Програма Март 2025

Месечна програма на Кинотека на Македонија – март 2025

Кинотеката на Македонија за месец март подготви богат и разновиден филмски репертоар исполнет со јубилејни проекции, премиери и посвети на значајни автори и филмски остварувања. Оваа програма ќе им овозможи на филмските љубители да уживаат во ремек-дела од светската и македонската кинематографија, низ искуство што комбинира историја, емоции и незаборавни кадри. Овој месец ја славиме моќта на филмот како средство за раскажување приказни, за премостување на времето и за оддавање почит на оние што ја обликуваа седмата уметност.

Јубилејни проекции на култни филмови

Враќање во иднината (1985, реж. Роберт Земекис) – 40 години од премиерата на еден од најобожуваните научнофантастични филмови, кој ја дефинираше поп-културата и инспирираше генерации.

Реквием за еден сон (2000, реж. Дарен Аронофски) – 25 години од премиерата на оваа потресна драма, едно од највознемирувачките истражувања на човечката зависност и пропаст.

In Memoriam – Почит кон големите автори и уметници
Приказната за Стрејт (1999, реж. Дејвид Линч) – Во чест на неодамна починатиот мајстор на филмската илузија, Дејвид Линч, со приказна која зрачи со топлина и човечност, различна од неговите вообичаени надреални светови.
In Memoriam: Коле Манев – Специјална програма посветена на македонскиот уметник, чиј придонес во културата ќе остане незаборавен.

Јубилејни проекции на историски епоси

Јазол“ (1985, реж. Кирил Ценевски) – 40 години од ова ремек-дело на македонската кинематографија
Гладијатор (2000, реж. Ридли Скот) – 25 години од премиерата на епскиот филм кој го освои светот со својата грандиозна приказна за чест, одмазда и сила. Филм што продолжува да инспирира љубители на историјата и кинематографијата.

Премиерна проекција

Гладијатор 2 (2024, реж. Ридли Скот) – Долгоочекуваното продолжение на славната сага, кое повторно ќе нѐ врати во светот на римските арени и борбите за моќ. Дали ова продолжение ќе ја достигне величината на оригиналот?

Специјални проекции на култни филмови

Црна Марија (1986) – Култен југословенски филм со Милан Младеновиќ од ЕКВ во една од главните улоги, кој останува значајно сведоштво за времето и духот на тогашната сцена. Урбана поезија на филмската лента.
И Бог ја создаде жената (1956, реж. Роже Вадим) – Антологиска драма со Брижит Бардо, во чест на француската кинематографија и нејзиниот бунтовен дух, филм што го редефинираше женскиот лик во европскиот филм.

100 години од раѓањето на Пол Њумен

Долго, топло лето (1958, реж. Мартин Рит) – Филм со легендарниот Пол Њумен и Орсон Велс, во чест на големиот актерски јубилеј. Совршен приказ на страст, амбиција и судир на генерации, со Њумен во една од неговите најхаризматични улоги.

Циклус „Денови на Франкофонијата“

Како и секоја година, Кинотеката ќе ја одбележи Франкофонијата со избор на француски и франкофонски филмови, кои ќе ја донесат магијата на европскиот авторски филм. Од класици до современи бисери, овој циклус ќе биде вистински подарок за љубителите на француската култура.
Оваа богата програма ветува вистинско уживање за љубителите на филмската уметност. Ве покануваме да бидете дел од овој исклучителен филмски месец – месец на славење на кинематографската магија, минатото, сегашноста и иднината на филмот.

 

1 МАРТ (САБОТА) 18:00 ч.

3 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК) 18:00 ч.

 

ТРИ КИЛОМЕТРИ ДО КРАЈОТ НА СВЕТОТ“

(Three Kilometres To The End Of The World)

Игран филм, Романија,

2025, 105 мин., колор, ДЦП

Режисер: Емануел Парву (Emanuel Parvu)

Сценарио: Мируна Береску, Емануел Парву (Miruna Berescu, Emanuel Parvu)

Улоги: Валериу Андриута, Ингрид Береску, Влад Брумару (Valeriu Andriuta, Ingrid Berescu, Vlad Brumaru)

Во една конзервативна заедница околу делтата на Дунав, гејтинејџер на патување на самооткривање се судира со традиционалните вредности на неговите родители и соседи.

ТРИ КИЛОМЕТРИ ДО КРАЈОТ НА СВЕТОТ во режија на Емануел Парву, (кој е познат и по улогите вo филмовите на Кристијан Мунџиу) е еден од наjуспешните романски филмови изминатата година. Филмот ја имаше својата премиера во Кан каде се натпреваруваше во главната натпреварувачка програма.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

1 МАРТ (САБОТА) 20:00 ч.

