МЕЃУНАРОДНО ЖИРИ НА 40. ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“

ЕДВАРД ЛАКМАН

Кинематографер/ САД – претседател

Роден е на 31 март 1948 година во Мористаун/Morristown, Њу Џерси/New Jersey, САД/USA.

Студирал  на Универзитетот во Харвард (ВА, 1965), потоа продолжил со школувањето на Универзитетот во Тур/Tours, Франција, а во 1969 дипломирал  сликарство (BFA Painting) на Универзитетот  во Охајо/Ohio.

Ед Лакман е со децении во врвот на американските и светските кинематографери, со неколку филмови оскаровски кандидати, за кои требаше да добие барем еден „ Оскар“, но заврши со 2 номинации. Тој е годинашен лауреат на ЗЛАТНАТА КАМЕРА 300 ЗА ЖИВОТЕН ОПУС на 40-тото јубилејно издание на ИФФК БРАЌА МАНАКИ.

 

НЕНАД ДУКИЌ

Филмски критичар, фестивалски селектор и продуцент / Србија – член

Моментално е потпретседател на Федерацијата на европски филмски критичари (ФЕДЕОРА), член на Европската филмска академија, уметнички директор на Фестивалот на европски филм во Палиќ и селектор на Интернационалниот филмски фестивал во Братислава, а исто така го продуцирал филмот избран на Берлиналоти, добитник на наградата на ЕФА и кандидат за Оскар „Реквием за г-ѓа Ј“ (2017), а го копродуцирал победничкиот филм на Кан во 2015 година, „Звиздан“.

Тој е филмски критичар на Радио Белград и беше коресподент за списанието „Холивуд репортер“ од ЛА, светската радиодифузија на Би-би-си и берлинското радио РББ.

Објавувал филмски критики, коментари и теоретски осврти во разновидни југословенски, српски и странски филмски списанија („Вараети“, „Мувинг пикчрс“, „Филмограф“…)

Бил потпретседател на Меѓународната федерација на филмски критичари (ФИПРЕСЦИ) и уметнички директор на Меѓународниот филмски фестивал во Белград – „Фест“.

Држел предавања за филмот на различни универзитети, како Универзитетот „Џорџ Мејзон“ (Вашингтон ДС), Универзитетот „Вилијам Патерсон“ (Њујорк), Факултетот за драмски уметности (Белград).

Продуцирал четири долгометражно играни филмови за својата продукциска куќа „ЈИЕ Филм про“.

Ненад Дукиќ дипломирал и магистрирал на Факултетот за драмски уметности во Белград. Роден е во Белград, на 5 октомври 1947 г.

 

ДОМИНИК ВЕЛИНСКИ

Дистрибутерка-продуцентка / Франција – член

Во февруари 2012 година, по повеќе од 20 години поминати во филмската дистрибуција, таа ја основала продукциската куќа ДВ (DW). Во 2013 година го развила концептот на Фабрика за спојување на меѓународни филмаџии во подем да ко-режираат кратки филмови. Првото издание било Фабрика Тајпеј, потоа Нордик, Чиле, и Фабрика Јужна Африка, Либан и Тунис. Сите Фабрики ја отвориле програмата „Кинзан“ на Кан. Од 2012 година, таа работи како консултантка за меѓународна стратегија и развој со компании насекаде низ светот. Исто така е и експертка и обучувачка за Фабрика на светските кинематографии (Француски институт, Кан), Пазарот на Кан, Продуир о Суд (Нант), Отворени врати Локарно и МЕДИА.
Продуцирала или копродуцирала меѓународно наградени филмови: ПТИЦИ ВО ПЛАМЕН, СТИХОВИ НА ЗАБОРАВОТ, ПАТОТ ДО МАНДАЛЕЈ, РАНАТА, КУЌАТА НА МОИТЕ ТАТКОВЦИ.

Нејзината продукциска куќа ДВ ги развива: АМА, ШИКОЛБАХА, ХАВА ХАВАИ, ДУРИ И МАГАРИЊАТА СЕ КААТ и документарецот ЗАДУТРЕ.

 

КАЛОЈАН БОЖИЛОВ

Кинематографер / Бугарија – член

Роден е во февруари 1984 година во Софија, Бугарија. Дипломиран директор на кинематографија, се школувал на Националната академија за театарски и филмски уметности (НАТФА) во Софија. Награден како најдобар ДнФ/Најдобра камера, со Златна ружа за филмот „Отуѓување“ во 2014 година и за АГА во 2018 година; Најдобар технички придонес на Меѓународниот филмски фестивал и награди во Макао за филмот АГА во 2018 година и Златен лак на Филмскиот фестивал Исток и Запад за АГА во 2019 година. На 39. издание на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, 2018 година, филмот АГА беше во главната конкуренција „Камера 300“.

ФИЛМОГРАФИЈА: СВЕТА СВЕТЛИНА (2010, реж. Георги Тенев); ОТУЃУВАЊЕ (2013, реж. Милко Лазаров), АГА (2018, реж. Милко Лазаров; ОСТРОВ НА ПТИЦИТЕ (ТВ-серија, 2018, реж. Кристина Грозева и Петер Вјлчанов; РАЈА НА ДАНТЕ (2019, реж. Димитар Радев).

 

ФЕЈМИ ДАУТ

Кинематографер / Северна Македонија – член

Роден е во Скопје во 1980 година. Од млад се занимава со фотографија, а како професионален ТВ-снимател работи од 1998 година. Во 2000 година ги започнува студиите на ФДУ/Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што во 2005. дипломирал на катедрата за филмски и ТВ сниматели. Во својот ран период интензивно работи како асистент на камера на играни филмови во Македонија, Србија, Албанија и Косово. Во 2011 година започнува да работи самостојно како кинематографер на филмови за кои добива интернационални награди, меѓу кои се издвојуваат LAKE OF APPLES/ЕЗЕРО НА ЈАБОЛКА,  наградуван на фестивали за еколошки развој и ПОСЛЕДНИТЕ КАМБАНИ, за кој е награден како кинематографер на фестивалот во  Light for World во Јарослави, Русија. За неговиот најнов филм, долгометражниот документарец МЕДЕНА ЗЕМЈА (2019), е награден како најдобар кинематографер на престижниот светски фестивал во Санденс/САД, а филмот се закити исто така и со Специјалната награда на жирито за најдобар долгометражен документарен филм. МЕДЕНА ЗЕМЈА учествуваше  и на многу други интернационални фестивали низ светот (а исто така беше селектиран  и меѓу 13-те најдобри европски филмови за наградата  „Лукс“ што ја доделува Европскиот парламент).