Од вечерва, 8 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч. на програмата на Кинотеката е косовско-македонско-чешко-луксембуршко-албанската копродукција УЛИШТЕ (Hive) на дебитантката Блерта Башоли (Blerta Basholli) во шест термини за проекции.
УЛИШТЕ беше официјален косовски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар меѓународен филм и се најде на потесната листа од 15 кандидати за 94то доделување на наградата, но сепак не се најде меѓу номинираните филмови.
Сторијата на УЛИШТЕ (или кошница за пчели) е инспирирана од вистински настан во поствоено Косово: во масакрот на стотина Албанци во селото Велика Круша е исчезнат и сопругот на Фахрије (ја игра одличната Јилка Гаши / Yllka Gashi). Фахрије нема друга можност освен на секаков начин да обезбеди егзистенција за нејзините две деца и стариот и немоќен свекор, притоа борејќи се и со предрасудите на патријархалната средина.
УЛИШТЕ е дебитантски филм на авторката Башоли и е трикратен добитник на награда на 38 филмски фестивал „Санденс“ во САД годинава.

УЛИШТЕ
(Hive)
Игран филм, Косово / Македонија / Чешка / Луксембург / Албанија
2021, 84 мин., колор, ДЦП
Режија: Блерта Башоли (Blerta Basholli)
Сценарио: Блерта Башоли (Blerta Basholli)
Улоги: Јилка Гаши, Чун Лајчи, Аурита Агуши, Кумрије Хоџа, Адриана Матоши (Yllka Gashi, Çun Lajçi, Aurita Agushi, Kumrije Hoxha, Adriana Matoshi)
Фахрије е жена чиј сопруг e исчезнат уште од војната во Косово. Таа започнува мал земјоделски бизнис за да го прехрани своето семејство во традиционалното патријархално опкружување каде на нејзината амбиција да биде еманципирана не се гледа како на позитивна работа. Првичниот обид со група соселанки да прават ајвар кој ќе го пласираат за продажба низ маркетите наидува на неразумен отпор кај машкиот дел од комшилукот, како и фактот дека Фахрије положила возачки испит и вози автомобил. Тука е и недоразбирањето со свекорот, кој не сака да даде материјал за ДНК анализа, со кој би се утврдило дали остатоците на неговиот син се наоѓаат меѓу најдените во масовната гробница.
Сепак, потфатот на Фахрије е незапирлив, и таа започнува да живее во новата ситуација, соочувајќи се со многу непријателска реалност…
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
Останати проекции:
9 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.
10 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
15 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
16 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.
28 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