40 ГОДИНИ

ВРАЌАЊЕ ВО ИДНИНАТА“

(Back to the Future)

Игран Филм, САД

1985, 116 мин., колор, ДЦП

Режија и сценарио: Роберт Земекис (Robert Zemeckis)

Улоги: Мајкл Џеј Фокс, Кристофер Лојд, Леа Томсон, Криспин Гловер (Michael J. Fox, Christopher Lloyd, Leah Thompson, Crispin Glover)

Марти МекФлај живее во мал град во 1985 година, но неговиот живот се менува кога неговиот пријател, ексцентричниот научник Док Браун, му покажува тајно изграден автомобил – DeLorean, кој е всушност временска машина. Поради неочекувани околности, Марти случајно патува назад во 1955 година. Таму ненамерно ги запознава своите млади родители и дури ја загрозува нивната судбинска љубов, што би можело да значи дека никогаш нема да се роди.

Со помош на помладиот Док Браун, Марти се обидува да ги натера своите родители да се заљубат и во исто време да најде начин да се врати назад во своето време. По низа урнебесни и напнати ситуации, тој успева да ја исправи иднината и се враќа во 1985 година, кадешто открива дека неговите постапки во минатото значително го промениле неговиот сегашен живот.

Враќање во иднината е култен научнофантастичен филм во режија на Роберт Земекис, кој совршено комбинира акција, комедија и авантура. Филмот е вистинско ремек-дело на 80-тите години, исполнето со иконични сцени, незаборавни ликови и енергична динамика. Филмот мајсторски игра и со темите на судбината, слободната волја и последиците од менување на времето, сето тоа проследено со одличен хумор и возбудлив заплет.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

3 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00 ч.

ВРАЌАЊЕ ВО ИДНИНАТА 2“

(Back to the Future 2)

Игран Филм, САД

1985, 108 мин., колор, ДЦП

Режија: Роберт Земекис (Robert Zemeckis)

Сценарио: Боб Гејл (Bob Gale)

Улоги: Мајкл Џеј Фокс, Кристофер Лојд, Леа Томсон (Michael J. Fox, Christopher Lloyd, Leah Thompson)

Откако Марти и Док Браун се враќаат во 1985 година, Док му открива на Марти дека мораат да отпатуваат во 2015 година за да ја спречат катастрофалната иднина за неговото семејство. Меѓутоа, нивното патување создава неочекувани последици – злобниот Биф Танен краде алманах со спортски резултати и го користи за да стане милијардер, целосно менувајќи ја сегашноста.

Марти и Док мора да се вратат во 1955 година за да ја поправат штетата и да ја вратат вистинската временска линија, без да ги откријат своите претходни верзии од првиот филм. Филмот завршува со шокантен пресврт, водејќи кон последниот дел од трилогијата.

Продолжението на култниот Back to the Future нè носи во уште покомплицирана и возбудлива временска авантура. Роберт Земекис мајсторски ги истражува последиците на патувањето низ времето, додавајќи динамична акција, одличен хумор и футуристичка визија за 2015 година. Филмот ја проширува приказната од првиот дел, внесувајќи нови временски парадокси и уште повеќе напнатост.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

4 МАРТ (ВТОРНИК) 20:00 ч.

25 ГОДИНИ

РЕКВИЕМ ЗА ЕДЕН СОН“

(Requiem for a Dream)

Игран филм, САД

2000, 102 мин., колор, ДЦП

Режисер: Дарен Аронофски (Darren Aronofsky)

Сценарио: Хуберт Шелби Дарен Аронофски ( Hubert Selby Jr., Darren Aronofsky)

Улоги: Елен Бурстајн, Џаред Лето, Џенифер Конели, Марлон Вајанс (Ellen Burstyn, Jared Leto, Jennifer Connelly, Marlon Wayans)

Сара Голдфарб (Брстин) е пензионерка и вдовица, живее во скромен стан и поголемиот дел од времето го минува гледајќи телевизија. Нејзина омилена емисија е шоуто што промовира психолошка самопомош, и толку е опседната со неа што халуцинира дека гостува во него.

