КОМПЕТИЦИЈА „КАМЕРА 300“ НА 40. ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“

Времињата во кои светот ја препознава својата цивилизациска реалност, за жал, се оловно тешки од многу аспекти кои ја отсликуваат декаденцијата на човештвото. На тоа вистинските автори неможат да останат слепи и да ја кријат вистината под тепих.

Во селекцијата Камера 300/COMPETITION CAMERA 300 природно морав да вклучам што повеќе филмови со таква, би рекол, експлозивна визуелна динамика што ги одразува и надградува идеите на сценаристите и режисерите. Таква група на екплозивни филмови инспирирани од светската современост се:

БЕДНИЦИ/LES MISERABLES, во кој ко-сценаристот и режисер Ladj Ly/Лаџ Ли, тргнувајќи од свои искуства, ја опсервира современа Франција и како ехо на демострациите на “Жолтите елеци”, во едно Париско гето, чија социјално-класна дијаметрална поделеност од богатите, како своевидна урбана герила – ја слика експлозивно одличната снимателска екипа, предводена од кинематограферот Жулиен Пупард/Julien Poupard; ЕЗЕРОТО НА ДИВИТЕ ГУСКИ/WILD GOOSY LAKE е застрашувачка хроника на современото кинеско општество со гангстерското подземје што е цена на “прогресот”,  безкомпромисно видување на сценаристот-режисер Јинан Диао/Yinan Diao, чиј кинематографер Јинсонг Донг/Jinsong Dong ја донесува визуелната егзекуција;

БИКОТ/THE BULL  и  ПИРАНИ/PIRANHA се сродни на предходниот филм, во првиот авторот Борис Акопов/Boris Acopov, ни’ го доловува руското подземје на гангстерските банди од времето на Јелцин, а тоа динамично експлозивно го слика младиот талентиран кинематографер Глеб Филатов/Gleb Filatov. Во вториот, режисерот Клаудио Џованези/Claudio Giovannesi, ја гради ескалација на тинејџерското подземје и војната на Неаполските гангстерски бaнди низ визуелната  хроника на искусниот кинематографер-режисер,  Даниеле Чипри/Daniele Cipri;

СИНОНИМИ/SYNONIMES на режисерот Надав Лапид/Nadav Lapid, е внатрешна психо-експлозија на еден млад Израелец, кој, бегајќи од својот идентитет полн со фрустрации,  осамнува   во Париз учејки француски, што е индиректно и коментар на загрижувачкиот антисемитизам, а кинематограферот  Шаи Голдман/Shai Goldman, неговата 7/24 одисеја, ја следи како визуелен сведок;

Романскиот, СВИРКАЧИТЕ/THE WHISTLERS е ефектен полициско-гангстерски трилер на искусниот сценарист-режисер Корнелиу Порумбоју/Corneliu Porumboiu, чии заплети од подземјето и бизарноста на свиркачкиот ритуал, кинематограферот Тудор Мирчеа/Tudor Mircea, ги преточува во визуелна загатка со импресивно аудио-визуелно финале.

Дека социјалните општествени неправди се постојана борба на обесправените од работничката класа и ним сличните, кои се борат за преживување во стегите на суровиот капитализам, но и како ехо на зачнатата авантура со Brexit- сведочи најновото дело на водечкиот британски тандем, сценаристот Пол Лаверти/Paul Laverty и режисерот Кен Лоуч/Ken Loach- филмот, ЖАЛИМЕ ШТО ВЕ ПРОМАШИВМЕ/SORRY WE MISSED YOU, во кој распадот на едно семејство го слика со документаристичка  непосредност, искусниот кинематографер Роби Рајан/Robby Ryan.

Како  претставник на познатите имиња, наши предходни лауреати, ја посочувам првата дама на полската кинематографија-Јоланта Дилевска/Jolanta Dylewska, која по предходниот филм “Трага на дивеч”/”Spoor”, одново, по 5 пат, се појавува во нашата компетиција и тоа по втор пат во тандем со режисерот Сергеј Дворцевој/Sergey Dvortsevoy (по нивниот одличен филм “Тулпан”/”Tulpan”). Со еднаква драмска и визуелна силина се надоврзува нивниот филм АЈКА/AYKA, како германска продукција на една современа, интимистичко-егзистенцијална драма од руското секојдневие, во чиј фокус е младата жена Ајка, која е постојано следена од камерата како нем сведок на нејзината животно потресна драма, како дојденка во Москва во суровата борба да се преживее, а како ново мајсторство на кинематограферката Дилевска и нејзините сниматели-соработници.

Бразилскиот филм, НЕВИДЛИВИОТ ЖИВОТ НА ЕВРИДИКА ГУЗМАО/THE INVISIBLE LIFE OF EURIDICE GUSMAO, базиран на ефектно прозно дело, не’ втурнува во драмата на две сестри трагично разделени со децении, со ефектна режија на Карим Ајнуз/Karim Ainouz, кому тропското поднебје на вечниот Рио со сета животна драматика, му го преточува визуелно зашеметувачки, една од водечките француски кинематограферки, Хелен Лувар/Helene Louvart.

Два филма се карактеризираат со суптилитет во режијата и осoбено во визуелниот израз на доловување на психо-драмите: германскиот ЛАРА/LARA на режисерот Јан-Оле Герстер/Jan-Ole Gerster, во кој откритието на Браќа Манаки, наш лауреат и многукратен учесник во нашите компетиции, сега искусниот и водечки германски кинематографер ,Франк Грибе/Frank Griebe, ни’ ја доближува морално-психолошката драма на мајката Лара. Исландскиот БЕЛ, БЕЛ ДЕН/A WHITE, WHITE DAY , на водечкиот режисер на оваа мала но витална кинематографија, Хлинур Палмасон/Hlynur Palmason, исто така гради морална психо драма за изневерената љубов, а талентираната млада кинематограферка  Мариа фон Хаусволф/Maria von Hausswolff, на филмот му вбризгува магиски поетска фотографска гама, што е суштината на креативната убавина на овој мал-голем филм.

Конечно, како врв на задоволството за квалитетната селекција во Компетицијата Камера 300- е ремек делото, според мене моралниот победник во Кан-БОЛКА И СЛАВА/DOLOR Y GLORIA/PAIN AND GLORY, автобиографска визија за себе како човек и уметник, на сценаристот-режисер, Педро Алмодовар/Pedro Almodovar, што со маестрална колоратурна лепеза ја збогатува нашиот предходен Лауреат на Златната Камера 300 за животен опус, великанот, кинематограферот, Хосе Луис Алкаине/Jose Luis Alcaine.

 

Благоја КУНОВСКИ-ДОРЕ

Селектор и Уметнички Директор