In memoriam – Љупчо Константинов
(1946-2024)

Љупчо Константинов беше најплодниот македонски композитор на филмска музика и заслужено го носеше епитетот „македонски Енио Мориконе“.

Љупчо Константинов беше роден охриѓанец и детството и раната младост ги помина во родниот град, каде што со другарите свиреле гитари по охридските плажи.

Во шеесеттите години на минатиот век учи во Средното музичко училиште во Битола, каде што свири тромбон, а истовремено свири и соло гитара во битолската рок група „Корнети“.

Со забавна музика почнува сериозно да се занимава  на почетокот на седумдесеттите години, на Скопскиот музички фестивал, кој својот врв го доживува токму во тој период, каде што прави аранжмани, пишува композиции и полека се афирмира заедно со останатите македонски композитори од епохата.

Во 1972 г. дипломира на Музичката академија во Белград. Потоа долги години, сѐ до пензионирањето, работи во Македонската радиотелевизија како музички продуцент, а во еден период е и директор на првиот Национален избор за песна на Евровизија.

Љупчо Константинов беше автор на музика за многу играни, документарни, анимирани, ТВ филмови, серии, драми и радио-драми. Исто така, тој беше автор на музиката и за деведесетина театарски претстави од кои голем број работени со прочуениот италијански режисер Паоло Маџели, со кои гостувал на сцените во цела поранешна Југославија: „Смртта на Дантон“, „Електра“, „Хелена“, „Платонов“, „Луди денови“, „Три сестри“ и „Вујко Вања“ на Чехов, „Црна дупка“ и „Тетовирани души“ на Горан Стефановски, „Метастабилен грал“, „Добриот човек од Сечуан“, „Цигла“, „Еден месец на село“ итн., претстави со кои режисерот Паоло Маџели ги отворал или „Сплитското лето“ или „Дубровничките летни игри“, но гостувал и на сцените на театрите во Загреб, Скопје и низ цела Европа.

За своето музичко творештво како композитор на театарска и филмска музика Љупчо Константинов беше награден со повеќе награди: првата во 1979 г. за најдобра музика за радио-драма на Фестивалот на Југословенската радиотелевизија во Охрид, потоа „Златна арена“ за оригинална филмска музика на фестивалот во Пула во 1986 г. за „Среќна Нова ‘49“, бронзена плакета „Милтон Манаки“ на фестивалот во Битола за истиот филм, три златни ловорови венци на Меѓународниот театарскиот фестивал во Сараево за претставите „Електра“, „Шехерезада“ и „Фауст“, награда на критиката на вториот Интернационален фестивал во Мексико Сити за најдобра музика за претставата „Шехерезада“, потоа на театарските игри во Прилеп на фестивалот „Војдан Чернодрински“ добива награда за претставата „Старите фотографии“. На истиот фестивал добива награда за животно дело во 2018 г. Следната 2019 г. Друштвото на филмските работници на Македонија му ја доделува наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, а во 2020 г. на фестивалот Денови на македонската музика е награден со највисокото професионално признание на Сојузот на композиторите на Македонија за долгогодишно значење и остварување во областа на музичкото творештво и музикологијата и ја доби наградата „Трајко Прокопиев“. И конечно, во 2023 г. Кинотеката на РС Македонија му го додели признанието „Златен објектив“ за особен придонес за македонската кинематографија.

Од неговиот ангажман на полето на филмската уметност, Љупчо Констатинов во 1977 г. е ангажиран да ја компонира музиката за документарниот филм „Тулгеш“ на Коле Манев, филм посветен на децата-бегалци од Граѓанската војна во Грција и награден на Фестивалот на документарен и краткометражен филм во Белград.

Во 1979 г. следува уште еден документарен филм за францускиот поет Ежен Гилвик, во режија на Кирил Ценевски, по сценарио на Анте Поповски, филм кој го портретира добитникот на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата.

Потоа следува цела серија долгометражни играни филмови во кои музиката на Љупчо Константинов е неизоставен дел: првиот е „Црвениот коњ“ на Столе Попов во1981 г., после следуваат два филма на Стево Цевенковски – „Јужна патека“ во 1982 г. и во 1984 г. „Нели ти реков“, па споменатиот многунаградуван филм „Среќна Нова ‘49“ во 1986 г. во режија на Столе Попов, „Хај-фај“ на Владимир Блажевски, „Тетовирање“ на Столе Попов, „Македонска сага“ на Бранко Гапо, „Ангели на отпад“ во режија на Димитрие Османли, „Преку езерото“ на Антонио Митриќевски и во 1999 г. „Време живот“ на Иван Митевски.

Со неговото заминување од животната сцена, Кинотеката на РС Македонија загуби искрен пријател, кој со неговото творештво трајно се вгради во македонската филмска култура и остави траен белег во севкупното културно делување во земјава.