(Иванчишта, Кичевско, 23.5.1935 – Скопје, 22.08.2019) Филмски и телевизиски режисер и снимател. Завршува Филмска школа во Белград, на отсекот за филмски снимател. По едногодишна практика во „Вардар филм“, на конкурсот во Советот за култура на СРМ добива стипендија за студии на Филмскиот институт во Загреб, отсек режија. Паралелно студира режија и светска и југословенска литература на загрепскиот универзитет. Како режисер дебитира со документарниот филм СЕЛИДБИ (1965). Има реализирано преку 60 документарни и кусометражни филмови коишто се прикажувани на многу домашни и светски фестивали. Со документарниот филм ВИРОВО учествува на Филмскиот фестивал во Кан. Покрај работата на филм, тој има реализирано и преку 30 телевизиски емисии, од коишто се истакнуваат: ПЕТТЕ РЕВОЛУЦИОНЕРИ, ИСЕЛУВАЊЕ НА ЕВРЕИТЕ ОД БИТОЛА, ПРОЗИВКА НА БЕЛ КАМЕН и емисијата ОНА ШТО БЕШЕ НЕБО. Емисијата РАЃАЊЕ НА МУРАЛОТ е прогласена за најдобра емисија на ЈРТ во 1987 година во својот жанр. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: Златен медал на белградскиот фестивал за филмот ГОЛГОТА, Сребрен медал во Белград за филмот ВРАНЕШНИЦА и Бронзен медал на истиот фестивал за филмот ПОДМОЛНА СИЛА, Бронзен змеј во Краков за филмот ГОЛГОТА и други.
1976 ФЈДКФ Белград, Сребрен медал и Специјална диплома за режија / „Вранештица“ 1978 ФЈДКФ Белград, Бронзен медал и Диплома за режија / „Подмолна сила“ 1978 ФЈДКФ Белград, Златен медал за режија / „Голгота“ 1991 ФЈДКФ Белград, Прва награда во меѓународна селекција/ „Календар“