Почина Мите Грозданов, доајенот на македонското глумиште.
Кинотеката на Македонија, како и македонската култура , театарот, телевизијата и филмската уметност, загубија една прекрасна личност, актер, срдечен човек, несебичен колега.
Актерството го студираше во Белград, а веднаш по враќањето во Македонија стана дел од ансамблот на Драмскиот театар. Беше добитник на Златниот ловоров венец што се доделуваше на Фестивалот на малите и експериментални сцени во Сараево, на Сребрената плакета на Фестивалот на монодрама во Земун, како на наградите доделени од Млад борец и на театарските игри Војдан Чернодрински во Прилеп.

Грозданов ја задолжи македонската кинематографија со своите улоги во „Црно семе“ (1971) на Кирил Ценевски, „Среќна Нова ‘49” (1986) на Столе Попов, „Планината на гневот“ (1968), „Републиката во пламен“ (1969) на Љубиша георгиевски, „Истрел“ (1972) на Бранко Гапо и „Татко/Колнати сме, Ирина“ (1973) на Коле Ангеловски.

Грозданов секогаш беше отворен за соработка со млади автори. Еден од неговите последни филмови е краткометражниот „Борба за смрт“ на Елеонора Венинова, кој учествуваше на неколку меѓународни фестивали.
Речиси пред година дена, во декември 2017, во Кинотеката на Македонија, со проекциии на филмови, снимки од тетарски претстави и избор од телевизиски проекти, Мите Грозданов го одбележа својот актерски јубилеј, кој го наслови 50 години професионализам и 63 години аматеризам.
Беше чест посетител и пријател на Кинотеката, ја следеше филмската програма и голем дел од настаните, премиерите и јубилеите поврзани со домашната и странската кинематографија. Неговото присуство од денес ќе го чувстуваме како отсуство, и нема да остане незабележано.

Почивај во мир чичко Мите и вечна ти слава.