Нејзиниот син Хери (Лето) е зависник од наркотици, замислувајќи дека еден ден со неговиот најдобар пријател Тајрон (Вајанс) ќе станат трговци со дрога и многу богати луѓе. Девојката на Хери, Мерион (Конели) е талентирана за моден дизајн и уметност, но и таа ќе биде проголтана од светот на наркотиците…

Аронофски по големиот успех со неговиот дебитантски филм ПИ (Pi) во РЕКВИЕМ ЗА ЕДЕН СОН ја користи литературната предлошка на култниот писател Селби – познат и по романот „Последниот излез за Бруклин / The Last Exit on Brooklyn“, чија екранизација во режија на Ули Едел (Uli Edel) во 1989 година доживеа голем успех – ја ангажира иконата на новиот Холивуд, Елен Брстин. Улогата на Сара ѝ ја донесе шестата номинација за „Оскар“ (ја има освоено статуетката во 1974 за АЛИСА ВЕЌЕ НЕ ЖИВЕЕ ОВДЕ / Alice Doesn’t Live Here Anymore на Мартин Скорсезе ). Филмот на Аронофски за критиката е еден од најзначајните филмови на преминот на двата века. Неговите визуелни сензации и френетична монтажа (Џеј Рабиновиц / Jay Rabinowitz), како и сугестивната музика на Клинт Мансел (Clint Mansell), му донесоа статус на култен наслов меѓу филмофилите, забележувајќи 37 награди и 70 номинации на филмските фестивали низ светот.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

5 МАРТ (СРЕДА) 20:00 ч.

10 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00 ч.

ИН МЕМОРИАМ ДЕЈВИД ЛИНЧ

ПРИКАЗНАТА ЗА СТРЕЈТ“

(The Straight Story)

Игран филм, САД, Франција

1999, 112 мин., колор, ДЦП

Режија: Дејвид Линч (David Lynch)

Сценарио Џон Роуч, Мери Свини (John Roach, Mary Sweney)

Улоги Ричард Фарнсворт, Сиси Спејсек, Хари Дин Стентон (Richard Farnsworth, Sissy Spacek, Harry Dean Stanton)

Алвин Стрејт (Ричард Фарнсворт), старец со нарушено здравје, дознава дека неговиот отуѓен брат доживеал срцев удар. Бидејќи нема автомобилска дозвола, тој решава да тргне на 500 километарско патување од Ајова до Висконсин – возејќи косилка за трева. По патот, запознава различни луѓе, оставајќи трага во нивните животи, додека сам се соочува со своето минато.

Филмот е исклучителен поради својата едноставност и искреност, а емотивниот настап на Фарнсворт му дава дополнителна тежина. За разлика од неговите типично надреални и мистериозни филмови, Дејвид Линч во Приказната на Стрејт (The Straight Story) создава топла, хуманистичка приказна базирана на вистински настан. Овој необично мирен и емотивен филм е интимна медитација за староста, помирувањето и едноставната убавина на животот. Со минималистичка, но моќна режија, Линч ни нуди трогателно патување, кое е истовремено и физичко и духовно.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

6 МАРТ (ЧЕТВРТОК) 18:00 ч.

ВИКТОРИА МОРА ДА ЗАМИНЕ “

(Victoria Must Go)

Игран филм, Норвешка

2024, 85 мин., колор, ДЦП

Режисер: Гунбјорг Гунарсдотир (Gunnbjörg Gunnarsdóttir)

Сценарио: : Гунбјорг Гунарсдотир , Ролф Магне Голтен Андерсен, Андерс Томас Јенсен (Gunnbjörg Gunnarsdóttir, Rolf Magne Golten Andersen, Anders Thomas Jensen)

Улоги:Ине Мари Вилман, Лео Ајкиќ, Мортен Свартвеит, Агнет Халанд, Миле Софи Рист Далхог, Свер Торнам ( Ine Marie Wilmann, Leo Ajkic, Morten Svartveit, Agnete Haaland, Mille Sofie Rist Dalhaug, Sverre Thornam)

Младите и богати брат и сестра, Хедвиг и Хенрик решаваат да ангажираат платен убиец за да се ослободат од нивната напорна маќеа Викторија. За да го решат нивниот проблем, тие му приоѓаат на Карл, имигрант од Босна. Карл првично ги одбива, бидејќи е човек што ги почитува законите. Но, кога тој и неговото семејство ќе се најдат во сериозна финансиска криза, ситуацијата почнува да се менува.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 150 денари

7 МАРТ (ПЕТОК) 18:00 ч.

ЛЕТНИ БУНТОВНИЦИ“

(Summer Rebels)

Игран филм, Германија,Словачка

2020, 92 мин., колор, ДЦП

Режисер: Мартина Сакова (Martina Sakova)

Сценарио: : Мартина Сакова, Сулке Шулц (Martina Sakova, Sülke Schulz)

Улоги:Елиас Вискосил, Павел Нови, Лиана Павликова (Eliás Vyskocil, Pavel Nový, Liana Pavlíková)

Единаесетгодишниот Јонас сонува за лето полно со авантури кај својот супер забавен дедо покрај реката, но неговата мајка има сосема поинакви планови. Не дозволувајќи ништо да го спречи, Јонас тргнува во своја бунтовна мисија, исполнета со пријателства, непредвидени катастрофи и, на крајот, вистинско искупување.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 150 денари

7 МАРТ (ПЕТОК) 20:00 ч.

