Во организација на „Маруби“, Националниот музеј за фотографија од Скадар, Албанија, од 12 до 16 септември се одржаа „Деновите на европското културно наследство ’23“.
Тема на годинешната манифестација беше „Живо наследство“, а програмата се одвиваше низ организирани работилници, отворени јавни разговори со експерти од областа на заштитата на културното наследство и филмски проекции, а со цел да се подигне значењето на зачувување и промоција на културното наследството. Во рамките на манифестацијата беше поставена изложба на фотографии снимени од браќата Јанаки и Милтон Манаки, од фондот на Државниот архив на Република Северна Македонија, подрачно одделение Битола.
Во петте дена за време на одржувањето на манифестацијата беа организирани следните настани:
– Работилница „Љубителите на Манаки“ (“Manaki Fanzine”), водена од Теа Чуни, поврзана со изложбата на браќата Јанаки и Милтон Манаки. На работилницата беа вклучени студенти и млади уметници со цел да се направи фотокнига (фанзин);
– Работилница „Низ пикселите на сликата“, водена од Есмерилда Херови, исто така поврзана со изложбата на браќата Јанаки и Милтон Манаки. На работилницата учествуваа ученици од уметничкото училиште „Пренке Јакова“ од Скадар;
– Разговор со филмологот и филмски истражувач, м-р Игор Старделов – раководител на филмскиот архив на Кинотека на Северна Македонија. Предавањето беше на тема „Браќата Манаки – Балкански сликари со светлината“;
– Разговор со музикологот Микаела Минга – раководител на Одделот за фолклор при Институтот за културна антропологија и уметнички студии од Тирана. Предавањето беше на тема „Влашката музика: когнитивни патишта“; и
– Проекција на документарен филм „Браќата Манаки: Дневник на долг поглед наназад“, на романската режисерка Елиза Здру.






