Гордан Михиќ, еден од најзначајните филмски сценаристи на просторот на екс Југославија, почина вчера на 80годишна возраст.
Михиќ е (ко)сценарист на три македонски играни филмови: СРЕЌНА НОВА ’49 на Столе Попов (Златна арена за најдобро сценарио на филмскиот фестивал во Пула, 1986), КОНТАКТ на Сергеј Станојковски (2005) и ДЕЦА НА СОНЦЕТО на Антонио Митрикески (2014).

Михиќ (1938, Мостар – 2019, Белград), ја почнал кариерата во 60те како новинар, автор на луцидни текстови во белградска „Борба“, а потоа во тандем со Љубиша Козомара ги напиша сценаријата на некои од најважните наслови на „црниот бран“, како КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ и БУДЕЊЕ НА СТАОРЕЦОТ на Живоин Жика Павловиќ.
Михиќ е еден од најплодните сценаристи, а неговиот опус бележи над 100 филмски и телевизиски филмови и серии. Во 70те години пишува сценарија за филмовите на авторите од тн. „Прашка школа“ во југословенската кинематографија, како Горан Паскаљевиќ, Емир Кустурица… а паралелно е потписник на најпопуларните телевизиски серии на Југословенската радиотелевизија. Михиќ беше и редовен професор на Факултетот за драмски уметности во Белград, каде што предаваше филмско сценарио.
Дел од неговата филмографија ги содржи и насловите ТУЃА АМЕРИКА, ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’68, КАМИОНЏИИ, СИВИОТ ДОМ, БАЛКАН ЕКСПРЕС, ДОЈДЕ ВРЕМЕ ДА СЕ ПРОБА ЉУБОВ, ЈАГУАРОВ СКОК, ЗАБОРАВЕНИ, ТАНГО АРГЕНТИНО, ОТВОРЕНА ВРАТА, НЕМАЊИЌИ, РАНЕТА ЗЕМЈА…

Уште во периодот кога бил новинар, на еден од фестивалите во Пула ја интервјуирал актерската ѕвезда во успон Вера Чукиќ, која му станала сопруга, и со која ја имаат ќерката Ивана Михиќ, успешна актерка и во поново време и продуцентка. Вера Чукиќ ја играше главната улога (Цвета) во МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА на Трајче Попов (1967).