МАКЕДОНСКИ СПОРТСКИ ДОКУМЕНТАРНИ ФИЛМОВИ

 

ЧЕТВРТО СОЈУЗНО ПАДОБРАНСКО ПРВЕНСТВО

Документарен филм, Македонија

1954, 11 мин., црно-бел, 35мм

Режија: Љубе Петковски, Кочо Недков

Сценарио: Љубе Петковски, Кочо Недков

Снимател: Љубе Петковски, Кочо Недков

Филмот е репортажа од Четвртото падобранско првенство на Југославија што се одржа во Охрид во 1954 година во организација на Воздухопловниот сојуз на Југославија.

ШАМПИОНИ НА ВОДНИТЕ ПРОСТРАНСТВА“

Документарен филм, Македонија

1962, 13 мин., црно-бел, 35мм

Режија: Вељо Личеноски

Сценарио: Вељо Личеноски, Бранко Михајловски

Снимател: Бранко Михајловски, Мишо Самоиловски

Репортажа од Првиот светски шампионат во маратонско пливање во слатки води што се одржа на 5-ти август 1962 година на Охридското езеро. Запознавање со учесниците и со победниците во трите дисциплини: аматери, аматерски и професионалци кои се натпреваруваа на патеката долга 34 километри. Во натпреварот учествувале 22 пливачи од 11 земји.

 

XIV ФИНАЛЕ НА ФУДБАЛСКИОТ КУП: ВАРДАР – ВАРТЕКС“

Документарен филм, Македонија

1961, 9 мин., црно-бел, 35мм

Режија: Бранко Ивановски-Гапо

Сценарио: Бранко Ивановски-Гапо

Снимател: Бранко Михајловски, Киро Билбиловски, Мишо Самоиловски

Снимка од фудбалскиот натпревар во рамки на Купот на Маршал Тито кој се одржал во 1961 година во Белград помеѓу фудбалските клубови „Вардар“ од Скопје и „Вартекс“ од Вараждин.

 

ЖЕЛЕЗНИОТ ПРЕГРАБ“

Документарен филм, Македонија

1978, 11 мин., колор, 35мм

Режија: Скендер Кули

Сценарио: Гане Тодоровски

Снимател: Мишо Самоиловски

Традиционалната боречка вештина позната како пеливанство сè уште се негува во некои краеви на Македонија. Можеби тука може да се лоцира една од причините за успешноста на националните боречки кадри во светски рамки, кои досега освојуваа медали и на Олимпијади и на светски шампионати во борење. Еден од нив е и Тефик Демири, кој преку пеливанството стигнува до повеќекратен државен шампион во борење во слободен стил.

 

ШЕСТИОТ ИГРАЧ“

Документарен филм, Македонија

1976, 11 мин., колор, 35мм

Режија: Кочо Недков

Сценарио: Кочо Недков

Снимател: Бранко Михајловски

Личноста на Лазар Лечиќ, тренер на кошаркарскиот клуб “Работнички“ од Скопје е пример за огромен динамизам и професионализам во работата. Следејќи ги неговите реакции за време на кошаркарски натпревар, сведоци сме на вистинска драма исполнета до максимум со најразлични емоции и гестикулации. Неговото лице во полна мера и на многу карактеристичен начин го изразува сето она што се случува на теренот. Филмот, во кој наизменично се менуваат кадри од збиднувањата на теренот, реакциите на Лечиќ и на публиката, е добитник на наградите на Фестивалот на спортски филмови во Крањ и на СОФК за најдобар филм со спортска тематика во 1976 година, а Кочо Недков ја доби републичката награда 13-ти Ноември за режија на филмот.

 

КАЈАК“

Документарен филм, Македонија

1976, 14 мин., колор, 35мм

Режија: Кочо Недков

Сценарио: Кочо Недков

Снимател: Бранко Михајловски, Мишо Самоиловски

Во 1975 година на реките Радика и Треска во Македонија се одржа Четиринаесеттото светско првенство во кајак и кану. На првенството учествуваа натпреварувачи од целиот свет. Во дивите и распенети води на брзите реки, спортистите преку своите вештини и издржливост ги совладуваат зададените резултати и поставуваат нови рекорди. Филмот е добитник на Сребрениот медал за режија на Фестивалот на југословенски краток документарен филм во Белград во 1976 година.

