БОЛОЊА: ФИЛМСКИ ПАТОПИС (4), пишува Атанас Чупоски

Болоња! И Болоња, како и Пиза има своја крива кула по која е позната.

Всушност, во Болоња има две кули од кои едната, пониската, е крива, а другата, повисоката не – и се познати под името Две кули (Due torri). До врвот на повисоката кула врват многубројни скалила, но трудот на искачувањето се исплатува затоа што од кулата се простира прекрасна панорама на градот.

Две кули (Due torri)

Во непосредна близина на Двете кули (не се оние од „Господарот на прстените“), се наоѓа храмот посветен на светецот заштитник на Болоња – св. Петрониј, а под храмот е повеќе пати досега споменуваниот плоштад – Пјаца Маџоре, на кој, на големо платно, неколку илјадната публика секоја вечер следи проекција на новореставриран филм од особено значење за историјата на светската кинематографија.

„Голи во седло“ (Easy Rider)

Така, на Пјаца Маџоре годинава можеше да се види филмот „Голи во седло“ (Easy Rider), од 1969 г., реставриран во соработка со Кинотеката во Болоња, филм во режија на актерот Денис Хопер, во кој тој настапува заедно со Питер Фонда, а двајцата се автори и на сценариото. Во импресивна дебитантска епизодна улога во овој т.н. „трип“ филм кој претставува омаж на хипи ерата, се јавува и Џек Николсон. Истовремено, филмот претставува и омаж на вестерн филмот, со тоа што овде двајцата главни ликови Вајат и Били, наместо да јаваат коњи, возат мотори на кои патуваат источно низ Америка за да стигнат на карневалот Марди Грас во Њу Орлеанс, локација каде што се случува и впечатливата, речиси документарна психоделична сцена што сугерира употреба на тогаш популарната дрога ЛСД, искуство што не им било непознато и на актерите на филмот за време на снимањето.

„Заборавените“ (Los olvidados)

Следниот ден, на Пјаца Маџоре беше проектириран филмот „Заборавените“ (Los olvidados), првиот значаен филм на Луис Буњуел снимен во Мексико, во црно-бела техника, во 1950 г. Имено, Буњуел, по снимањето на култниот надреалистички нем филм од 1929 г., заедно со Салвадор Дали, „Андалузиски пес“ (Un chien andalou), следната, 1930 г., добива пари од богатиот париски аристократски пар – Мари-Лори и Шарл де Ноаје за да сними уште едно надреалистичко дело. Така тој, по сценарио напишано повторно заедно со Дали, го снима својот прв професионален, а воедно и последен надреалистички класик  – „Златно доба“ (L’Âge d’Or), филм чија реставрирана верзија исто така можевме да ја видиме во Болоња, во киното „Арлекино“.

„Златно доба“ (L’Âge d’Or)

Но, првата проекција на овој филм во Париз предизвикува скандал, имено, десничарските активисти ја оневозможуваат заради прочуената филмска конфронтација на Буњуел со општествените авторитети: полицијата, католичката црква и аристократијата. Филмот е забранет во Франција во следните дури педесет години, сè до 1980 г., а филмската кариера на Буњуел е во голема криза и тој, освен документарецот „Земја без леб“ од 1933 г., снимен во Шпанија, не снима ништо во следните речиси дваесет години, што е единствен случај во светската кинематографија. Имено, се појавуваат гласови и дека загинал во Граѓанската војна во Шпанија. Вистината, секако е поинаква. Имено, тој, како и многумина други надреалисти, бега пред нацистите во САД, каде што извесен период работи во прочуениот музеј на современа уметност – Мома, во одделот за филмска уметност, по што, сосема осиромашен, со семејството заминува за Мексико каде што ја оживува својата кариера. Прв негов успешен мексикански филм е токму „Заборавените“, неореалистично ремек-дело во кое Буњуел со многу сочувство, но без патетика, ја раскажува приказната за група малолетни сиромашни момчиња, препуштени сами на себе, кои за да преживеат на суровите улици на Сиудад де Мексико се принудени да живеат опасно, односно да ограбуваат, па дури и да убиваат. „Сокровиштата на сонот се засекогаш затворени. Само раните се отворени“, пишува подоцнежниот нобеловец, мексиканскиот поет Октавио Паз за филмот на Буњуел во кој, на само нему својствен начин, се испреплетуваат љубовта и насилството, лудилото и нормалноста, злото и  доброто…

(продолжува)