Аматерски видео запис, снимен на 19 и 20 септември 1981 година, за време на наречението и хиротонијата на Митрополит Тимотеј во храмот „Св. вмч. Димитриј“ во Скопје и свечениот ручек во хотел „Гранд“ по хиротонијата. Видеото се состои од шест ролни, во траење од: 2’48’’, 2’48’’, 3’03’’, 2’49’’, 3’ и 2’50’’.
Монахот Тимотеј, преку благословот на Црквата по примањето на ероѓаконскиот и еромонашкиот чин се здобива со архимандриско достоинство. Тоа го води пред олтарот на соборниот храм на Македонската православна црква „Св. вмч. Димитриј“ во Скопје, каде е хиротонисан за митрополит. На Божествената литургија што ја служи Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Ангелариј, присуствуваат г.Гаврил-Митрополит Повардарски, г.Петар-Митрополит Преспанско Пелагониски, г. Горазд-Епископ Тивериополски и повеќе свештеници и ѓакони. На рамењата на Митрополит Тимотеј му е возложен златобоен Омфор. Облечен е во светиот Сакос, на градите е светата Пангија, а на главата светата Митра-круна, украсена со брилијанти. По воведната реч на г.г. Ангелариј и пристапната беседа на Епископот Тимотеј, присутните одат на заеднички свечен ручек во хотел „Гранд“. На ручекот покрај споменатите високи цроковни достојници, присутни се свештеници и ѓакони, потоа заменик председателот на Републичката комисија за односи со верските заедници г. Јоне Мишевски, председателот на Матицата на иселеници од Македонија, г. Живко Василевски, председателот на Републичкото здружение на православни свештеници на Македонија, прота-ставрофорот Нестор Поповски, потпретседателот на Епархискиот управен одбор, г. Трајче Пејов, Председателот на првата македонска православна црковна општина во Австралија, г. Ванчо Неделковски, секретарот на скопско – призренската римокатоличка бискупија, о. Анте Церамотиевиќ, вице ректорот на англискиот понтификален колеџ во Рим, о. Филип Антоние Корен. Повеќето од гостите имаа обраќања и искрени честитки и желби упатени до г. Тимотеј. Меѓу присутните се и членови на семејството Јованови, од Младо Нагоричани, кумановско, од каде потекнува Митрополит Тимотеј.
Филмовите се примени од Митрополит Тимотеј од МПЦ, на 23.09.2020 година.