 

ХУАСКАРАН – АНДИ ‘82“

Документарен филм, Македонија

1984, 21 мин., колор, 35мм

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Слободан Стојков, Кирил Ценевски

Снимател: Слободан Стојков

Во 1982 година петнаесетчлена македонска алпинистичка експедиција заминува во Јужна Америка, во областа на Белите Кордиљери на североистокот од Перу, за да го реализира планираното искачување. Филмот го следи целото патешествие на експедицијата – од Скопје, преку Париз, до врвовите на Хуаскаран. Снимателот Стојков доби специјална награда на Фестивалот на документарен филм во Белград во 1984 година за својата работа на филмот.

БОПС“

Документарен филм, Македонија

1982, 11 мин., колор, 35мм

Режија: Кочо Недков

Сценарио: Кочо Недков

Снимател: Драган Салковски

Човековата желба за победа, прикажана преку борбите на Светското првенство во борење во слободен стил што се одржа во 1981 година во Скопје. Драгомир Панков е добитник на „Златниот медал“ за монтажата на БОПС на Фестивалот за југословенски документарен филм во Белград во 1982 година.

8 МАРТ (САБОТА) 18:00 ч.

15 МАРТ (САБОТА) 18:00 ч.

БАМБИ: ПРИКАЗНА ЗА ЖИВОТОТ ВО ШУМАТА“

(Bambi, L’histoire d’une vie dans les bois)

Документарен филм, Франција,

2024, 85 мин., колор, ДЦП

Режисер: Лорен Шарбониер, Мишел Феслер (Laurent Charbonnier, Michel Fessler)

Сценарио: Мишел Феслер (Michel Fessler)

Приказна за малото срнче Бамби кое поминува низ авантури во придружба на животните од шумата, изграденa на темата на циклусот на раѓањето, животот и смртта, како метафора за исчезнувањето. Сознанието доаѓа преку откривање на природата и напорното учење низ кое треба да помине Бамби за да порасне. Генерациското наследство и идентификацијата со постарите се теми кои се повторуваат. Пријателството, почитта, самооткривањето и откривањето на другите е она со што на поетски начин се занимава оваа филмска адаптација, напишана како химна на природата.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 150 денари

8 МАРТ (САБОТА) 20:00 ч.

ЦРНА МАРИЈА“

(Crna Marija)

Игран филм, Југославија

1986, 95 мин., колор, ДЦП

Режисер: Милан Живковиќ (Milan Živković)

Сценарио: Милан Живковиќ ( Milan Živković)

Улоги: Милан Младеновиќ, Бранко Видаковиќ, Соња Савиќ, Милан Гутовиќ ( Milan Mladenović, Branko Vidaković, Sonja Savić, Milan Gutović)

По смртта на нивниот лидер, познат рок-бенд запаѓа во креативна и финансиска криза од која може да извлече само нов хит албум. Во временска криза, без креативна инспирација, тие се вртат еден против друг. Преку конфликти, меѓусебни обвинувања и испрашувања, групата успева да стекне нов идентитет. Се појавува нов лидер кој преку моќта на својата авторска личност успева да ги извлече од тешкотиите. На голем хуманитарен концерт групата доживува голем успех и препородена тргнува во нов живот…

ЦРНА МАРИЈА е еден од ретките филмови во југословенската кинематографијата директно посветен на рок-музиката. Можеби не толку познат како култниот омнибус КАКО ПРОПАДНА РОКЕНРОЛОТ или ЦРНИ БОМБАРДЕР на Дарко Бајиќ, но Црна Марија е филм кој го отсликува тогашниот дух на југословенскиот нов бран. Режисер е Милан Живковиќ (познат по филмскиот серијал Тесна Кожа). Заедно со Соња Савиќ, во филмот глуми и Милан Младеновиќ (ЕКВ), и филмот има одлична филмска музика.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

 

11 МАРТ (ВТОРНИК) 18:00 ч.

ФИЛМСКИ РЕПОРТАЖИ КИРИЛ ЦЕНЕВСКИ

ЛЕОПОЛД СЕДАР СЕНГОР“

Документарен филм, Македонија

1975, 20 мин., колор, 35мм

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Кирил Ценевски

Снимател: Мишо Самоиловски

Филмот е портрет на африканскиот државник и поет Леополд Седар Сенгор, претседател на Република Сенегал (1960-1980) и добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1975 година.

ФАЗИЛ ХИСНИ ДАГЛАРЏА“

Документарен филм, Македонија

1976, 16 мин., колор, 35мм

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Фахри Каја

Снимател: Мишо Самоиловски

Филмски портрет на познатиот турски поет Фазил Хисни Дагларџа, добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во Струга, 1974. Тој е еден од најзначајните претставници на националната литература во Турција, со извонредно плоден поетски опус. Човек со нагласена хуманистичка определба.

ЕУГЕНИО МОНТАЛЕ“

Документарен филм, Македонија

1976, 18 мин., колор, 35мм

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Кирил Ценевски

Снимател: Мишо Самоиловски

Портрет на познатиот италијански поет Еуџенио Монтале, добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1973 година. Поетот говори за себе, како и за својата поезија. Презентиран е и дел од неговата поезија.

