(Дебар, 4.6.1930 – Скопје, 17.07.1976) Академски сликар и филмски и телевизиски монтажер и режисер. Завршува Ликовна академија во Белград. Истовремено додека студира, работи и во продуцентската куќа „Вардар филм“ – Скопје како монтажер на документарни филмови. По завршувањето на ликовната академија, филмот му останува основна вокација. Првпат како филмски монтажер се појавува во 1948 година со документарецот ИДНИТЕ ЧУВАРИ НА НАРОДНОТО ЗДРАВЈЕ. Освен што е еден од пионерите на филмската дејност, тој е еден од првите монтажери и режисери на Телевизија Скопје, каде што се јавува и како комплетен автор на низа емисии создадени по скопскиот земјотрес. За време на своето работење во Телевизија Скопје, нема жанр и техника во којашто не работел: директни преноси, музички емисии, тв драми, играни програми, емисии од областа на културата, младински емисии и сл.