски, Шишман Ангеловски и Предраг Диѓљенковиќ. Камерата, управувана од познатиот снимател Киро Билбиловски, открива детали од процесот на снимање, како што е читање на светлото. Во делови на материјалот се појавуваат и режисерот Ватрослав Мимица, и актерите Коле Ангеловски, Ацо Јовановски и Неда Спасојевиќ.
Во еден дел од записот, сведочиме за еден собир на македонски поети, општествени работници, на средба, состанок, веројатно во кафеана – една од оние инспиративни средини каде настануваат и се споделуваат лични искуства, идеи и стихови. Меѓу другите, камерата се фокусира на поетите Матеја Матевски и Анте Поповски, како и на Димитар Солев и други личности (кои треба да се идентификуваат). Овие снимки овозможуваат историски увид во еден период од македонската уметност и општествениот живот и нудат визуелен материјал за љубителите на литературата, чувајќи спомени кои се дел од колективната меморија на нашиот културен простор.
Имајќи предвид дека премиерата на МАКЕДОНСКИОТ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ е во 1971 година, и двата материјали можеме да ги датираме на почетокот на 70-тите години т.е. 70-71 година. Записот е без звучен коментар и е реализиран во форма на работни материјали/документација.

Напишано од м-р Арсим Љесковица

Филмска документација од фондот на Виктор Аќимовиќ

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.