ЏАФРА“

Документарен филм, Македонија

1978, 20 мин., колор, 35мм

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Анте Поповски

Снимател: Мишо Самоиловски

Страдањата на палестинскиот народ преку сеќавањата на млади Палестинки, сведоци на трагедијата, масакрот во палестинскиот логор Тал Ел Затр.

РАФАЕЛ АЛБЕРТИ“

Документарен филм, Македонија

1979, 26 мин., колор, 35мм

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Анте Поповски

Снимател: Мишо Самоиловски

Приказ на животот и делото на еден од најголемите шпански поети, Рафаел Алберти, кој поголемиот дел од својот живот го минал во прогонство, надвор од родната Шпанија. Во 1979 година е добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.

ЕЖЕН ГИЛВИК“

Документарен филм, Македонија

1979, 18 мин., колор, 35мм

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Анте Поповски

Снимател: Мишо Самоиловски

Приказ на поетскиот опус на Ежен Гилвик, еден од најголемите современи француски поети, со осврт на неговата биографија, во која спаѓа и наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.

МОСТОВИ – СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈА“

Документарен филм, Македонија

1982, 43 мин., колор, 35мм

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Анте Поповски

Снимател: Мишо Самоиловски

Преглед на манифестацијата Струшки вечери на поезијата во 70-тите години на минатиот век и презентација на лауреатите – добитници на „Златниот венец“ на поезијата.

 

ХУАСКАРАН – АНДИ ‘82“

Документарен филм, Македонија

1984, 21 мин., колор, 35мм

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Слободан Стојков, Кирил Ценевски

Снимател: Слободан Стојков

Во 1982 година петнаесетчлена македонска алпинистичка експедиција заминува во Јужна Америка, во областа на Белите Кордиљери на североистокот од Перу, за да го реализира планираното искачување. Филмот го следи целото патешествие на експедицијата – од Скопје, преку Париз, до врвовите на Хуаскаран.

 

11 МАРТ (ВТОРНИК) 20:00 ч.

ЈАЗОЛ

(Knot)

Игран филм, Македонија

1985, 117 мин., колор, 35 мм

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Славко Јаневски

Улоги: Лазар Ристовски, Ацо Јовановски, Кирил Ристовски, Костадинка Велковска, Петар Арсовски

Дејството на филмот се случува во март 1943 година, кога според планот на геноцидното однесување кон Евреите беа транспортирани и Евреите од Скопје… Хирургот Никола, кому му е одземена дозволата за работа од страна на бугарската окупаторска власт, ги минува долгите монотони вечерни часови во хотелскиот бар. Гости во барот се германските офицери, како и бугарскиот началник Симеонов. Офицерите се забавуваат играјќи руски рулет, кој се разликува од изворната варијанта по тоа што германските офицери стрелаат во главата на затвореникот Симеон, човек од илегалата и познајник на Никола…

Еден од луѓето на Партијата, кој честопати доаѓа во градот за да одржува врски и да пренесува директиви, е Јанко Подгорник. Тој се претставува како деловен човек и отседнува во хотелот. Но, бугарската полиција го открива и тој ранет успева да побегне. Така повреден се поврзува со Симеон, кој бара помош од Никола. Постојано пијан и политички неопределен, Никола се колеба, но сепак му помага на повредениот и му го вади куршумот од ногата на која ѝ се заканува гангрена… Во празниот дом на хирургот Никола го пречекува неговата поранешна девојка Марија. Врската со неа му носи немир, таа бара докази за неговата љубов и притоа пројавува љубомора кон поранешната соработничка на Никола, медицинската сестра Дора, која е Еврејка…

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

12 МАРТ (СРЕДА) 20:00 ч.

ГЛАДИЈАТОР“

(Gladiator)

Игран филм, САД

2000, 155 мин., колор, ДЦП

Режија: Ридли Скот (Ridley Scott)

Сценарио: Дејвид Францони (David Franzoni)

Улоги: Расел Кроу, Кони Нилсен, Жоакин Феникс (Russell Crowe, Coniie Nielsen, Joaquin Phoenix)

Максимус, славен римски генерал и верен пријател на царот Марко Аврелиј, станува жртва на предавство кога царскиот син Комод (Хоакин Феникс) го убива својот татко и ја презема власта. Наместо да стане новиот император, Максимус е осуден на смрт, а неговото семејство е убиено. Преживувајќи, тој завршува како роб и гладијатор, принуден да се бори во арената.

Но, неговата вештина и решителност го претвораат во легенда, со што му се дава можност да се одмазди на Комод и да го врати достоинството на Рим.

Гладијатор на Ридли Скот е епска историска драма што ја оживува моќта и трагедијата на античкиот Рим. Со грандиозна визуелна естетика, емоционална длабочина и незаборавна музика од Ханс Цимер, филмот создава моќна сага за одмаздата, честа и слободата. Расел Кроу во улогата на Максимус носи една од своите најиконични изведби, прикажувајќи го како пропаднат генерал кој станува симбол на отпорот против тиранијата.

Гладијатор е филм кој ја комбинира суровоста на борбите со длабоката човечка драма, создавајќи незаборавно филмско искуство што го освои Оскарот за најдобар филм.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

13 МАРТ (ЧЕТВРТОК) 18:00 ч.

ХАОТИЧНИТЕ СЕСТРИ И ПИНГВИНОТ ПОЛ

(The Chaos Sisters Feat. Penguin Paul)

Игран филм, Германија

2024, 99 мин., колор, ДЦП

Режисер: Мајк Марцук (Mike Marzuk)

Сценарио: Корбиниан Вандингер (Korbinian Wandinger)

Улоги: Лилит Зергер, Макс Гирман, Феликс Кларе, Денис Мошито, Јанине Кунце, Момо Бајер, Кара Фондеј, Рона Реџепи, Михаел Лот, Џовани Франческо (Lilit Serger, Max Giermann, Felix Klare, Denis Moschitto, Janine Kunze, Momo Beier, Cara Vondey, Rona Regjepi, Michael Lott, Giovanni Francesco)

Што се случува кога хаосот ќе се пресели во вашиот дом? Во семејството Мартини, четирите сосема различни сестри – Ливи, Теса, Малеа и Кени – ќе се соочат со авантура што ќе ги натера да ги здружат силите кога ќе го најдат пингвинот Пол кој мистериозно избегал од киднапери. Во обид да го спасат пингвинот Пол од двојката злобни магионичари, Мери и Марк, сестрите ќе мора да соработуваат како никогаш досега! Ќе успеат ли хаотичните сестри да го спасат пингвинот пред да биде предоцна?

Филмот „Хаотичните сестри и пингвинот Пол“ е адаптација на популарната книга „Die Chaosschwestern“ на Дагмар Х. Милер и ги носи познатите ликови на големото платно со неверојатна доза забава и емотивни моменти. Со маестрална режија на Мајк Марцук и исклучителна актерска екипа, ова е семејна авантура која ќе ги освои срцата на сите возрасти.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 150 денари

13 МАРТ (ЧЕТВРТОК) 20:00 ч.

 

ГЛАДИЈАТОР 2“

(Gladiator 2)

Игран филм, САД

2024, 148 мин., колор, ДЦП

Режија: Ридли Скот (Ridley Scott)

Сценарио: Дејвид Скарпа (David Franzoni)

Улоги: Пол Мескал, Педро Паскал, Кони Нилсен, Дензел Вашингтон (Paul Mescal, Pedro Pascal, Coniie Nielsen, Denzel Washington)

Дејството се одвива две децении по настаните од првиот филм. Луциј (Пол Мескал), синот на Луцила, кој беше сведок на херојската жртва на Максимус, сега е млад човек кој се соочува со политичките интриги и корупцијата во Рим. Кога новиот император ја зацврстува својата тиранија, Луциј е принуден да влезе во арената како гладијатор, следејќи ги чекорите на Максимус. Со поддршка од римскиот генерал Акациус (Педро Паскал), тој се бори не само за својот живот, туку и за иднината на Рим. Неговата мисија е да го врати достоинството на империјата и да ја ослободи од тиранијата, соочувајќи се со сопствените демони и наследството на Максимус.

По 24 години, Ридли Скот се враќа со продолжението на епската сага Гладијатор. Филмот ја задржува грандиозноста на оригиналот, комбинирајќи моќни акциони сцени со длабока емоционална приказна. Пол Мескал во улогата на Луциј, син на Луцила, внесува свежина и интензитет, додека Педро Паскал како римскиот генерал Акациус додава дополнителна димензија на конфликтот. Филмот успешно балансира помеѓу спектаклот и интимната драма, правејќи го достоен наследник на оригиналот.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

14 МАРТ (ПЕТОК) 20:00 ч.

РЕПОРТАЖИ ОД „ФИЛМСКИ НОВОСТИ“ ОД БЕЛГРАД (1953-1955)

Една од основните дејности на Кинотеката, поточно на Одделението за прибирање, заштита, обработка и чување на филмови и филмски материјали, односно на Филмскиот архив при Кинотеката – е токму прибирањето на филмови и придружни филмски материјали кои се поврзани со Македонија. Кинотекатa редоследно и претходната 2024 година набави 37 репортажи од „Филмски новости“ од Белград, снимени во периодот меѓу 1953-1955 година во времетраење од 76 минити. Некои од овие кратки црно-бели репортажи се без тон или имаат нарација на српски јазик и одлично ја отсликуваат атмосферата на животот во тогашна Македонија, со теми кои ги опфаќаат индустриските, културните, спортските и туристичките сегменти во земјата и пошироко. Така, ќе бидат прикажани репортажи за изградба и развој на индустриски капацитети, порцелански комбинат – Велес, текстилна фабрика ,,Борис Кидрич”- Битола, фабрика за хромни производи и феролегури – Тетово, трафостаница во Скопје, фабрика за автобуси „11 Октомври“, скијачко и падобранско првенство и други спортски настани, изложба на ликовните уметници, од активностите на Фолклорниот институт, археолошко откритие во во Демир Капија, заштита на икони во црквата Св. Спас, прослави на годишнини, промоција на првите лекари во Скопје, одржување на Петти скопски саем, училиште во село Бојанчиште и друго.

Покрај журналите, од Филмске новости набавен е и краткометражниот игран филм „Се случи во Скопје“ (1964), во сценарио и режија на Ото Денеш, а во продукција на Филмске новости Белград. Филмот е комплетен, српски титли, англиска верзија, во времетраење од 26 минути и 19 секунди. Во фокусот на филмот е катастрофата која засекогаш ќе го промени ликот и животот на Скопје. Невена на железничката станица во Скопје го пречекува Арне Холм, кој подарил монтажна куќа на настраданото скопско семејство и доаѓа во посета на новоизграденото Скопје.

ФИЛМСКИ АРХИВ ЧЕШКИ НОВОСТИ

Рилски манастир (фрагменти од семејниот филмски фонд на Прокоп Макс)

Патување на делегацијата на Народното собрание на Република Чехословачка во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во 1926 година

Југославија (документарни снимки од градовите Белград, Загреб, Скопје и Сплит, 1926).

Кинотеката, пред неколку години започна со истражување, идентификација, пронаоѓање и прибирање на филмови и филмски материјали кои се однесуваат или се снимени во Македонија, до крајот на Втората светска војна, со цел збогатување на збирките, фондовите на кинотека и нивно зачувување.

Како резултат на овие истражувања, во 2023 година, од АЈ Филмскиот музеј од Амстердам, Кинотеката доби 4 наслови, а минатата 2024 година, од Народниот филмски архив од Прага, доби 3 наслови: „Патување на делегацијата на Народното собрание на Република Чехословачка во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците од 2-ри до 12-ти октомври 1926 г.“ (документарни снимки од посетaта на пратеници од Народното собрание нa Чехословачка) и „Југославија“ (документарни снимки од градовите Белград, Загреб, Скопје и Сплит, 1926).

Истражувањето продолжува и годинава сме во интензивна преписка со францускиот филмски архив, CNC (Centre national du Cinéma) од Париз и со Архивот на француската армија, ECPAD (Établissement de Communication et de Production Audiovisuelle de la Défense), како и со Белгиската Кралска кинотека од Брисел.

Проекциите ќе бидат пропратени со музика од Андреј Татарчевски, музичар во Скопје. Зад себе има два самоиздадени соло албуми (Cycle 1 и Исечоци), како и еден албум со проектот Chautauqua, на кој се појавува во улога на изведувач и продуцент. Настапува соло, во дуото Намуз и во различни неформални музички состави.

15 МАРТ (САБОТА) 20:00 ч.

И БОГ ЈА СОЗДАДЕ ЖЕНАТА“

(And God Created Woman/ Et Dieu… créa la femme)

Игран филм, Франција

1956, 91 мин., колор, 35мм

Режисер: Роже Вадим (Roger Vadim)

Сценарио: Роже Вадим , Раул Леви (Roger Vadim ,Raoul Lévy)

Улоги: Брижит Бардо, Курд Јургенс, Жан-Луј Тринтињан (Brigitte Bardot, Curd Jürgens

Jean-Louis Trintignant)

Џулиет е осумнаесетгодишна убавица без родители. Таа се мажи за наивниот Микеле, соочена со враќање во сиропиталиштето, но оној што може да внесе збунетост во оваа и онака кревка врска е братот на Микеле, Антоан. Жулиет мора наскоро да одлучи дали почитта што ја ужива од Микеле и значи нешто или ќе се врати на стариот начин на живот.

И БОГ ЈА СОЗДАДЕ ЖЕНАТА е режисерско деби на Роже Вадим . Филмот доживеа неверојатен успех и има култен статус и ја лансираше Брижит Бардо како една од најголемите интернационални филмски ѕвезди и секс икона на своето време.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.